Производителите на млеко и млечни прозиводи чиј капацитет се смета дека е од мал обем може да ги пласираат своите производи до крајните потрошувачи. Начинот и условите како тоа треба да се прави се објаснети во Правилниците за продажба од праг.
Примарни производители од мал обем може да продаваат неделно по 700 л сурово млеко. Исто така може да преработуваат 3 500л кравјо млеко во разни млечни производи. Кај овчото млеко нема ограничување и може да се преработува неограничена количина млеко. За да може своите производи да ги пласираат до крајните потрошувачи, примарните производители треба своето производство да го регистрираат во АХВ. За таа цел треба да исполнат одредени услови.
Директното снабдување на мали количества на сурово млеко од страна на примарните производители до крајниот потрошувач
Количината на сурово млеко која може да се стави во промет или да се преработи во производ од млеко наменет за директно снабдување, може да биде најмногу 700 литри неделно, односно 100 литри дневно за кравјо млеко или неограничена количина за млеко од овци и други животински видови
Услови кои треба да бидат исполнети
- суровото млеко после молзењето треба веднаш да се олади на температура под 4oС и да се достави до крајниот потрошувач во рок од 24 часа после молзењето;
- суровото млеко може да се достави до крајниот потрошувач како непакувано или пакувано млеко;
- може да се меша само сурово млеко од две последователни молзења;
- до местото на молзење на располагање треба да има соодветен уред за миење на рацете;
- лицето кое го изведува молзењето треба да одржува висок степен на лична хигиена;
- садовите и опремата кои доаѓаат во допир со суровото млеко треба редовно да се чистат, мијат со вода за пиење и дезинфицираат со соодветни средства;
- суровото млеко после молзењето, треба да се складира во просторија која е одвоена од просториите во кои се држат животните, а која ги исполнува општите барања за хигиена на храната во примарно производство;
- при продажбата на суровото млеко, примарниот производител треба да наведе дека се работи за сурово млеко, име и адреса на примарниот производител, регистарски број на одгледувалиштето (РБО), регистарски број на објектот, датумот на молзење, видот на животното и нето количина;
Сопственикот кој става во промет сурово млеко треба да се придружува кон правилата за добра производствена и добра хигиенска пракса.
Примарното производство подлежи на регистрација од страна на АХВ
Суровото млеко треба да ги исполнува критериумите утврдени во Правилникот за посебните барања за безбедност и хигиена и начинот и постапката на вршење на службените контроли на млекото и млечните производи во однос на број на колонии на 30°C (на ml) ≤ 100 000 и број на соматски клетки (на ml) ≤ 400 000
Преработка на млеко од сопствено одгледувалиште во млечни производи
Освен сурово млеко, сопственикот на одгледувалиштетот може млекото да го преработува. Од него може да произведе разни видови НА СИРЕЊА, УРДА, КРАВЈА МАСТ, КАЈМАК, МАТЕНИЦА, СУРУТКА и ДИРЕКТНО да ги продава.
Услови кои треба да ги исполни објектот каде се врши преработка на млекото од страна на примарен производител
Ставањето во промет на производи од млеко од страна на операторите со храна од мал обем на производство со локализирана активност значи исполнување на одредени услови .
Количината на сурово млеко која може да се преработи во производ од млеко може да биде најмногу 3500 литри за кравјо млеко неделно или неограничено за овчо млеко и млеко од други животински видови.
Објектот треба да биде самостоен објект со обезбедени простории за:
- прием на суровина и производство на млечни производи;
- зреење и/или ферментација на млечни производи;
- складирање готови производи и
- гардероба и санитарен јазол за вработените;
- Во објектот треба да се преземаат сите мерки за спречување или намалување на ризикот од контаминација од околината, а за време на работата треба да се применат мерки со цел да се спречи вкрстена контаминација;
Во просторијата за производство може да се одвиваат повеќе различни производни процеси за различни видови сирења, но само кога се временски одвоени. Во истата просторија може да се вршат и активности на сечење, солење и пакување на производите, само доколку се временски одвоени од производните процеси.
Во работата на објектот операторот со храна треба да применува правила за добра производствена и добра хигиенска пракса и начела на HACCP принципите.
Производите од млеко, од страна на операторите со храна од мал обем на производство со локализирана активност, треба да бидат означени со идентификационата ознака согласно Правилникот за посебни барања за храна од животинско потекло
- да е лоциран на самото одгледувалиште, физички одвоен од просторот за држење на животните или како одвоен дел од станбениот простор;
- различните производни процеси како сечење, солење, цедење и.т.н. или пакување може да се одвиваат во истиот простор доколку бидат временски одвоени;
- во просторијата за обработка или во непосредна околина има барем еден уред за миење на раце;
- обезбедена е соодветна опрема за разните технолошки постапки изработена од нетоксичен и некородирачки материјал, лесна за чистење и дезинфекција;
- садовите, додатоците и опремата може да се чистат дезинфицираат и складираат во производниот простор;
- санитарниот чвор во состав на станбениот простор може да се користи, ако е во непосредна близина;
- гардеробата може да биде надвор во непосредна близина;
- суровините и преработените производи може да се чуваат во иста ладна просторија / ладилник;
- просторија за зреење и ладната просторија за складирање може да е на различна локација од просторијата за производство;
- за време на работата треба да се применат процедурите за добра производствена и добра хигиенска пракса;
- транспортот на производите, да се врши во соодветни хигиенски и температурни услови;
- Примарниот производител, на преработениот млечен производ треба да ги наведе следните податоци: име и адреса на производителот, датум на производство; име и вид на производот; рок на употреба (употребливо до), услови за чување и број на регистрација.
Продажба на млеко преку млекомат
Ставањето во промет на сурово млеко преку млекомат се врши под следните услови:
- продажбата на сурово млеко на еден автомат за млеко може да ја врши само еден производител на млеко;
- суровото млеко во млекоматот не смее да биде чувано подолго од 24 часа од молзењето;
- контејнерот што се користи за транспорт на сурово млеко се чисти и дезинфицира после секоја употреба;
- температурата на млекото во млекоматот треба да се одржува на температура од 0-4°C и да биде јасно истакната;
- на млекоматот се наведуваат следниве информации: опис на производот (“сурово млеко”) со препорака за варење на млекото пред консумација; име, адреса и информации за контакт со производителот, регистерски број на операторот, датум и час на молзење и датум и час на полнење на млекоматот;
- подлежат на регистрација од страна на АХВ.
Оператори со храна во ограничени услови
Операторите на храна кои работата во подрачја со географски и економски ограничени услови исто така треба да запазуваат одредени услови.
- објектот е лоциран во подрачје со географски и економски ограничени услови;
- обезбедена просторија за прием на суровина и производство на производи од млеко;
- обезбедена просторија за зреење и/или ферментација на производи од млеко, како дел од објектот или засебен објект;
- обезбедена просторија за складирање на готови производи, како дел од објектот или засебен објект и гардероба и санитарен чвор за персоналот;
- санитарниот чвор може да е во близина на објектот или во станбениот простор;
- суровото млеко може да потекнува од сопственото и/или од соседните одгледувалишта;
- количината на сурово млеко која може да се преработи не е ограничена;
- суровото млеко не може да стави во промет како конзумно млеко;
- во објектите може да се произведуваат разни видови сирења, урда и сурутка;
- водата која се користи во објектот може да биде изворска вода, која ги исполнува условите пропишани во Правилникот за безбедност на водата.
Во работата треба да се применуваат правила за добра производствена и добра хигиенска пракса и начела на HACCP принципите.
Производство на храна со традиционални карактеристики
Храна со традиционални карактеристики е онаа која е традиционално произведена по традиционални методи и садови во Република Северна Македонија и:
- историски се препознава како традиционален производ или
- се произведува во согласност со кодифицирани или регистрирани технички референци за традиционален процес или според традиционални методи на производство или
- е заштитена како традиционален производ со закон.
Операторите со храна кои произведуваат храна со традиционални карактеристики со примена на традиционални методи на производство може:
- Да употребуваат дрвен алат и садови во процесот на подготовка на производите на пр. сирење добиено од млеко од овци и кози (мандри);
- Да вршат ферментација на производите во простории од дрво, камен, бетон, во зависност од спецификите на средината неопходна за развој на дел од нивните карактеристики;
- Да ги изложуваат производите на сонце;
- Да се обезбеди заштита од контаминација на производот.
Објектите и операторите со храна подлежат на одобрување од страна на Агенција за храна и ветеринарство
Потребна документација за регистрација на оператор со храна
- Барање за регистрација на објект и оператор со храна за примарно производство и преработка на примарни производи од животинско потекло
- Тековна состојба од Централен регистар на Република Северна Македонија или копија од лична карта за физички лица
- Доказ за сопственост (имотен лист) или договор за закуп на објектот
- Легитимација за регистарски број на одгледувалиште (РБО)
- Последен попис од одгледувалиште за овци / кози
- Листа на моментални животни од видот говеда
- Договор склучен со ветеринарно друштво за вршење на активности од јавен интерес од областа на здравствена заштита на животните,
- Уверение за здравствен статус на животните за производство на сурово млеко (во однос на бруцелоза и туберкулоза)
- Потврда за соодветно уплатени административни такси
Барањето за регистрација се поднесува во соодветната подрачна единица на Агенцијата за храна и ветеринарство во зависност од локацијата на објектот
Потребна документација за одобрување на објект и оператор со храна
- Барање за одобрување на оператор со храна и објект за производство, обработка и манипулација со храна од животинско потекло
- Доказ за сопственост на објектот (имотен лист) или договор за закуп на деловниот објект
- Тековна состојба од Централен регистар на Република Северна Македонија
- Доказ за одобрен елаборат за заштита на животната средина (одобрување од страна на Министерство за животна средина)
- Oпис на објектот со шема на сите работни простории со технички опис на опремата и технолошките патишта на производството во размер 1:100 односно 1:50
- Техничко технолошки елаборат кој вклучува капацитет на производство или колење, опис на технолошката постапка за производство
- Потврда за уплатена административна такса и потврда за уплатена висина на надоместок
СЦЗРР