Еден од најважните услови за одгледување на домашнни животни и добивање на посакувани резултати е правилната исхрана. Оваа исхрана зависи од способноста на одгледувачот да ги искористи сите расположливи крми и да ги дава на животното во соодветната количина.
Основна исхрана на одбиените јагниња треба да е пашата со добар квалитет, дополнета со одредени количини на концентрат. Количината на концентрат зависи од телесната кондиција и од намената на јагнињата. Доколку исхраната на јагнињата за време на цицање е соодветна, може да обезбеди дневни прирасти од 200-300 грама. По одбивањето на јагнињата, прирастите опаѓаат, а се зголемува конзумацијата на храна за килограм прираст.
Јагнињата при одбивање треба да добиваат 0,5кг сено, силажа или паша и околу 200-300 граама концентрат дневно. Како се зголемува пашата, така треба да се намалува количината на концентратот за на крај да се исклучи целосно. Младите јагниња кои се хранети со концентрат создаваат мека маст во поткожното ткиво, што влијае на намалувањето на пазарната вредност на јагнешкото месо. Кога ќе заврши исхраната на јагнињата на паша, кога се со старост од 8-12 месеци, нивната исхрана во текот на зимскиот период треба да биде 0,5кг сено, 2кг силажа и 100-200 грама концентрат. Во концентратот треба да има 80% зрнести крми и 20% ќуспиња (соја, сончоглед).
Со обезбедување на соодветна исхрана и грижа на животните од секој вид и категорија засебно, фармерите можат да го обезбедат здравјето и благосостојбата на нивните стада, а истовремено да придонесат за успехот и одржливоста на нивните земјоделски стопанства.