Зазимување и подготовка на пчелите

Зазимување и подготовка на пчелите

Активностите поврзани со подготовка на пчелите за зазимување не смее да ги пропушти ниту еден пчелар. Вообичаен период за тоа е месец август, а  преставуваат најзначајни активности во одгледувањето на пчелите бидејќи  од тоа ќе зависат идните резултати на пчеларникот. Фазата на зазимување  има огромно значење за процентот на преживеани пчелни семејства и нивната јачина  во раниот пролетен период.  Оттука месец август се смета за  почеток на новата пчеларска година.

Во пчеларството месец август се смета за старт за нова сезона. Таа е исполнета со низа активности кои на пчеларот ќе му обезбедат добри резултати. Тогаш се подготвуваат пчелите за зазимување. Проверката во каква состојба се пчелните семејства мора да се направи. Овде не се мисли само на јачината на семејствата туку и проверка од евентуални болести. Една од нив е болеста Вароа која доколку не се открие на време може да нанесе големи штети во пчеларникот.

Активности за зазимување

Во овој период одгледувачите на пчели  треба да ги преземат следниве активности:

  • Правилен распоред на леглото, храната и пчелите во кошницата за создавање на силни пчелни семејства
  • Стимулација на матицата за создавање на повеќе легло и млади пчели
  • Обезбедување на доволно квалитетна храна за зимскиот период
  • Обезбедување на правилна вентилација во кошниците
  • Контрола и спроведување на превентивни мерки за заштита на пчелите од болести и штетници (здравствена сосотојба на пчелите).
Зазимување на пчеларник

По завршувањето на последното вадење на мед потребно е пчелните семејства да се ограничат со простор, доволен за сместување на целото семејство.

Преглед на пчелни семејства

При прегледот на семејствата треба да се види и нивната развиеност т.е. доколку имаме слабо развиени пчелни семејства со 2-3 улици пчели или средно развиени со 3-4 улици пчели, истите треба да ги споиме кон поразвиените. Спојувањето е заради добивање на силни пчелни семејства и поминување на зимскиот период безгрижно и можност за формирање на пролет нови пчелни семејства (нуклеуси).  Големиот број на слабо или средно развиени пчелни семејства имаат помала економска вредност од помал број силно развиени пчелни семејства.

Зазимување во месец август

Климатските промени имаат големо влијание во пчеларењето. Во последните години има многу високи температури, сушен период и недостаток на нектарска паша. Најголем дел од пчелните семејства ја намалуваат површината под легло со што се намалува и јачината на семејството. Ова најмногу е изразено кај стационарното пчеларење и во низинските региони каде сушнот период се јавува уште во првата половина на летото.

Стимулативна прихрана на пчели

Одгледувачите на пчели треба да започнат со редовна стимулативна прихрана на пчелите за да го зголемат леглото и да создадат силни пчелни семејства за зимскиот период.

Месец август е битен за оваа прихрана бидејќи подоцнежното и одложеното стимулативно прихранување може да има негативни последици по кондиционата состојба на семејството, а со тоа се намалуваат можностите за преживување на истото до пролет.

Подготовка  на пчелите

Стимулативната прихрана се применува во многу мали количини (300мл ) по пчелно семејство во концентрација 1:1 шеќерен сируп. Оваа прихрана се дава во интервал од 3 дена со повеќекратно повторување (5-7 пати).

Со стимулативната прихрана се обезбедуваат одлични услови за одгледување на доволни легла и млади пчели кои учествуваат во формирањето на зимското клубе од кое најмногу зависи успехот на презимувањето на пчелното семејство.

СЦЗРР