Заштита на овошките од дивеч и глодари

Заштита на овошките од дивеч и глодари

Заштита на овошките од дивеч и глодари е особено важна во зимските денови. Тогаш кога им снемува храна ја наоѓаат кај младите овошки и садници. На тој начин нанесуваат штети од кои овоштарите може да се спасат со неколку мерки.

Заштитата на овошните насади од дивеч и глодари е една од мерките која овоштарите треба да ја имаат испланирано во својата програма на активности. Ова не смее да се занемари бидејќи штетите кои може да бидат нанесени може да бидат големи.

Ова може да се јави во оној период од годината кога на дивечот и останатите животни им снемува храна, најчесто  во есен и зима. Најчесто на мета кај зајаците, срните и другиот дивеч се младите овошки и садниците во расадниците.

Помалиот дивеч ја гризе кората на овошките, а повисоките ги јадат младите гранчиња. Штетата не е секогаш иста. Доколку изгризаната кора  е незначителна, садницата ќе може да заздрави но тоа ќе се одрази на идниот развој на садницата. Доколку нагризувањето на кората е големо, може да настани и сушење на садницата.

Мерки за заштита  на младите садници

Постојат повеќе мерки со помош на кои овоштарите може да го заштитат својот овошен насад. Тие може да бидат:

– механички и

-хемиски.

Механичката заштита може да биде со поставување на жичана ограда на овоштарникот. Оваа мерка е функционална , но може да биде скапа инвестиција. Праксата покажува дека најефикасна заштита  е обвиткувањето на садницата со жичана мрежа. Оваа мрежа се поставува на одредено растојание така што може да остане повеќе години без да смета во извршувањето на потребните активности околу грижата на насадот.

Садниците може да се заштитат и со замотување на стеблата со слама, пченкарни или други остатоци, пластична фолија или друг отпаден материјал. Ваквиот начин на заштита е помала инвестиција, но може да привлечат глодари кои исто така може да предизвикаат проблеми.

Премачкувањето со хемиски средства  се покажало како ефикасен метод за заштита на овошките од дивеч и глодари. Стеблата на младите овошки  се премачкуваат или прскаат со хемиско средство,  но треба да се биде многу внимателен. Изборот треба да се направи на оние препарати кои се наоѓаат на листата на одобрени средства.

Постарите овоштари применувале најразлични мерки со цел да се одбранат од непосакуваните штетници. Приготвувале најразлични смеси со карактеристичен мирис. Со нив ги премачкувале стеблата на младите овошки кои  ќе ги одвратува животните од овошките.

Изработувале најразлични реквизити, со чија помош ги одвраќале животните и помалиот дивеч. И во денешно време некои овоштари  прават најразлични плашила. Врзуваат ленти или обесуваат разни  предмети кои испуштаат одреден звук или светлина што би ги исплашило евентуалните несакани посетители во овоштарникот.

СЦЗРР