Луцерката е повеќегодишно мешункасто растение. Потекнува од Мала Азија и се смета за главна култура во одгледување на фуражни растенија. Заради нејзините хранливи состојки најчесто се користи за сточна храна. Може да се употребува за сено, зелена маса, луцеркино брашно и др. Сеното од луцерка се смета за најхранливо. При одгледување луцерка со примена на добар агротехнички8 план може да се добијат добри резултати.
Постојат над стотина видови од растението луцерка. Во природата ги има во вид на трева, од мали па до грмушки што може да пораснат и до еден метар. Покрај за храна на животните, наоѓа примена и во производството на адитиви, лековити средства како и козметички препарати. Идеална е за подобрување на составот на почвата со азот, а помага и во контролата на ерозија на почвата. Развиениот коренов систем ги храни и луцерката и почвата. За што и да се користи за нејзиното одгледување треба да се направи добар план и да се пристапи сериозно кон примената на потребните агротехнички мерки со цел да се добие квалитетен принос.
Корисни својства на луцерката
Луцерката е растение кое најчесто се одгледува за производство на зелена маса. За таа цел на одредена површина може да се одгледува од 5-7 години. Неопходна е примена на цел сет од агротехнички мерки за да се одржат потребните услови кои го продолжуваат животот на растението и го зголемуваат количеството на произведена зелена маса.

Во својот состав содржи протеини, минерали и витамини. Од големата разновидност на компоненти ги издвојуваме алкалоидите бетаин и стахидрин , нерастворливи влакна, протеини, танини. Аминокиселините аспарагин и триптофан како и минералите алуминиум , бор, калциум, хром, кобалт, фосфор, железо, магнезиум, манган, калиум, селен, силициум, натриум и цинк. Од витамините ги има: А,Ц,Е,К и Д кои позитивно влијаат во исхраната на животните.
Нутритивна вредност во 100гр
– Енергетска вреднсот: 20-25 kcal
– Јаглехидрати: 2,0-2,5 гр
– Диететски влакна: 1,8-2,0 гр
– масти: 0,5-0,8 гр
– Протеини: 4 гр
– тиамин (витамин Б.1): 0,076 мг
– Рибофлавин (витамин Б.2): 0,126 мг
– ниацин (витамин Б.3): 0,481 мг
– пантотенска киселина (витамин Б.5): 0,563 мг
– пиридоксин (витамин Б.6): 0,034 мг
– витамин Ц: 8,2 мг
– витамин К: 30,5 μg
– Калциум: 32 мг
– Фосфор: 70 мг
– Ironелезо: 0,96 мг
– Магнезиум: 27 мг
– Манган: 0,188 мг
– Калиум: 79 мг
– Натриум: 6 мг
– Цинк: 0,92 мг
Поради разновидниот состав наоѓа примена покрај во исхраната на животните и во производство на адитиви во храна, лековити средства како и козметички препарати.
Луцерката како култура е од големо значење во исхраната на домашните животни. Најчесто се користи во вид на сено.
Избор и подготовка на почва за одгледување луцерка
Луцерката е растение кое бара умерено и влажно поднебје. Најмногу ѝ одговара почва со оптимална РН вредност од 6,2 – 7,7. На кисели почви никнувањето е отежнато. Посевот е редок и со мал век на живеење. Поради ова на ваквите почви потребно е да се направи калцификација, односно да се внесе во почвата иситнета вар како би се неутрализирала нејзината кисела вредност.
Квалитетот на луцерката и нејзиниот принос во голема мера зависат од правилното обработување на почвата и ѓубрењето со соодветно ѓубриво. Подготовката на почвата за сеење луцерка започнува со плитко орање на површината после жетвата на нејзините претходници. После ова следува основна обработка на почва со заорување на минерални ѓубрива и вар на длабочина од околу 30 см. Луцерката нема потреба од азотни ѓубрива. Има помала потреба од фосфор, а големи се барањата за калиум.
Количината на употребените минерални ѓубрива при основната обработка се доволни да ги задоволат потребите на луцерката во рок од три години. Во четвртата година се прихранува со Р и К ѓубриво. Прихраната со фосфор и калиум се смета за поефикасна ако се направи во есен, бидејќи хранливите материи ќе може подлабоко да продрат.
Избор на семе
Сеењето на луцерката може да се направи на пролет или во есен. Сеедно кога се сее треба да се одбере квалитетно, сортно семе. Конкретно периодот на сеење зависи од климата каде се наоѓа парцелата на која ќе се сее луцерка. Се смета дека есенското сеење може да донесе подобри и поголеми резултати.
За еден хектар површина потребни се 20-25 кг семе. Семето може да се сее само или во комбинација со други мешунки. Може да се сее рачно или машински. Ако се сее за сточна храна тогаш се сее на меѓуредово растојание од 12 – 15 см. Ако се сее за добивање семе тогаш растојанието помеѓу редовите треба да биде од 30 – 70 см. Длабочината на сеењето е до 1,25 см зависно од типот на почвата.
Одгледување луцерка и грижа за посевот
Луцерката е растение кое не е тешко за одгледување и нема големи барања. Навременото наводнување, прихрана и заштита од штетници може да резултира со добри приноси. Првото наводнување по сеењето на луцерката треба да биде кога таа ќе достигне 15 см висина. Треба да се води сметка да не е прекумерно. Следното наводнување треба да се направи при формирање на пупки.
Ако има доволно врнежи од дожд, прекумерното наводнување може лошо да се одрази на растењето, а понатаму и на косењето. Растението развива добар коренов систем што му овозможува да извлече влага од почвата и во суви услови. Ако почвата каде се одгледува луцерката има подземни води тогаш наводнувањето се намалува.
Што се однесува за ѓубрењето луцерката добро ги толерира и минералните и органските ѓубрива. Покрај основното ѓубрење пред сеење, на пролет може да се прихрани со фосфорни и азотни ѓубрива со цел да се подобри растот и цутењето на културата.

Косење на луцерката
Косењето е една од најважните агротехнички мерки при одгледувањето луцерка. Од правилното и навремено извршување на оваа операција ќе зависи понатамошниот животен век на оваа култура.
Кога и како ќе се врши косење на луцерката зависи од нејзината примена, за што ќе се употребува. Таа може да се употребува за сено, зелена маса, луцеркино брашно и др. Најмногу се употребува за сено за храна на животни и тоа се смета за најхранливо сено. Може да се коси еднаш до два пати.
Најголеми приноси од луцерката се добиваат во втората и третата година. Во наши услови првото косење на луцерката би требало да биде во мај. Висината на откосот се прави на висина од 6-8 см. Многу е важно откосот да се изврши на време бидејќи тоа ќе влијае на приносите и на идните откоси. Во исхраната на животните луцерката може да се дава и во свежа состојба и тоа од фазата бутонизација до почетокот на цветањето. Во тој период луцерката содржи најмногу хранливи материи.
Многу е важно косењето на луцерката да биде во фазата на рано цутење. Доколку се задоцни тогаш растението созрева и стебленцата се задебелуваат. Ваквата храна животните не само што потешко ја варат туку таа губи и од своите хранливи вредности.
Одгледување луцерка за сено
Квалитетното сено од луцерка има убава зелена боја, пријатна миризба и тенки стебленца. Косењето треба да се организира по суво време. Не косете доколку претстои дожд. Ако се коси по врнежливо време влагата во сеното ќе биде голема и постои можност од појава на мувла.
Неколку дена пред косење, луцерката не треба да се наводнува, со цел почвата да се исуши и да се овозможи непречено движење на машините за косење.

За да се задржи убавата зелена боја на сеното откако ќе се искоси и по сушењето на горниот дел откосот се превртува. Превртувањето најдобро е да се врши во утринските часови за да не дојде до ронење на лисната маса. Превртувањето може да се прави рачно со вила или пак машински со сенопревртувач. Најмал растур на сено се прави доколку истото навреме се избалира. Се препорачува балирањето да се врши во утринските часови кога сеното е помеко од утринската роса и не се крши. Балирање не се врши во текот на денот и кога времето е сончево и многу топло.
Квалитетот на сеното ќе се зачува доколку се сместува и чува во посебно наменети простории за таа цел или пак во копи. Копите треба да се прават на суви места и да се покријат со фолија со цел да не навлезе вода во внатрешноста.
Добро е да се знае: Премногу ниската висина на косење ќе го забави растот на културата и ќе го намали бројот на пупки. За да се избегнат ваквите загуби, косењето треба да биде на ниво од осум сантиметри. Кога собирате луцерка за сено за добиточна храна, обидете се тоа да го правите во утринските часови и не во текот на денот кога е многу топло за да не ја исушите тревата и да ја одржите максималната количина на хранливи состојки.
СЦЗРР