Еден од најбитните услови при одгледувањето на козите и сите домашни животни е задоволување на нивните потреби за храна. За постигнување на добри производни резултати пресудна е правилната избалансирана исхрана. Правилната исхрана зависи од способноста на одгледувачот да ги искористи сите расположливи крми и да ја дава потребната количина за храна на животното.
Исхрана на возрасни кози според периодот во кој се наоѓаат
Дневните потреби во исхраната на возрасните кози се одредуваат според нивната телесна тежина и производството на млеко. Возрасните кози треба дневно да добиваат одредена количина на храна (дажба) чиј состав зависи од тоа во кој период се наоѓаат. Во зависност од тоа дали козите се гравидни или во период на лактација дажбата на храна е различна. Таа е во согласност со индивидуалното производство на козата.
За одржана дажба битен фактор е и тежината на животното т.е. кај кози од 40кг, дневно се потребни 1,5кг сено или 4,5кг паша. Како тежината се зголемува се зголемуваат и количините. Кај кози од 60кг треба да се дава 1,75кг сено или 5,25кг паша, а за коза од 80 кг, 2кг сено или 6кг паша.
Продуктивната односно подобрената дажба на молзните кози треба да се дава минимално 9 месеци во годината заедно со одржаната дажба.
Во втората половина од гравидноста на одржаната дажба се додава 0,5кг сено или 1,5кг паша во четвртиот месец од бременоста и 0,75кг сено или 2,25 кг паша во петтиот месец од бременоста како продуктивна дажба.
Од храната зависи квалитетот на добиено млеко
Промената на дажбите кај возрасните кози се менува во зависност од промената на производството на млеко. Тоа значи дека на секој литар млеко што го дава козата со масленост од 3-3,5% се додана 0,75кг сено или 2,25кг паша, а додека за масленост 4% се додада 1кг сено или 3кг паша.
Овие количини на дажби може да бидат заменети со други видови кабасти или концентрирани крми.
Во одгледувањето на кози најзначајна е производната дажба за млеко како и зголемување на истата со зголемувањето на производството. Правилната исхрана на козите овозможува зголемување на нивната продукција на млеко во периодот на лактација.
Исхрана на возрасни кози во зимски и летен период
Во зимскиот период кај нас претежно дажбите се базираат на сено кое треба да биде квалитетно (заради % на суви материи) и затоа при дажбите треба да се дава 20-30% повеќе сено од вообичаените потреби. Покрај сеното постои можност да се дава и одреден дел силажа и сенажа или друг вид на добиточна храна.
Сеното исто така може да се замени со слама, но во тој слчај се зголемува количеството на концентратот. Тогаш се дава 0,6-0,9кг слама дневно и тоа може со меласа. Во таков случај сламата се сецка на 8-10см должина, меласата се разредува со 20% топла вода и се меша 60% слама и 40% меласа. Вака направената смеса не треба да стои повеќе од 24 часа.
Во летниот период најчеста исхрана на возрасните кози е пашата како најефтина храна која треба да се користи доколку постојат услови за тоа. Козите се напасуваат во летниот период 4-6 часа дневно.
Преодот од зимска на летна храна треба да се изведува постепено за да се избегне диареа или некое друго нарушување кај козите. Затоа првите 10 дена наутро пред излегување на паша треба да се дава сено кое секој ден постепено се намалува количината.
Дополнителна исхрана на возрасни кози
Ова претставува додавање на концентрирани крми, во зависност од степенот на производство по грло. Исхраната не смее да биде сведена на хранење исклучиво со концентрирани крми, посебно не подолго бидејќи може да дојде до несакани последици. Најдобри за козите се прекрупените концентрирани крми и нив ги јадат со апетит, додека крмите со брашнеста форма најмалку одговаараат.
Количина на дажби на дневна основа во зависност од начинот на чување на козите
Дажбите за козите можат да бидат многу различни од фарма до фарма во зависност од расположливите количини на крми на самото стопанство. Голем број на земјоделски стопанства не се во можност да приготват доволно квалитетна кабаста храна за зимската исхрана на козите. Стопанствата кои не произведуваат доволно сено треба да дополнуваат зимската исхрана со повеќе различни крми кои може да се произведат.
- Најмала дневна дажба за млечни кози во шталска исхрана:
- 1,5кг сено, 2кг сенажа и 200г концентрат и
- 2,5кг сено и 200 г концентрат
- Најголема дневна дажба за млечни кози шталска исхрана
- 2кг сено, 2кг сенажа и 500г концентрат и
- 3кг сено и 500г концентрат
- Дневна дажба за млечни кози на пашна исхрана
- 8кг паша и 200 г концентрат
Во зависност од дневното производство на козите за млечните кози може да се даваат и следниве дневни дажби:
- Во шталска исхрана
- 1,5кг сено, 2,5кг репка и 650г концентрат(жито)
- 2,5кг сено и 400г концентрат
- 1,5кг сено, 1 кг пченкарна силажа, 300г концентрат
- Кај пашна исхрана
- 7кг паша, 0,5кг сено, 200г концентрат
- 6-8кг паша, 1кг луцерка, 2,5кг пченкарна силажа
- 6кг паша, 1,5кг сено, 200г концентрат
На дажбите секогаш треба да се додаваат и минерали во зависност од употребените крми во текот на исхраната на козите кои ја сочинуваат дажбата.
СЦЗРР