Заштитата на пчеларот при работа на пчеларникот е една од основите за безбедно одгледување на пчели и почитување на принципите за добра пчеларска практика.
Одгледувањето на пчели преставува една по потешките умствени и физички активните земјоделски дејности и затоа треба да се внимава со ракувањето на истите знаејќи го фактот дека дека се работи со инсекти. Поради специфичноста во одгледувањето на пчелите (пчелните сандаци, непристапни локации, работа со заштитна облека и слично) употребата на механизацијата и автоматизацијата е делумно возможна.
Физички повреди најчесто кај пчеларот се јавуваат на половината или на рацете, а за да се избегнат треба правилно да се ракува. треба да се избегнуваат нагли и брзи движења при кревање на тешките делови од пчелниот сандак или самиот сандак, а телото треба да биде поставено и подготвено во позиција кога тежиштето на товарот се наоѓа во долниот дел на нозете.
Алергијата од пчелиниот отров кај секој пчелар различно се манифестира и затоа треба да се обрне внимание и сериозност при секоја работа во пчеларникот. Затоа пред да се започне со одгледување на пчели потребни се соодветни медицински испитувања за степенот на сензитивност на потенцијалниот пчелар. Дополнително во себе пчеларот при секоја посета на пчеларникот задолжително треба да носи средство против ублажување на алергиска реакција.
Употребата на заштитни ракавици е препорачлива за почетниците или хиперсензитивни лица кои не можат да го надминат стравот од убод од пчела или имаат зголемена реакција на апитоксинот. Треба да се знае дека заштитните ракавици се непријатни за работа, а некогаш носењето на истите може да ги вознемири пчелите во пчеларникот. Затоа е најдобро почетниците пчелари на пчеларникот секогаш да бидат придружувани од поискусен пчелар.
За да се заштитиме од топлотен удар, знаејќи го периодот на работа со пчелите секој пчелар треба да носи капа и заштитно одело во бела боја, и редовно одмарање и консумирање на течности при работа во пчеларникот.
Работата со чадалката треба да биде соодветна за да не се предизвикаат изгореници на телото на пчеларот, но и заради спречување од настанување на пожар. Пчеларот треба да биде исклучително внимателен при ракувањето со чадалката и покрај себе секогаш да има резерви на вода.
Сите овие предходно споменати фактори секој почетник пчелар и професионален пчелар мора да ги знае за да може безбедно и квалитетно да ги извршува работите на пчеларникот.