Календар на земјоделски активности во месец Јуни

Календар на земјоделски активности во месец Јуни

Јуни е месец кога завршува пролетта и започнува летото и затоа се смета дека е пресвртница во земјоделството. По правило, тој месец е посончев и потопол од мај, бидејќи просечната месечна температура на воздухот е за 3-4ºC повисока отколку во мај. Сепак, тоа не треба да ги доведе во заблуда земјоделците бидејќи дождот во јуни може да изненади, и затоа овој прв летен месец, се вбројува меѓу најврнежливите. Во јуни можни се чести појави на лошо време и тоа обилни врнежи со грмежи проследени со град.

Што се прави кај поледелските култури ?
Во јуни продолжува меѓуредовото култивирање на компирите, пченката, сојата, сончогледот и други посеви кои не се доволно прихранети или изгледаат лошо и послабо во споредба со другите растенија. Во овој период започнува сеидбата на рани хибриди од пченка од групата на зреење 100, 200 и 300 на површините кои можеби предходно биле погодени од поплави. Се сее сирак и други култури со пократка вегетативна сезона.

На почетокот на јуни се коси црвената детелина, луцерката и граор, односно се прави втор откос за сено. И во планинските и во рамничарските предели, почетокот на јуни е најпогоден за косење ливади, бидејќи тревата е во цветање, а тогаш се добива најквалитетно сено. Во втората и третата половина на месецот се жнее зимскиот јачмен и рани сорти на маслена репа. Кон крајот на месецот започнува жетвата на пченица, јачмен, ‘рж, овес и тритикале.

Во јуни исто така може да се почне со сеидба на пченка за силажа или за зрно. Во овој период може да започне зеленото ѓубрење на сточниот грашок, граор и суданската трева. Треба да се напомене дека во овој период е важно работата да се изврши брзо и да се сее што е можно порано, со што се зачувуваат и искористуваат резервите на влага во почвата. Доколку не се сее стрништето, треба да се изора плитко до длабочина од околу 10 сантиметри.

Што се прави кај градинарските култури?
Јуни е месец кога се негуваат пролетно засадените култури. Во овој период се врши директна сеидба или сеидба за производство на расад од есенски култури. Покрај тоа, почнуваат да се берат раните сорти на зеленчук како што се: кељ, зелка, карфиол и келераба. Исто така се бере и младиот грашок за преработка, а се вади и младиот компир. Кон крајот на јуни се берат раните домати, пиперки, боранија, тиквички, а се бере и сребрениот кромид. Зеленчукот кој се уште не е подготвен за берба се негува, се окопува, се наводнува и се штити од болести и штетници. Во јуни започнува садењето на зелка за зимска потрошувачка.

Кога и како да го берете зеленчукот?
Искуството и знаењето се неопходни за да се одреди идеалниот датум на берба. Ако зеленчукот се бере прерано, приносот му се намалува, но квалитетот е подобар. На пример, тоа е случај со боранијата, келерата и грашокот. Во спротивно е случајот со доматите, каде зелените плодови не се добри за јадење.

Може да бидете во голема загуба кога зеленчукот се собира предоцна. На пример, доцна собраната зелена салата станува горчлива, краставицата пожолтува и често станува горчлива, грашокот се стврднува, доматите стануваат меки и брзо се расипуваат. Времето на берба на некои видови зеленчук зависи и од оддалеченоста од пазарот. Доматите за подолг транспорт треба да се берат полузрели, бидејќи созреваат при транспорт.

Што се прави во овоштарникот и лозјето?
Во овој период овоштарите треба да ја завршат заштитата на овошките од разни болести и штетници. Тогаш е важно да се почитуваат роковите на службата за прогноза за заштита на растенијата. Многу видови на овошје се на прагот на бербата. Црешите, малините и други останати овошки се подготвени за берба. Почвата во овоштарникот треба да се одржува чиста, да се отстрани плевелот, да се направи зелено кроење и да се негуваат калемените млади овошки.

Јуни е идеално време да се формира млад овоштарник за да ја добие посакуваната форма. Овошките се проредуваат кога круната е густа, а при нејзиното обликување најчесто се отстрануваат водапиите со отсекување на основата, потоа гранките кои се вкрстуваат, заболените и скршените гранки. Постарите гранки поретко се отстрануваат целосно. Кај праските најчесто се применува резидбата за време на вегетацијаиа или т.н. зелено кроење.

Кај младото лозје, површинските вени се отстрануваат и заедно со зеленото кроење, ластарите треба да се врзат (кај младите лозја). Кај родните лозја треба да се направи второ сечење, за се проредат гроздовите за трпезните сорти и ластарите да се протнат меѓу жиците. По потреба редовно да се наводнува лозјето.

Извор: Агроклуб