По стимулативната прихрана кон крајот на месец август и почетокот на септември , продолжуваат активностите во пчеларникот со цел да се задоволат потребите на пчелните семејства за храна во зимскиот период. Во рана есен започнува основната зимска прихрана.
Не треба да се заборави дека пчелите произведуваат мед за сопствени потреби. Човекот е тој кој им го одзема медот на пчелите. Пчеларот доколку сака и понатаму да им зема мед, треба да се погрижи пчелите да имаат доволно храна. Со тоа ќе им овозможи да ја презимат зимата и на пролет повторно да берат мед. Во рана есен треба да ги направи неопходните активности во пчеларникот за да го зачува силно пчелното семејство.
Во есен започнува основната зимска прихрана
Активности во пчеларникот има во секоја сезона. Во рана есен се пристапува кон основна зимска прихрана. Во зависност од јачината на пчелното семејство количината на храна треба да биде помеѓу 16 и 20 килограми. Основната прихрана се дава на тој начин што поголеми количини на шеќерен сируп (2-3 литри) се даваат во интервал од 5-7 дена. Концентрацијата на сирупот може да биде во размер 1:1 или 1:2. Еден дел вода спрема еден дел шеќер или еден дел вода 2дела шеќер. Периодот на основното есенско прихрнување е после 15 август и трае некаде околу 15 септември. Контролата за количината на зимската храна во пчелното семејство се прави со пчеларска вага или со поткренување на кошницата од задниот дел – метод за кој треба одгледувачот на пчели да има соодветно искуство. Доколку сте почетник добро е да се посоветувате со пискусен пчелар.
Секако за да можеме правилно да ја одредеме количината на храна за пчелите треба да ги земеме во предвид тежината на кошницата, восокот и леглото.
Како се подготвува пчелното семејство при зазимувањето и зимувањето?
Правилниот распоред на рамките во кошницата во голема мера влијае врз процентот на успешно презиимени пчелни семејства. Во зависност од типот на кошницата, леглото на пчелното семејство секогаш треба да биде централно позиционирано во кошницата. Над клубето секогаш треба да има простор за формирање на меден венец кој обезбедува храна во почетниот зимски период. Ваквиот распоред во кошницата доведува до слободно движење на пчелното семејство од долу кон горе и лесен пристап до храната.
СЦЗРР