Денешните високопродуктивни раси на свињи се многу осетливи на надворешни влијанија. Климатските промени се повеќе ги чувствуваме поради што се наметнува потреба од изградба на објекти за сместување, одгледување, грижа, чување на свињи кои ќе овозможат заштита на животната средина од една и високи производни резултати од друга страна.
Објектите кои служат за сместување на свињите задолжително треба да исполнуваат одредени услови и стандарди заради благосостојбата на животните. Исто така треба да обезбедат лесен пристап и манипулација на одгледувачот во фармата. Ова значи соодветни услови за исхрана, здравје, размножување и растење на свињите како и одржување висок степен на хигиена во објектот.
Еден од најбитните фактори за обавувањето на целокпниот производен процес т.е. одгледувањето на свињи преставува производниот амбиент т.е. објектите кои треба да се соодветно поставени и изградени од соодветни матријали.
Со цел да им помогнеме на земјоделските стопанства кои одгледуваат свињи или планираат да се занимаваат со одгледување на свињи во овој текст ќе ги преставиме основите за изградба на свињарска фарма.
Свињарска фарма на што да се обрне внимание на самиот почеток
Свињарските фарми треба да бидат објекти кои ќе обезбедат оптимални услови за манипулација, благосостојба на животните како и соодветно прилагодување кон потребните стандарди за заштита на животната средина согласно националното и европското законодавство.
Пред изградбата на свињарската фарма треба да знаеме неколку основни работи а тоа се:
- Избор на локација на фармата
- Избор на тип на фарма и
- Избор на матријали за градба
Избор на локација
Одгледувањето на свињи преставува голем предизвик во поглед на заштита на животната средина. Ова оттаму што овие фарми продуцираат непријатна миризба која за околината преставува огромен хендикеп. Обично кај нас се градат фарми или се веќе изграден на места кои не се соодветни и претставуваат проблем не само за населението туку и за самиот одгледувач. Затоа при изборот на локацијата за изградба на свињарска фарма треба да бидат исполнети следниве услови:
- Фармата да е надвор од населено место ( најмалу 500 метри од последните куќи во руралната средина)
- Правецот на ветрот да биде од населеното место кон фармата
- Да се обезбедат услови за водоснабдување
- Да има приклучок на електрична мрежа или да се планираат алтернативни начини за производство на енергија
- Да има пристап до пат
- Да се гради на терен со благ наклон и без високи подпочвени води
- Доколку има можност објектот да е во близина на дрвореди или ветерозаштитни појаси
- Да овозможи непречена градба
- Да има доволно ростор за изградба на објекти за складирање на ѓубривото
- Да располага со простор и можност за проширување на фармата
- Да не ја загадува животната средина
Типови на свињарски фарми
Постојат 3 типови на свињарски фарми и тоа од отворен тип, полуотворен тип и свињарски фарми од затворен тип. Свињарските фарми од отворен и полуотворен тип се карактеризираат со пониски трошоци при изградбата но имаат доста недостатоци. Како едни од најголемите недостатоци за фармите од отворен и полуотворен тип се ниската прдуктивност на животните и големиот ризик по нивното здравје. Затоа препорачуваме да се градат фарми од затворен тип со испусти каде се одгледуваат сите категории на свињи. Предноста на овој тип на фарми е тоа што фармите имаат животни со подобар квалитет и се избегнува појава на болести. Репродуктивната способност кај животните е поголема и производна цена на фармата е помала од пазарната.
Материјали за градба
Објектите за сместување на свињите треба да бидат изградени од матријали кои ќе обезбедуваат најдобри услов за одгледување. Успешно одгледување на свињи може да биде само во објекти кои имаат константна температура, со добро проветрување, осветлување, чисти и суви. Изборот на правилен градежен матријал има големо влијание врз производството.
За изградба на зидовите најдобро е дасе користат материјали со внатрешни шуплини – блокови бидејќи се подобри изолатори.
Подот треба да биде добар термоизолатор отпорен на киселина и урина и лесно да се чисти. Горниот слој на подот треба да биде смеса од бетон и гранулати како би ги добил потребните својства.
Во поново време кровот се гради од метална или дрвена конструкција со термоизолационен лим од 5см.
Доколку се планира поткровје, таванот на долната страна треба да биде изработен од матријал кој не апсорбира влага ( алуминиумски лим, битуменски премаз).
Прозорците и вратите мора да бидат соодветно поставени за да се обезбеди доволно природна светлина и чист воздух.
Објекти и опрема за сместување на свињи
Објектите и опремата во свињарските фарми треба да обезбеди оптимални услови за чување и одгледување на животните. Условите кои треба да ги исполни една свињарска фарма се поделени на: основни и посебни услови за одгледување.
Основни услови кои треба да ги исполни свињарската фарма
- Да овозможи исполнување на основните биолошки потреби, вклучувајќи го и одржувањето на добра здравствена состојба
- Да обезбеди доволно светлина за да не се нарушат основните функции и однесувањето на животните
- Да не се предизвикува повреди кај животните
- Да го лимитираат ризикот од појава на болести, пореметувања и мешусебно повредување
- Да се избегнуваат штетнни и опасни матријали по животните
- Да обезбеди заштита на животните од неповолните временски услови и предатори
- Да овозможи лесно одржување
- Да се обезбеди помала бучава во објектот и
- Да овозможи лесна проверка и манипулација
Посебни услови кои треба да ги исполни свињарската фарма
- Да се избегнува бучава појака од 85дб
- Животните да се држат на светлина од 40 лукса во период не пократок од 8 часа
- Животните да имаат пристап до лежишта кои се удобни, суви и чисти
- Да се одмараат и стануваат нормално
- Да ги гледаат другите свињи
- Да имаат лесен пристап до храна и вода
- Да имаат соодветни подови
Кои простории треба да ги има една современа свињарска фарма
Во нашата држава засега нема единствени нормативи за изградба на објекти за сместување на поедини раси и категории на свињи со што постои неизедначеност во димензиите и функционалната вредност. Во следниот дел ќе прикажеме кои посебни простории треба да ги содржи една свињарска фарма со димензии и капацитет на истите.
Добро организирана свињарска фарма треба да ги содржи следниве објекти и простории:
- Чекалиште
- Прасилиште
- Одгледувалиште
- Гоилиште
- Инфраструктурни објекти и опрема
Објектот по својата должина треба да биде поставен во зависност од експозицијата на теренот, но најдобро е да се постави во правец север-југ.
Во наредното поглавје ќе дадеме пример за изградба на фарма за сместување на 20 маторици и годишно производство на 412 гоеници.
Чекалиште
Чекалиштето е просторија во објектот за сместување на нерезот, маториците и назимките. Маториците и назимките сместени во овој сегмент, се наоѓаат во фаза на пред еструсна, еструсна и спрасна состојба.
Според Нормативите во чекалиштето треба да има 6 групни и 16 индивидуални боксови распоредени во два реда. На средината на просторијата, во чекалиштето, помеѓу групните и индивидуалните боксови, се наоѓа крмен ходник широк 0.90м.
Групните боксови се распоредени во еден ред, имаат правоаголна форма и површина од по 7,60 м2. Должината на боксовите е 3,80 м, широчината 2,00 м и височината на решеткастата ограда е 1,20 м. Од страната на крмниот ходник се остава врата за влез и излез, широка 80 см и висока 1,20 м.На предниот дел од боксот се поставува бетонско корито за исхрана, долго 120 см, широко 40 см, од страната на ходникот високо 40 см, а од страна на боксот 30 см и длабоко 25 см, со овално дно.
Од задната страна на боксот се наоѓа каналот за изѓубрување длабок 80 см и широк 80 см, покриен со решетка од армиран бетон која претставува просторна површина на боксот.
На страничната ограда, на висина од 70 см, над каналот (армираната решетка), се поставува цуцла за водопој од 3/4 цола. Подот спрема каналот за изѓубрување треба да има косина од 2% и да е покриен со термо и хидро изолационен слој во дебелина од 30 мм. Групните боксови треба да имаат ограден и покриен испуст со димензии 2,00 м х 3,50 м.
Во еден од групните боксови ќе биде сместен еден нерез. Другите групни боксови ќе служат за сместување на штотуку одлачените или спрасни маторици и назимки. Тука маториците се дотеруваат од прасилиште и се сместуваат групните боксови и тука чекаат да пројават еструс.
Букањето се врши во боксот со нерез. Во еден групен бокс се сместуваат најмногу по 3 маторици, за едно грло е предвиден простор од 2,53 м2 (7,60 м2).
Индивидуалните боксови служат за сместување на избуканите маторици. Тука маторицата се дотерува по букањето и останува во боксот до 110 ден од спрасноста. Боксовите се поставени во една батерија со 16 бокса. Должината на боксот, заедно со коритото (40 см) и каналот за изѓубрување (80 см), изнесува 2,90 м, односно самиот бокс (должината на лежиштето) изнесува 1,70 м.
Подот спрема каналот за изѓубрување има косина од 2% и е покриен со термо и хидро изолационен слој во дебелина од 30 мм. Каналот за изѓубравање е длабок и широк по 80 см, а служи за прифаќање на цврстиот и течниот измет и е покриен со армирана бетонска решетка. Широчината на боксот изнесува 65 см.
Боксот е ограден со решеткаста ограда од поцинковани метални цевки од 5/4 цола, висока 1,1 м. На предната страна на боксот се наоѓа бетонско корито за исхрана долго 65 см, длабоко 25 см, од задната страна (кон ходникот) високо 40 см, а од предната (кон маторицата), 30 см и е со полукружна форма. Над коритото, на висина од 60 см, е поставена цуцла за водопој од 3/4 цола. Од задната страна на боксот се наоѓа вратичка за влез и излез од боксот, широка 65 см, а висока 1,1 м.
Заради полесно изнесување и внесување на маториците во индивидуалните боксови како и за полесно чистење на боксот, покрај ѕидот со прозорците има ходник за изѓубрување широк 0,90 м, а долг 6 м. Овој ходник за полесна манипулација со крмниот ходник, покрај преградниот ѕид и првиот индивидуален бокс во редот, има мал ходник широк 0,80 м.
Еден турнус во индивидуалните боксови изнесува 112 дена, од кои 110 дена за престој на маторицата и 2 дена за чистење и дезинфекција. За да се релаксираат, спрасните маторици по 40-от ден од спрасноста можат да се префрлат во групните боксови, каде можат да останат до 85 ден од спрасноста, а потоа повторно се враќаат во индивидуалните боксови, каде во мир и со посебен режим на исхрана се држат до 110 ден од спрасноста. Маторици по 110 дена спрасност се преселуваат во прасилиште.
Во горната третина на надолжните ѕидови од чекалиштето, се поставуваат прозори со димензии 1.20 м должина и 0.60 м широчина, кои се отвараат по својата долна, надолжна оска. Вкупната површина на прозорците, треба да е 8% од подната површина или во чекалиштето треба да има 6 прозори по 3 на секоја страна. Оквирот на прозорците се препорачува да биде изработен од дрво.
Покрај дневното осветлување, во чекалиштето се инсталира и вештачко светло со интензитет од околу 30 лукса /м2 (40 ватна сијалица на 30 м2).
Вентилацијата се регулира автоматски со еден вертикален одводен канал (0.80 х 0.80м) поставен на средината од просторијата во височина на плафонот. Активирањето на вентилаторот зависи како од температурата така и од релативната влажност на воздухот, а движењето на воздухот во боксовите не треба да е поголемо од 0,5 м/сек.
Прасилиште
Спрасните маторици на 5 дена пред прасењето се преселуваат од чекалиште во прасилиште и се сместуваат во индивидуални боксови. Во прасилиштето се опрасуваат и го поминуваат лактациониот период. Тука остануваат до 28 дена од лактацијата, а по нејзиното завршување се префрлаат во чекалиште.
Еден турнус во прасилиштето трае 40 дена (5 дена пред прасење, 28 дена лактација и 7 дена за чистење, дезинфекција и одмор на боксот). Во текот на една година во еден бокс ќе можат да се опрасат 9,13 маторици (365:40=9,13).
Поаѓајки од вкупниот број опрасувања (25,40 во фармата треба да има прасилиште со 8 бокса, односно 7 бокса за експлоатација и еден бокс за резерва.
Од предната страна (во средина од просторијата), боксовите комуницираат со крмниот ходник широк 0,90 м, а од задната (до прозорците), ходник за изѓубрување широк 1 м. Според ова во прасилиштето има еден крмен ходник и два ходника за изѓубрување. Крмниот ходник е сместен во средината, а додека ходниците за изѓубрување покрај ѕидовите со прозорците.
На крмниот ходник, заради полесно одржување на хигиената, веднаш до предниот дел на боксот, се наоѓа мал канал, за прифаќање на одпадните води од цуцлата за водопој или од миење на ходникот, широк 12 см и длабок 8-10 см и има пад од 0.5% кон крајот на ходникот до преградниот ѕид, и покрај овој ѕид свртува кон каналот за изѓубрување, кој се наоѓа покрај ѕидот со прозорците.
За полесна манипулација, помеѓу крмниот ходник и каналот за изгубрување во прасилиштето, се наоѓа мал ходник покрај преградниот ѕид со 0,80 м широчина и 2,80 м должина.
Просторниот комодитет на еден бокс изнесува 5,04 м2 (2,8 м должина и 1,8 м широчина). Боксот со прегради е поделен на три еднакви дела од по 60 см.
Средишниот дел служи за сместување на маторицата, а двата странични дела се користат за сместување на прасињата. Средниот дел е преграден со решеткаста ограда од поцинковани цевки од 5/4 цола, висока 1,1 м, а страничните прегради се од панел плочи или плетена мража со висина од 0,5 м. Кон крмниот ходник, во средишниот дел од боксот, се поставува хранилка (0,55 м долга) и поилка- цуцла за маторицата од 3/4 цола.
Поилката е на висина од 0,5 м над подот и е така поставена да не ја влажни храната ставена во хранилката.
На задната страна, во средишниот дел на боксот е поставена врата за влез и излез на маторицата. Должината на боксот, заедно со хранилката изнесува 2,8 м. Во еден од страничните делови од боксот се поставува кварцна лампа или инфрацрвена греалка, која служи за локално греење на боксот и хранилка за прихранување на прасињата, а во задниот дел се поставува цуцла од 1/2 цол за водопој на прасињата, која е на височина од 15 см од подот.
Подот на боксот треба да е сув, топол и изработен од термо и хидроизолационен материјал со дебелина од 30мм.
Падот на подот према каналот за изѓубрување е 2%. Веднаш зад боксот за прасење се наоѓа канал за прифаќање на течниот измет широк 10-12 см, длабок 8-10 см и истиот да има пад од 0,5% кон уливната цевка. Овој канал се влива во каналот за изѓубрување, кој проаѓа покрај ѕидовите, под ходниците за изѓубрување, преку цевка од Ф150.
За полесна манипулација при чистењето или внесувањето и изнесувањето на маторицата, на преградните ѕидови помеѓу сегментите, чекалиште- прасилиште-одгледувалиште се поставуваат врати високи 2 м, а широки 0,90 м.
Прасилиштето е дел од свињарникот кој треба да е добро осветлен. Затоа, се поставуваат прозорци чија вкупна површина трба да биде 8% од подната површина. Во овој сегмент се поставуваат 8 прозорци, по 4 прозорци на секој од надворешните ѕидови, чија димензија е 1,2 м должина и 0,6 м широчина. Покрај дневното осветлување, се поставува и електрично осветлување со јачина од 60 лукса/м2.
Во прасилиштето истовремено се одгледуваат две категории свињи, маторици и дојни прасиња, кои имаат и различни потреби од топлина. Оптимална температура за нормално обавување на физиолошките потреби, за маторицата изнесува 16-18°С, а за прасињата, во првата недела 30-32°С, втората 28-30°С, 3-4 недела 26-28°С. Високите температури потребни за нормален развој на прасињата, негативно се одразуваат врз физиолошката активност на маторицата.
Поради ова, потребната температура за прасињата се обезбедува со локално загревање на делот од боксот каде се сместени прасињата, со греалка или кварцна лампа.
Вентилацијата ќе се регулира автоматски со 1 вертикален одводен канал (0,80 х 0,80м), а активирањето на вентилаторот зависи како од температурата така и од релативната влажност на воздухот. Во биопросторот на боксот, движењето на воздухот не трба да биде поголемо од 0,2 м/сек.
Одгледувалиште
Прасињата на 28-от ден од заедничкиот живот во прасилиштето, се преселуваат во друга просторија (во истиот објект), позната под името одгледувалиште. Во одгледувалиштето прасињата (машки и женски), се сместени групно во кафези. Во еден кафез со димензии 1,2 м должина, 1,2 м широчина и 0,6 м висина на оградата, се сместуваат по 6-7 прасиња.
Првата недела од самостојниот живот прасињата сеуште се хранат со предстартер и постепено се привикнуваат на стартер за да од втората недела добиваат исклучиво стартер, до постигање на тежина од 12 кг. жива мера.
Од 12-25 кг жива мера, на прасињата им се дава гровер. Цело време исхраната и водопојот е по желба. Храната им се дава во специјални хранилки за прасиња, а водопојот е од поилки-цуцла од 1/2 цол.
Во одгледувалиштето, прасињата доаѓаат со тежина не помала од 6 кг и остануваат до постигнување на тежина од 25 кг. Времетраењето на еден турнус, зависи од интензитетот на прирастот. Тука дневниот прираст е околу 350 грама, што значи дека еден турнус изнесува 60 дена. Во текот на една година ќе има 6,08 турнуси, со околу 36,5 одгледани прасиња во кафез.
За да се одгледаат 412 прасиња годишно, фармата треба да има одгледувалиште со минимум 5,95 кафези (412:36,5=11,29), односно 12 кафези во експлоатација и 2 кафези за резерва или вкупно 14 кафези. Кафезите имаат квадратна форма и се изработени од тенка поцинкована жица. Имаат решеткаст под и решеткаста поцинкована ограда висока 0,6 м.
Кафезите се поставени во 4 одделенија со димензии од 3,8 м должина и 2,6 м широчина. Во секое одделение се поставени по една батерија со по 4 кафези наредени во два слепени реда во средината на просторијата. Крмниот ходник се протега околу кафезите и има широчина од 0,70 м. За полесна комуникација меѓу сегментите на преградните ѕидови во манипулативниот ходник се поставуваат врати високи 2 м и широки 1 м.
Заради полесно прифаќање на изметот и отпадните води, кафезите со целата подна површина се поставуваат над отворен базен длабок 0,8 м. Кафезите треба да се поставени на висина од 65-70 см над нивото на подот. Базенот со шибер е поврзан со главниот колектор за изѓубрување, а кој е под нивото на базенот. Базенот се празни со отворање на шиберот.
На секој кафез, од предната страна се монтира хранилка за исхрана на прасињата. Дотурот на храна се врши рачно. На задната страна се поставува цуцла за водопој од 1/2 цол.
Со оглед на тоа што во одгледувалиштето се сместуваат мали прасиња (6-25кг), се врши негово загревање. Оптималната температура на воздухот во овој дел од свињарникот, треба да изнесува околу 24-27°С. Температури под 20°С, се посебно штетни бидејќи предизвикуваат ентеритиси и бронхопнеумонија кај прасињата.
Загревањето се врши со електрични калорифери. Калориферите треба да работат на принцип на загревање и внесување на чист воздух во одгледувалиштето. Потребната светлина се обезбедува со вградување по еден прозор во секој од сегментите со димензија 1,2 м должина и 0,6 м широчина. Покрај дневното, се вградува и електрично осветлување со јачина, не помала од 30 лукса/1м2 подна површина.
Проветрувањето на одгледувалиштето се врши со вградување на автоматски регулирана вентилација. За оваа цел, во секој од сегментите се вградува по еден вертикален одводен канал (0,50м х 0,50м), чие активирање зависи како од температурата, така и од релативната влажност на воздухот (термо и хидростати).
Гоилиште
По постигнување на телесна тежина од 25 кг, прасињата се префрлаат во гоилиште.
Во текот на една година, во овој дел од свињарникот треба да се сместат околу 412 гоеници. Сместувањето е во групни боксови, по 12 грла во бокс.
Траењето на еден турнус е 130 дена, со претпоставка дека дневниот прираст е 600 грама. Гоениците во боксот остануваат 125 дена и 5 дена се потребни за чистење, дезинфекција и одмор на боксот. Во текот на една година ќе се остварат 2,81 турнус (365:130=2.81), т.е. годишно во еден бокс ќе се одгледат 33,72 гоеника (2.81турнус х 12гоеника = 33,72). За производство на 412 гоеници, треба да има гоилиште со најмалку 12 бокса. За едно грло треба да се овозможи просторен комодитет од 0,75 м2 , односно за сместување на 12 грла, боксот треба да има 9,50 м2 (3,80м х 2,50м).
По должината на гоилиштето има еден крмен ходник, кој лево и десно комуницира со двата реда боксови. Нивото на крмниот ходник треба да е под нивото на боксовите за околу 5-6 см. Крмниот ходник е широк 0,9 м, а служи за дотур на храна, утерување и истерување на гоениците и други манипулации околу боксот. Боксовите се оградени со решеткаста ограда од поцинковани цевки, висока 0.9м. Кон крмниот ходник боксот има врата со димензии 0,9 м х 0,8 м, која се користи за влегување и излегување од боксот. Од истата страна се наоѓа и автоматска хранилка за концентратни смески. Од задната страна, до ѕидот, се наоѓа каналот за изѓубрување, широк и длабок по 0,8 м. Покриен е со армирани решеткасти плочи, поставени 2-3 см под нивото на боксот.
Овој канал од двете страни, покрај ѕидот, се протега низ целиот објект и на самиот излез од објектот е затворен со шибер. Двата канала се вливаат во главниот колектор, кој е попречно поставен и служи за транспорт на течното ѓубре од објектот во главниот собирен пункт. Шиберот се отвора само кога каналите се полни со ѓубре и отпадни води.
По целата должина, подот од каналот се сегментира со прагови високи околу 10 см.
Подот на боксот се изработува од цврст градежен материјал, а горниот слој, во дебелина од 30 мм, се покрива со термо и хидроизолационен слој. Подот е со пад од 2% кон каналот за изѓубрување. На страничните огради на боксот, на височина, од едната страна на 40см, а на другата на 60 см, се поставуваат цуцли од 3/4 цола за водопој на гоениците.
Во горната третина на надолжниот-надворешниот ѕид, се поставуваат прозорци со правоаголна форма, со димензии 120 см должина и 60 см широчина, кои се отвараат по својата долна надолжна оска. Вкупната површина на прозорците изнесува 6% од подната површина. Покрај дневното осветлување, во секој сегмент се вградува и електрично осветлување со интензитет од 30 лукса/м2.
Со оглед на бројот на свињите во овој објект, потребно е да се вгради и автоматска вентилација. Интензитетот на вентилацијата се регулира према два основни параметри: концентрацијата на СО2 и релативната влажност на воздухот. Вентилацијата ќе се регулира автоматски со еден вертикален одводен канал (0,80 х 0,80м), а движењето на воздухот не треба да е поголемо од 0,5 м/сек.
Инфраструктурни објекти и опрема
Млин со мешалка и магацин – За оваа цел во почетокот од објектот (предчекалиштето) се планираат две простории од по 21 м2, од кои едната за сместување на млин со мешалка за сточна храна и втората за магацин за суровини и готова храна. Овој дел од објектот ќе има 5 м должина и 8,5 м широчина, а со вкупен габарит од 42 м2.
Друга опрема – Во зависност од можностите на фармерот, потребна е и (пример) Јапанер – самоистоварна количка за дистрибуција на храна, рачни колички, пумпи за перење и дезинфекција, сточна вага, цистерна за течно ѓубре, трактор со средна моќност, утоварна рампа, ветеринарна опрема и др.
Водоснабдување на фармата – Производството во свињарската фарма може да се одвива само под услов ако во свињарската фарма има доволно вода за водопој на свињите и за одржување на хигиената на свињите во објектите.
Вкупните потреби од вода во свињарската фарма, според наши проценки изнесуваат околу 2.500 -3.000 литри за 24 часа. Дневните потреби од вода по категории на свињи изнесуваат: за спрасни маторици од 10-12 литри; за маторици во лактација 20-30 литри; за гоеници 6-7 литри.. Квалитетот на водата треба да е иста како и за човечка употреба. Покрај водата за водопој, во фармата треба да се обезбеди и вода за одржувањето на хигиената во објектите (4-5 литри за испирање на килограм фекалија) и противпожарна вода. За да може да ги задоволи дневните потреби од вода, фармата треба да располага со резервоар од 6-7 м3 полн со вода.
Водата за пиење од резервоарот до свињарникот се дистрибуира со посебна водоводна инсталација. Максималниот притисок во водоводната инсталација треба да се движи во граници од 1-7 атмосфери. Овој услов е потребен заради оптимално функционирање на цуцлите за водопој. Наједноставен начин за обезбедување на вода за водопој е со приклучок на локалниот водовод (вода за водопој), а техничката и противпожарната вода може да се обезбеди од бунари преку хидрофор.
Изѓубрување – Во фармата се применуваат два начина на изѓубрување и тоа : цврст и течен отпад.
Цврстото ѓубре од прасилиштето ќе се собира во ходникот за изѓубрување (кој се наоѓа од страната на прозорците во прасилиштето), од каде со количка ќе се изнесува надвор од објектот и ќе се депонира во за таа цел направена депонија-ѓубриште. Дневната продукција на цврсто ѓубре ќе изнесува околу 60 кг и ќе се депонира во ѓубриште со капацитет од 8-10 м3.
Течното изѓубрување е решено на тој начин што каналот за изѓубрување, служи и за негово прибирање и привремено депонирање.
Во каналите за изѓубрување може да се депонираат околу 50 м3 течно ѓубре. Дневната продукција на течно ѓубре ќе изнесува околу 1,2 м3. Поаѓајќи од вкупниот волумен на каналите за изѓубрување (50м3). Фармата годишно ќе продуцира околу 450 м3 течно ѓубре. Депонирањето на ѓубрето ќе се врши во специјално направен бетонски резервоар со капацитет од 60 м3.
Базенот е со кружна форма, со дијаметар од 4 м и длабочина од 4 м. Со подигањето на шиберите од каналите во објектите, течното ѓубре преку главниот собирен колектор доаѓа во собирниот базен, од каде се дистрибуира по ораничните површини.
Електрична енергија – Свињарска фарма со ваков капацитет, мора да има приклучок на електрична мрежа. Максималната моќност на инсталацијата треба да изнесува од 8-10 kW. Електричната струја ќе се користи за осветлување, затоплување на прасилиштето и одгледувалиштето, за работа на млинот со мешалка за сточна храна и др.
Пристапен пат – Фармата треба да се наоѓа до асфалтен пат, со што ќе се олесни транспортот на храна и свињи.
Друга потребна нфраструктура – Оградата околу фармата, внатрешни патишта, бунар со пумпа за вода, електрична инсталација со осветлен двор, озеленување и хортикултурно уредување на дворното место, просторија за работници и др. На влезот во фармата се поставува дезбариера за возила, со должина 8 м и длабочина од 0,25м. На пешачкиот влез исто така се поставува дезбариера е со длабочина од 2-3 см.
СЦЗРР