Зимската резидба е многу значајна агротехничка мерка во лозарството. Периодот кога треба да се реализира најмногу зависи од кондиционата состојба на лозите и временските услови.
Традиционално резидбата се извршува на верскиот празник Св.Трифун. Од оваа операција најмногу зависат очекуваните приноси. Токму затоа треба да се пристапи со голема сериозност.Често се поставува прашањето кое време е најпогодно за резидба? Не постои унифициран одговор бидејќи самата операција во многу зависи од временските прилики и кондиционата состојба на самите лози.
Зимска резидба на виновата лоза се прави додека лозата е во фазата на мирување сè додека не започне движењето на соковите. Оние лозари кои што имаат поголеми површини режењето или кроењето на лозите го започнуваат уште во месец декември. На нашите простори режењето започнува во втората половина на месец февруари. Времето кога ќе се режи зависи и од сортите. Доколку се осетливи на студ и мраз оваа операција трeба да се изврши подоцна за да се избегнат евентуални оштетувања од измрзнување.

Начини на зимска резидба
Режењето на виновата лоза овозможува да се направи рамнотежа на надземниот дел (пенушката) со подземниот дел (кореновиот систем). Со оваа мерка се отстрануваат старите и болни ластари, суви и змрзнати делови на лозата. На лозовиот насад на кој се применува операцијата режење се обезбедува посакувана форма на лозите, добар и квалитетен род со висок степен на шеќерни единици и суви материи. Оваа мерка се применува редовно секоја година.
Постојат повеќе начини за режење, но на нашите простори најчесто се применува еднокрак и двокрак Гиов начин на режење.
Било кој начин да се применува, оваа операција за да биде квалитетно извршена треба да се препушти на лица кои добро ја познаваат целата проблематика.
При режењето се отстрануваат ластарите што родиле во претходната година.
Со самото режење се остава потребниот број на окца на ластарот. Ова се прави бидејќи родноста не е подеднаква кај сите окца. Оние што се наоѓаат до главата на пенушката се помалку родни како и оние што се наоѓаат на краевите на ластарите. На средината од едногодишните ластари се наоѓаат најродните окца. Најчесто се остава лакот со дебелина од 8-12 мм. Овој ластар треба да го даде идниот род. На него се оставаат од 8-12 окца или 6-12 окца во зависност од сортата на лозата.

Потребен алат за зимска резидба
За правилно извршување на резидбата потребен е соодветен алат: ножици, пила и скала ( за повисоките сорти на лози). На пазарот постојат повеќе видови на ножици и во зависност од можностите, изборот на алатот го прави самиот лозар. Било кој алат да се користи пред да се започне со режење треба да се дезинфицира со чист алкохол. На тој начин се спречува пренесување на евентуални болести.
Зимска заштита на лозите
По завршувањето на резидбата се препорачува чистење на старата кора на пенушките. Под неа презимуваат разни инсекти кои со настапување на топлото време се активираат и може да предизвикаат некои штети и болести. Исто така во оваа фаза се прави и зимско прскање односно превентивна заштита на лозите. Се препорачуваат две третирања. Првото во фаза на мирување и второто третирање во фаза кога окцата ќе набабрат.
Третирањето се врши при поволни временски услови , без ветер и дожд, на сончево, тивко и време со позитивна температура на воздухот.
Освен резидбата се препорачува и отстранување на коровите. Кај младите винови насади не се препорачува примена на хемиски средства против корови, туку тоа да се прави по механички пат. Ова се препорачува за да не дојде до оштетување на младите лози.
СЦЗРР