Избор на локација за изградба на фарма за молзни крави

Избор на локација за изградба на фарма за молзни крави

Локацијата, односно просторот каде ќе биде  подигната една фарма е од големо значење за развојот на бизнисот на еден фармер. При изградба на краварска фарма не само што треба да се обезбедат оптимални услови за благосостојба на животните туку треба да бидат запазени и услови согласно животната средина и близината на населено место.

Искористувањето на генетскиот потенцијал на молзните крави во современото производство на млеко се базира на добра исхрана, нега и обезбедување на оптимални услови во објектите каде што овие животни се одгледуваат.

Кај нас постои разноликост во начините на одглeдување на молзни крави. На помалите фарми животните се одгледуваат најчесто во неадекватни и импровизирани објекти кои не ги задоволуваат ниту најминималните услови за обезбедување на благосостојба на животните.

Високопродуктивните раси на молзни крави со добар генетски производен потенцијал најчесто поради лошите услови на сместување, исхрана и нега не можат да го исполнат својот потенцијал.

Објектите за одгледување треба да им обезбедат на животните да бидат третирани како свесни суштества на начин кој е најсоодветен за нивните потреби.

Услови кои треба да бидат запазени при изборот на локација

Изборот на местото за изградба на фарма за молзни крави мора да се базира на целта и намената на производството.

Земјиштето на кое ќе биде изградена фармата за молзни крави треба да е суво и исцедно место, со ниско ниво на подземните води, пропустливо за атмосферските води. и со благ пад (нагиб).

Локацијата на која ќе се гради објектот за молзни крави треба да биде обезбедена со извор на вода и пристап до електрична енергија. Исто така локацијата треба биде заштитена од удар на доминантните ветрови во тоа подрачје и да е добро поставена према сончевата светлина.

Фармата треба да е оддалечена од населени места и други сточарски објекти, да е добро поврзана со патна инфраструктура патишта до земјоделските површини, за дотур на храна и лесна комуникација со потрошувачките центри.

Истовремено треба да се предвиди и просторот за дополнителни помошни објекти и опрема како што се: магацин за сено, силоси, помошни објекти, објекти за сместување на арското ѓубриво, објекти за опрема и механизација и други објекти.

Објектите треба да обезбедуваат доволно природно светло во шталите, да го олеснат доводот на храна, транспортот на арското ѓубриво итн. Новиот објект за молзни крави треба да биде оддалечен најмалку 200 м од населените места, околу 1.000 метри од фабрика за шеќер и најмалку 100 м од преработувачките капацитети за храна за луѓе и јавни комуникации.

Кај ниски објекти помеѓу два објекта се предвидува празен простор од 20 до 50 м, а кај високи објекти овој простор треба да е повеќе од 50 м. Растојанието помеѓу фармите со различни видови и категории животни 1 км и повеќе.

СЦЗРР