Денеска, во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство беа доделени договорите за неповратна финансиска поддршка во форма на грант до 10.000 евра, за инвестиции на земјоделски производители на храна од животинско потекло, од Програмата за мали производители.
Ова е нова програма која е воведена за прв пат, како една од клучните промени во реформата за поддршка на малите производители. Договорите се со вкупна вредност од 8 милиони денари, наменети за развој на сточарското производство, за инвестиции во опрема, основни средства и услуги кои имаат за цел остварување на додадена вредност во примарното производство, развој на производи со традиционални карактеристики и зголемување на конкурентноста, како и развој на семејни бизниси од областа на производство на храна од животинско потекло.
Сите оние кои потпишаа договори за користење на овој грант, по потпишувањето на договорот, во рок од 10 дена ќе ги добијат парите, со кои треба во рок од 45 дена да ја набават опремата за која аплицирале.