Зошто е потребна агрохемиска анализа на почва и правилна примена на ѓубривата

Зошто е потребна агрохемиска анализа на почва и правилна примена на ѓубривата

Агрохемиската анализа, односно таканаречена земјоделска хемиска анализа, е процес на испитување и евалуација на различните хемиски супстанции кои се наоѓаат во почвата. Оваа анализа е од суштинско значење за обезбедување на безбедност, ефикасност во производството и намалување на влијанието врз животната средина со оптималната употреба на земјоделските препарати, вклучувајќи ѓубрива, пестициди, хербициди и други препарати кои се користат во земјоделските практики. Агрохемиската анализа вклучува низа техники и методи за проценка на составот, квалитетот и потенцијалните ризици поврзани со овие препарати.

Агрохемиската анализа се прави за да се обезбеди правилна употреба на органски и минерални ѓубрива со кои се овозможува балансирана понуда на хранливи материи согласно потребите на земјоделските култури, а во насока на одржување и подобрувањето на плодноста на почвата, поголем принос и квалитет на производите и намалување на влијанието врз животната средина. 

Ѓубривата се употребуваат во согласност со правилата за добра земјоделска пракса, што опфаќа употреба на ѓубрива од одреден вид во количества и во согласност со потребите на растенијата и почвата, земајќи ги предвид хранливите неоргански и органските материи во почвата и климатските услови во подрачјето. 

Достапноста на хранливите материи во почвата, но и другите нејзини карактеристики кои треба да овозможат правилна употреба на ѓубривата, се одредуваат преку анализа на хемиските својства на почвата за достапен азот (N), фосфор (P) и калиумот (K)), и анализата на pH вредноста на почвата и содржината на органските материи (хумус). 

Секое земјоделско стопанство кое се занимава со растително производство треба да извршува анализа на хемиските својства на почвата, односно анализата на pH вредноста на почвата, содржината на органските материи (хумус) и содржината на достапен азот (N), фосфор (P) и калиумот (K) најмалку еднаш во период од 5 години.

Анализата на почвата може да се прави сукцесивно, годишно најмалку за 20% од вкупната обработувана површина на земјоделското стопанство. Анализата треба да биде извршена во високообразовна или научна институција во Република Македонија или акредитирана лабараторија. 

Примерокот за анализа на хемиските параметри на почвата најдобро е да биде земен во периодите кога културите не се засеани или засадени и не е извршено ѓубрење, односно во рана пролет или есен и тоа од исти места и за време на иста сезона како што било направено претходно, заради обезбедување на соодветна споредливост. Правилното земање на почвениот примерок е од голема важност за точноста на резултатите од анализата.

Примената на ѓубривата од органско потекло и на минералните ѓубрива треба да се врши врз основа на резултатите од анализата на хемиските својства на почвата, потребите за хранливи материи пресметани за нивото на планирани приноси и квалитет за дадената култура, климатските услови, содржината на органската материја и структурата на почвата, управувањето со земјиштето, наводнувањето и резултатите од регионалните и локални испитувања на почвата. Вклопувањето на сите овие барања и параметри подразбира подготовка на план за ѓубрење од страна на стручно лице – агроном.

Најчесто, примената на ѓубрива е неопходно заради одржување на потребната хранлива содржина на почвата и зголемување на приносите на културите, но само доколку се врши со соодветниот вид ѓубриво во пресметани количини во зависност од потребите на растението и содржината на хранливите состојки во почвата. Земјоделците треба да изберат постапка и технологија на ѓубрење која ќе осигура висок степен на ефикасност на ѓубривото и низок степен на негативно влијание на културите и загадувањето на животната средина.

При планирање на ѓубрењето треба да ги направите овие четири чекори: 

  • пресметка на достапниот Азот во почвата, 
  • пресметка на оптималниот износ на Азот кој треба да биде применет за соодветните култури на растенија кои ќе се одгледуваат,
  • пресметка на количината на Азот која ќе биде обезбедена од органските ѓубрива и
  • пресметка на количините на потребно миниреално ѓубриво.     

Планот односно препорачаниот начин за ѓубрење за испитаните површини треба да го направи стручно лице – агроном со солидни познавања на проблематиката. Препораката/планот за ѓубрење треба да ја вклучува и соодветната технологија и методот за ѓубрење кој треба да ги задоволува земјоделските, економските и еколошките критериуми. 

Земјоделското стопанство треба да ги евидентира набавката, односно продажбата и употребата на минералните и ѓубривата од органско потекло и тоа особено податоците за видот, содржината на хранливи материи, време и количина на ѓубривото кое е:

  • купено и продадено во текот на годината, 
  • внесено на соодветната парцела (со локација и големина на секоja парцела на која се применува ѓубривото).

Земјоделското стопанство треба да ги чува финансиските документи и резултатите од извршените хемиски анализи на почвата и препораките/планот за ѓубрење.

Стручниот тим на СОВЕТОДАВЕН ЦЕНТАР ЗА ЗЕМЈОДЕЛТВО И РУРАЛЕН РАВОЈ им стои на располагање на сите земјоделски стопанства за правилно земање на почвени анализи, подготовка на план за ѓубрење, препораки и правилна евиденција на преземените активности и употребата на препарати на земјоделското стопанство.