10 чекори за отворање на земјоделска фирма

10 чекори за отворање на земјоделска фирма

 

Согласно последниот јавен повик од мерката 213 од програмата за рурален развој т.е. плати за одгледувачи на овци, кози и говеда земјоделското стопанство мора да има регистрирано фирма. За таа цел во овој пост ќе објасниме на кој начин земјоделските стопанства може да отворат и основаат своја фирма.

Голем број земјоделски стопанства регистрирани во единствениот регистар на земјоделски стопанства (ЕРЗС), се регистрирани како стопанства со доплнителна дејност и немаат своја земјоделска фирма. Отворањето на фирма носи свои предности кои ги добива земјоделското стопанство при аплицирање на некои од програмите за земјоделство и рурален развој.

Отворањето на фирма мора а го прави овластен сметководител или адвокат.

Пред да се решиме да отвориме фирма треба да ги направиме следниве чекори:

Одредување на име на фирмата

Уникатен назив на деловниот субјект. Секое земјоделско стопанство треба да одреди соодветно име за неговата дејност и треба да се провери дали истото е слободно.

Одредување на адреса на фирмата

Адресата на фирмата е физичка локација од каде стопанството ќе ги извршува своите главни деловни активности. Ова седиште ќе претставува и официјална поштенска адреса за комуникација со државните институции и други деловни субјекти. Се препорачува адресата на земјоделскиот субјект по можност да биде во рурална средина.

Отворање на нова Емаил адреса

Емаил адресата ќе преставува официјална адреса за електронска комуникација со државните институции. Емаил адресата мора да биде уникатна за својата фирма, и досега неевидентирана во Централниот регистар.

Лице кое ја основа фирмата – Основач

Секоја фирма мора да има сопственик на фирмата кој одговара за деловниот субјект на еден од следниве начини – сопствен имот (ИЗ), (ТП)  или имотот на компанијата (ДООЕЛ и ДОО).

Основачки влог

Сите трговски друштва при нивното основање и поднесување на пријавата за упис во трговскиот регистар на Република Северна Македонија мораат да имаат основачки влог, чиј износ на основачкиот влог кај секое подеинечно трговско друштво го определува Законот за трговски друштва.

Влогот може да биде паричен и непаричен и влоговите се запишуваат во целост.

Поставување на одговорно лице – Управител

Одговорно лице (управител) треба да е поставено од страна на сопственикот, кое ги води сите деловни активности во фирмата – комуникација со банка, вработување на кадар, извршување на трансакции, потпишување на договори и сл.

Организациска структура

Сопственикот на фирмата треба да направи избор кој од четирите облици на фирми е идеален за неговиот бизнис:

  • индивидуален земјоделец (ИЗ),
  • трговец поединец (ТП),
  • друштво со ограничена одговорност на едно лице (ДООЕЛ) или
  • друштво со ограничена одговорност (ДОО).

Дејност на фирмата

Секоја фирма мора да има своја шифра на дејност. Преку краток опис сопственикот треба да му објасни на овластеното лице (сметководител или адвокат) со што ќе се занимава фирмата, за да се направи соодветната квалификација за истата.

Банка за соработка

Задолжително е фирмата да има деловна банка за соработка во која ќе ја отвори својата сметка и ќе ги врши своите економски активности.

Избор на сметководител

Една од најважните одлуки која треба да се направи при започнување на секој бизнис, е изборот на соодветно сметководство. Иако навидум ова делува како многу едноставна работа, сепак треба да се има во предвид дека од изборот ваш ќе зависи идната финансиска слика на вашата фирма. Добар сметководител ќе помогне во растењето на вашиот бизнис, при што ќе внимава на вашиот буџет.

Чекорите обработени погоре се од информативен карактер  за да може земјоделското стопанство полесно да отвори нова фирма. Сепак за отворање на нова фирма задолжително треба да ангажирате овластено лице сметководител или адвокат.

СЦЗРР

Најчести штетници кај житните култури и нивно сузбивање – Прв дел Пченица