Одржување на површината на почвата во меѓуредниот простор во овошните насади

Одржување на површината на почвата во меѓуредниот простор во овошните насади

Одржување на површината на почвата на меѓуредниот простор во овошните насади претставува неизоставен дел од агротехничките мерки. Целта на оваа агромерка е оневозможување на пораст на непосакуваната флора, која претставува голем конкурент на влагата на овошките.

Одржувањето на меѓуредната површина се врши механизирано, бидејки машините може непречено да се движат помеѓу стеблата на овошките.

Начини за одржување на површината на почвата во меѓуредниот простор во овоштарниците

  • Црна Угар – подразбира обработка на почвата со што се уништува непосакуваната флора. Исто така, се обезбедуваат услови за конзервирање на влагата во почвата. Се изведува преку:
    • Длабоко есенско орање – на околу 20см , при што почвата се нафрла кон редот на овошките, но треба да се внимава да не се оштетат корењата на овошките.
    • Пролетна обработка на почвата – се изведува на длабочина од 15см и притоа почвата се превртува или се развлекува кон меѓуредието и се разровкува.
    • Летна обработка на почвата – се врши со самата појава на плевелите и притоа почвата не се превртува, туку само се уништуваат плевелите.
  • Затревување на површината – се препорачува во реони каде што има доволно количина на врнежи со добра распределба во текот на вегетацијата. Затревувањето може да биде природно или вештачко. Во ситуација кога се користи вештачко затревување, потребно е да се изберат тревни смеси кои што имаат помала бујност, со цел да не со создава потреба од пречесто косење. За оваа цел погодни се легуминозните растенија и граминеите. Засејувањето се врши рано напролет или касно наесен. Одржувањето на затревените површини се врши со косење или мулчирање, кога висината на тревата ќе достигне околу 15см.
  • Мулчирање на површината – претставува агротехничка мерка со која што површината на почвата се покрива со различни материјали – вештачки или природни. Најчесто во овоштарниците кај нас се употребуваат природни материјали (т.н органско мулчирање) при што се користат делови од растенија и растителни отпадоци и сл.. Примарната цел на мулчирањето е оневозможување на раст на плевелната вегетација. Но исто така од мулчирањето има и други придобивки: – конзервирање на влага во почвата, регулирање на температурата во зоната на кореновиот систем, редуцирање на загубата на хранливите материи и сл.

Што треба да постигнеме со одржувањето на површината на почвата помеѓу редовите во овоштарниците?

Одржувањето на површината на почвата потребно е да:

  1. биде лесно изводливо во практиката,
  2. обезбеди непречено и нормално функционирање на коренот,
  3. ја намали можноста за ерозија на почвата и да обезбеди поволна почвена структура,
  4. овозможи конзервирање на влагата во почвата
  5. ја елиминира плевелната вегетација која претставува конкурент на овошките за вода и хранливи материи
  6. и да ги сузбие условите за развој на разни болести и штетници.

Стручниот тим на Советодавен центар за земјоделство и рурален развој им стои на располагање на сите земјоделски стопанства кои имаат потреба од стручни совети во земјоделството.