Производство на расад е еден од најважните предуслови за добивање добар принос во градинарското производство. Сега е период кога се прават планови што и како ќе се произведува, за да може да се почне навреме со потребните подготовки за производство на расад.
Производството на расад е активност на која тртеба да се пристапи со големо внимание. Имено потребно е да се обезбедат соодветни услови за да може од посаденото семе да се добие квалитетен расад од кој подоцна ќе се очекува и квалитетен производ.
Почва, температура, влага
Доколку се обезбеди квалитетна земја при соодветно наводнување и одржување на потребна температура на воздухот, може да се очекува квалитетен расад. Плоданата почва е основата. Кога семето ќе се стави во земјата треба да му се обезбеди доволно влага. Треба да се внимава на температурата на воздухот, а температурата на водата треба да се движи од 20 – 25 °С.
Претходно мора да се направи хемиска анализа на почвата. Кога се знае нејзиниот состав ќе се знае дали ѝ е потребно ѓубрење и дополнителна прихрана на расадот. Доколку расадот се произведува во пластеник да не се заборави на негова претходна дезинфекција.
Секако треба да се направи избор на квалитетно семе. Се препорачува тоа да биде сертифицирано, сеедно дали се работи за оранжериско производство или за производство на отворено. Секој производител на сертифицирано семе потребно е на амбалажата на семето да ги нагласи потребните услови што ги бара семето.
Кои услови ги бара семето за добивање квалитетен расад?
Треба да се внимава на длабочината на која се става семето. Да се избегнува густо садење. Не смее да се претера со додавање на азот во почвата. Да не се претерува со полевање вода. Треба да се обезбеди оптимална температура, топлина и влажност на воздухот. Секако треба да има и добра вентилација.
Садењето на семето може да биде директно во попчвата или со пикирање во посебни садови за таа намена. Тие може да бидат пластични, од стиропор или друг материјал. Што и да се одбере треба претходно садовите да бидат дезинфицирани.
Во текот на вегетацијата доколку е потребно може да се врши прихранување. Постојат повеќе видови на средства за прихрана и добро е градинарот да се консултира со агроном. Ако се појави некое заболено растение треба да се откорне.
Календар за расадување
Во зависност од намената на семето расадот се произведува во различно време.Доколку се работи за расад за оранжериско производство веќе во месец февруари треба да се почне со работите. По садењето на семето за рано производство расадот ќе стигне за 25-30 дена за расадување на постојаното место.
На отворено се сее:
грашок од 1 до 10 март,
зелка од 25 март до 10 април,
копар од 5 до 15 март,
морков почетокот на март,
магданос од 15 март,
ротквици од 15 до 30 март,
лук ( летен ) во текот на месец март,
домати ( средно рани ) од 10 до 20 март,
домати ( доцни ) од 20 март до 15 април, пиперки ( рани ) од 10 до 20 март.
СЦЗРР