Компирот е високо доходовна култура за која доколку се применат соодветни мерки за одгледување може да се добијат високи приноси, а следствено на тоа и добар приход. Како и останатите култури и компирот за добар раст и развој бара соодветни агроеколошки услови, топлина, светлина, вода, почва.
Компирот е растение кое се користи во исхраната на луѓето и домашните животни. Се одгледува скоро во цел свет. Неговото потекло е од Јужна Америка. На Андите го одгледувале илјадници години пред нашата ера. Во Европа го донеле Шпанските истражувачи во средината на 16 век. Играл значајна улога во искоренувањето на гладот во Европа. Во исхраната на човекот се употребува варен или печен. Се смета за најупотребуван зеленчук во исхраната. Во 100гр. Компир енергетската вредност изнесува 322кј. Во составот на компирот најголем процент отпаѓа на вода по што следуваат јаглехидратите, содржи витамини: Ц и Б, а од минералите калциум, железо, фосфор, калиум.Како и останатите култури и компирот за добар раст и развој бара соодветни агроеколошки услови, топлина, светлина, вода, почва.
Компирот бара соодветни агроеколошки услови
Температура
Во текот на вегетацијата на компирот му одговара умерено висока температура. Не трпи ниски температури, од кои ако е изложен ќе изгини. Исто не трпи ниту високи температури на кои ако е изложен ќе се одрази на приносот. Клубените ртат на температура од 5 С̊ , односно кога температурата на почвата изнесува од 8-10С̊.
Светлина
Во зависност од сортата компирот вегетацијата е различна. Може да биде растение на кус или долг ден, но постојат и неутрални. Има рани сорти кои формираат клубени и на кус и на долг ден. При кус ден периодот на вегетација е покуса.
Вода
Во текот на својата вегетација компирот бара умерена влажност и при недостиг на влага значително се намалува приносот и квалитетот на плодот. Добро е кога влагата е квалитетно распоредена во текот на целата вегетација. При долготрајна суша кога веќе клубените се формирани, наредните дождови или наводнувања може да доведат до прортување на клубените и формирање на нова надземна маса.
Почва
За одгледување компир најмногу одговара лесна, пропустлива и плодна почва. Не поднесува тешки, влажни и непропустливи почви. Почвата треба да биде без камења и крупен песок. Најдобри се почви со РН вредност од 5,5 – 6,5. Ако почвата е кисела приносот ќе биде помал и со послаб квалитет.

Агротехнички мерки за одгледување компири како доходовна култура
Плодоред
Плодоредот е основно начело на кое треба да се внимава. Ако компирот се одгледува како монокултура тогаш постои опасност од болести и штетници. Со правилен плодоред може да се подобри квалитетот на приносот. Компирот на иста парцела може да се сади дури после 3-4 години. Најдобри предкултури едногодишни или повеќегодишни легуминози, треви, тревно легуминозни смески итн. Компирот се смета за добра предкултура за многу поледелски култури бидејќи ја остава земјата ровка и исчистена од плевелите.
Обработка на почва
На есен се извршува основна обработка кога во зависност од особините на почвата се ора на длабочина од 35-40см или во планинските подрачја од 20 – 25см. На почва со лоша структура на земјиштето, ерозија или наклон обработката се прави напролет. Дополнителна обработка на почвата се прави ако треба да се коригираат некои недостатоци од основната обработка, да се затворат некои бразди, да се иситнат евентуално големи грутки и да се израмни површината. Пред самото садење се прави претсеидбена подготовка на почвата на длабочина од 10-12см со цел да се растреси почвата и да се создадат подобри услови за ртење на клубените.
Ѓубрење
Количината и видот на ѓубривото најмногу зависат од почвата, преткултурата, изборот на сорта, очекуван принос. За да се добие поголема количина компири на ѓубрењето треба да се обрни големо внимание. Во основа тоа е органско и минерално ѓубриво.Азот, фосфор и калиум се елементите од кои зависи растот и развојот на културата. Сите тие придонесуваат во зголемувањето на приносите , но тоа ќе се постигне ако тие се наоѓаат во соодветен размер. Доколку очекуваните приноси се 40т/ха потребни се 150кг/ха азот, 165кг/ха фосфор и 250кг/ха калиум. Во почетната фаза од развојот најпотребен е калиумот. Неговата потреба се намалува во фазата на цветање. Во таа фаза помала е потребата од азот и фосфор која својот максимум го има со затворањето на редовите. Голем дел од овие елементи се внесуваат во ѓубрењето со основната обработка на почва, а остатокот се користи како прихрана.

Сорти на компири
Сеењето и садењето на компирите зависи од сортата. Од правилниот избор зависи и рентабилноста на производството. Бидејќи постојат многу сорти, во зависност од периодот на вегетација како и неговата намена, потребно е да се пристапи со големо внимание при изборот на семе од соодветна сорта.Според должината на периодот на вегетација постојат 3 вида на сорти:
-рани со период на вегетација од 70-90 дена;
-средно рани со период на вегетација од 120-135 дена и
-доцни од 135-150 ден.
Според тоа за што ќе се употребува, компирите се делат на:
– трпезни (за готвење и салата),
-индустриски ( за преработка и тој содржи 18%скроб),
-добиточни(за сточна храна и содржат повеќе проценти белковини) и
-комбинирани.
Садење компири
Покрај должината на вегетацијата и намената за што ќе се употребуваат компирите, при изборот на сорта потребно е да се земат во предвид и други параметри како: оддалеченоста и потребите на пазарот и климатско почвените услови.Се препорачува секогаш да се купува квалитетен саден материјал од познат производител, со декларација. Семето, односно клубените треба да бидат изедначени, без деформации и оштетувања, со големина од 50-80 грама. Од нивната големина ќе зависи и како ќе се садат на која оддалеченост и длабочина. Оптимална големина на клубените е 40-55мм на кои може да се формираат 4-5 главни стебла или 20-25 на метар квадратен.
Подготовка на садниот материјал
Пред да се пристапи на садење, клубените се оставаат да ртат. Овој процес се прави во темни и влажни простории. Клубените се ставаат во дрвени или пластични гајби. Со појавата на ркулци се зголемува светлината и температурата во просторијата каде се чуваат клубените. Просторијата во која се ртат клубените трба редовно да се проветрува. Периодот на ртење е различен во зависност од сортата, но во просек тој е 35-60 дена. Влажноста на воздухот треба да биде од 85-90%. Садењето се врши кога температурата на почвата е над 8 степени . Ако садењето се направи на ладна и влажна почва тогаш не само што се продолжува времето од садење до никнување туку и квалитетот на поникнување ќе биде поредок.
Времето на садење компири освен од сортата зависи и од почвено климатските услови на подрачјето каде што ќе се сади
Рано пролетни сорти се садат во потоплите реони и тоа се врши во периодот од средината на февруари до средината на март.Во рамничарските реони со континентална клима садењето се врши од средината на месец април до средината на месец мај.Има и летно садење од 15 јуни до 15 јули. Овој период е најпогоден за производство на семенски материјал. На нашите простори најмногу се практикува рано – пролетното садење на компири кои најмногу се користат за исхрана.Компирите се садат на длабочина од 8-12см, на полесни песокливи почви, додека на потешки садењето се прави на 6-8см. после што се покриваат со 5-6 см слој земја.Садењето може да се прави машински или рачно. Растојанието меѓу редовите за машинска обработка треба да изнесува од 70-80см односно од 50-60ма за рачно садење.
Нега на насад со компир
Браносување, прашење, прихранување, нагрнување, наводнување и заштита од штетници и болести се мерките кои се преземаат за нега на насадот.Целта на сите овие мерки е да се сочува ровкоста на почвата, да биде воздушеста што ќе обезбеди правилен развој на растенијата. Браносувањето се применува кога после дожд земјата фатила кора, за да се искрши и изрони земјата. Кон прашење се применува откако ќе никнат растенијата на 7-10 дена. Оваа постапка потребно е да се изврши повторно после 10-12 дена. Најдобро е да се врши кога почвата е умерено влажна. Кога растенијата ќе стигнат висина од 12-15 см треба да се пристапи кон нагрнување или грлење на компирите. Оваа мерка треба да се изврши со посебно внимание и да не се чека да прераснат компирите бидејќи подоцна постои опасност да бидат оштетени надземните делови на компирите од самиот алат што се користи.
Наводнување на насад со компири
Многу важна мерка во одгледувањето компири е наводнувањето. Кон наводнување треба да се пристапи кога влажноста на почвата изнесува 60% односно тогаш кога почвата не ја задржува формата кога ќе се земе во рака и се стегне или лесно се рони низ прстите. При недостиг на доволно влага може да дојде до несакани појави како што е пукање на клубените по површината, израстоци и сл. Во текот на вегетацијата на компирите им е потребно од 1 500 – 2 500 м3 вода.На компирите му се потребни од 10 – 50 л вода на м2 зависно од начинот на наводнување. Тоа може да биде организирано со налевање преку бразди, со оросување и систем капка по капка. Најефикасно наводнување е со систем капка по капка.

Берба на компири
Кога компирите ќе достигнат технолошка зрелост треба да се пристапи кон вадење од земјата. Како ќе се знае дека компирот ја достигнал таа зрелост ќе се знае по тоа што надземниот дел ожолтува , се суши и се дели од клубените, а при триење кожата не се лупи. Кожата на компирите треба да ја има таа цврстина што ќе обезбеди манипулација на компирите без тие да претрпат оштетувања. Ова е особено важно за раните сорти. Младиот компир стигнува за берба во првата половина на месец мај, додека меркантилниот крајот на јуни.Бербата може да се врши рачно со мотика или машински со специјална опрема која се приклучува на трактор или пак специјален комбајн за берба на компири. При бербата треба да се внимава компирите да не се оштетат и да го задржат својот естетски изглед.Бербата се организира кога времето е суво, а почвата не е влажна, со што компирите ќе бидат чисти. Во зависност од сортата, почвено климатските услови и примената на агротехнички мерки може да се добие принос од 30 – 50 т компири од хектар.
Советодавен центар за
земјоделство и рурален развој