Мерки и препораки за правилно управување со почвата

Мерки и препораки за правилно управување со почвата

Почвата е основен ресурс во земјоделското производство на кој се заснова одгледувањето на растенијата во земјоделството и обезбедувањето на храна за луѓето и за животните. Поголемите приноси и приходи од земјоделското производство се поврзани со плодноста на почвата, односно од способноста на почвата да обезбедува хранливи материи, вода и воздух за растенијата во потребните количини и во соодветен однос. 

Обработка на земјиштето за заштита на почвата од ерозија – Незасеаните  ниви се најподложни на ерозија и дополнително го зголемуваат испирањето на хранливите материи. Во услови на плодоред кога предкултурата се жнее рано, а  наредната се сее на пролет, важно е да се засее зимска подкултура. Непосеаните  површини во ерозивни подрачја, преку зима може да се покријат со органски материи како слама, стракови и лисје. 

На површини со наклон до 6° се применува вообичаено ротирање на културите.

На површини со поголем наклон од 7-14°, треба да се преземат посебни антиерозивни мерки како соодветна обработка и посебно планирање на  ротирањето на културите со одгледување на повеќегодишни треви и зимски  култури (житни култури и репка) кои формираат добра и стабилна растителна покривка уште во раната есен. На полињата кои имаат наклон од 15-20°, треба  да има постојана растителна покривка или треба да се изврши пошумување.

Земјоделско производство може да се врши и на наклони поголеми од 20° доколку се превземат потребните анти-ерозивни мерки како терасирање, стабилизација на почвата и сл. 

Мерки за намалување на ерозијата од површинското истекување на водата  од врнежи од дожд или топење на снегот – Подобрувањето на површинското одводнување се обезбедува преку рамнење или терасирање на обработливата  површина која е нерамна или со наклон со што се намалува брзината на  концентрација и истекување на водата од површината и спречува однесување на почвениот слој. Површинското одводнување особено се постигнува со ободни  канали околу самата површина или доколку е голема површината, со  оформување на такви заштитни, одводни канали во самата површина соодветно на условите на теренот. Се препорачува покривање на браздите со трева, а на критични места заштита и со обложување со цврсти материјали и каскадирање. 

Начин на обработка на почвата – Непотребна обработка на почвата треба да се  избегнува. Длабочината на обработката на почвата треба да соодејствува со потребите на растителните култури и моменталната ситуација. Треба да се  применува плитка обработка на почвата наместо длабокото орање со кое се мешаат горните слоеви на почвата со пониските слоеви што го осиромашува горниот слој од органски материи. Со намалување на бројот на преоди и  длабочината на обработката може значително да се намалат трошоците и набивањето на земјиштето. Редуцираната обработка е посебно погодна за земјишта со полесна структура и со ниска содржина на органски материи, и  особено за одредени култури како пченица, пченка, соја. 

Со цел заштита и продолжување на производната функција на почвата како необновлив ресурс, неопходно е да се посвети посебно внимание на начинот на обработување на земјиштето и да се обезбеди максимална грижа за подобрување на плодноста, структурата на почвата, како и намалување на ерозијата и загадувањето.