Усвоени трите мерки за поддршка на земјоделците од интервентната програма

Усвоени трите мерки за поддршка на земјоделците од интервентната програма

По предлог од министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Владата на денешната седница ги усвои трите нови мерки за поддршка на земјоделците преку Интервентната програма. Мерки насочени за поддршка на производителите на пченица, јачмен и раноградинарски култури произведени под контролирани услови.

Првата мерка се однесува на 3 денари по килограм финансиска поддршка до земјоделците, за остварено и продадено или складирано производство на пченица. 

Како корисници на оваа мерка се земјоделските стопанства кои имаат поднесено барање за подмерката директни  плаќања  по обработливa  земјоделска  површина за сите поледелски култури од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2023 година, имаат засеани и ожнеани површини со пченица, а оствареното производство го имаат прoдадено или складирано кај регистриран откупувач или за потребите на сопствениот преработувачки капацитет во период од 15 јуни до 31 август 2023 година, а се запишани во Регистарот на откупувачи на земјоделски производи.

Максималната прифатлива количина на пченица за оваа мерка е 5.000 килограми по пријавен хектар.

Втората мерка од Интервентната програма се однесува на Финансиска поддршка од 3 денари по килограм за произведен домашен сертифициран семенски материјал од прва и втора генерација на пченица и јачмен.

Како корисници кај оваа мерка се јавуваат земјоделски стопанства кои имаат поднесено барање по подмерка 1.15. „Директни плаќања за произведен и продаден домашен сертифициран семенски материјал од прва и втора генерација за житни, фуражни, индустриски и градинарски култури“ од Програмата за финансиска поддршка  во земјоделство за 2023 година, се запишани во Регистарот на снабдувачи на семенски материјал, кои имаат произведен семенски материјал во 2023 година согласно Законот за семенски и саден материјал за земјоделски растенија и имаат добиено сертификат за конечно сертифицирано семе од прва и втора генерација на пченица и јачмен. 

Кај оваа интервентна мерка прифатлива количина за сертифициран семенски материјал од прва и втора генерација на пченица и јачмен, се количините наведени во сертификат за конечно сертифицирано семе од реколта 2023 година.

Третата мерка како корисници се земјоделски стопанства кои се производители на домат и краставици во затворени простории за производство во контролирани услови и кои имаат поднесено барање по подмерка 1.6. „Дополнителни директни плаќања од подмерка 1.4. за производство под контролирани услови на домати, пиперки и краставици“ од Програмата за финансиска поддршка во земјоделство за 2023 година.

Висината на финансиската поддршка од оваа мерка изнесува  35 денари по килограм за домат кој е произведен и продаден во период од 5 април до 31 мај 2023 година и 30 денари  по килограм за краставица која е произведена и продадена во период од 5 април до 15 мај 2023 година.