Копривата е една од најлековитите растенија што постојат. Поради нејзините својства таа помага во отстранување на разни здравствени проблеми и е многу ценета во народната медицина. Но исто така наоѓа примена и во органското производство. Таа може да се користи и како органско ѓубриво кое може да го поттикне растот кај некои растенија, но исто така може да помогне и околу нивна заштита од евентуални штетници или болести.
Знаеме дека органското производство се заснова на употреба на природни средства и оние што се занимаваат со ваков вид на производство не можат да ги користат препарати кои немаат органско потекло. Имајќи го предвид фактот што на пазарот постои недостаток од пестициди и ѓубрива на природна основа примената на копривата е од големо значење. Таа може да се употреби како ѓубриво и инсектицид.
Копривата може да се користи како ѓубриво и како инсектицид
Ѓубривото од коприва е едно од најсилните ѓубрива што може секој земјоделец сам да си го направи. За таа цел се користи и стеблото и листовите на копривата. Еве како да направите ѓубриво од коприва:
Како се прави ѓубриво од коприва?
Потребно е еден килограм лисја од коприва и 10 литри вода. Стеблото и лисјата се ситнат и се ставаат во пластично буре. Не се препорачува метален сад бидејќи се појавува реакција што го намалува квалитетот на ѓубривото. Потоа смесата се полева со вода и се убаво се меша. Треба да се води сметка да има простор во бурето ( да не се полни до врвот, за да има простор за ферментирање на смесата). Бурето се покрива со газа и се остава да отстои 2-3 недели да ферментира. На високи температури ферментацијата може побрзо да заврши. Смесата потребно е да секојдневно добро да се промеша. Ферментацијата се смета за завршена кога во бурето нема да има повеќе пена. Ѓубривото има непријатна миризба па добро е да се стави подалеку од куќата.
Растворање на концетратот на ферментирана коприва
Откако ќе заврши фемрентацијата се добива концентрат кој за да се употреби треба да се раствори со вода. Во спротивно може да предизвика изгореници кај растенијата. Колку вода ќе се додаде зависи за што и како ќе го употребувате.
Ако се става околу коренот на растенија во вид на наводнување се зема 1 дел од концентратот и десет делови вода. Со овој раствор може да се навадат овошки, краставици, домати и друг вид зеленчук, повеќегодишни цвеќиња, ружи и др.
Раствор од еден дел концентрат со дваесет дела вода се користи за прскање против инсекти, лисни вошки, пајаци, грини и некои габични инфекции.
СЦЗРР