Одгледување на кромид

Одгледување на кромид

Неговото височество КРОМИД. Се смета за еден од најстарите зеленчуци. Го има скоро во сите култури на човештвото. Се употребува како храна и зачин. Ниту една кујна  во светот не може да се замисли без кромид, сеедно дали се употребува во свежа форма, замрзнат или преработен.

Постојат разни видови и сорти со различни вкусови и мириси. Покрај во исхраната кромидот често се применува и како лек, што се должи на неговите составни елементи. Спореден со други растенија, при одгледувањето е скромен, но сепак за добивање на добар и квалитетен принос потребно е да се обрне внимание почвата, семето и секако примената на основните агротехнички мерки.

Потекло на кромидот

Кромидот води потекло од Азија. Точното географско потекло не се знае но постојат записи дека се одгледувал во Азија. Некои истражувања велат дека се пронајдени траги од кромид уште 5000г.п.н.е.  во Кина. Кај древните Еѓипјани прстените од кромидот симболизирале вечен живот. Римјаните пак го користеле против очни заболувања и лекување на рани. Се смета дека кромидот е еден од најстарите зеленчуци кој луѓето почнале да го одгледуваат. Се одгледувал и во античка Грција и Индија.

Нутритивни својства на кромид

Според нутритивните вредности кромидот се смета за нискокалоричен  што се должи  на присуство на 89% вода, 9% јаглени хидрати и 1% протеини. Во 100 гр кромид измерени се 166кј. Во својот состав содржи многу минерали и витамини. Поради неговото антиоксиадационо и антиканцерогено својство покрај како храна и зачин наоѓа примена и во отстранување и лекување на здравствени проблеми.

Одгледување на црвен кромид

Видови кромид

Постојат голем број видови кромид кои се препознаваат по својата боја, големина и секако вкус кој може да биде благ и лут.Овде кај нас најчесто ги има:

-жолто кафеавиот,

-црвеновиолетов и

-бел.

Покрај главицата, од кромидот се јадат и лисјата – перца додека е млад и не созреала главицата (т.н. младо кромитче).

При одгледување на кромид на што треба да се внимава?

Кромидот е скромна култура, нема многу барања, но со примена на соодветни агротехнички мерки може да се постигнат добри резултати. Тој  е релативно лесен за одгледување, сепак еве на што треба да се обрне внимание. Било кој начин да се избере успехот многу ќе зависи од почвата.

Почва

Оваа култура успева на растресита, плодна, пропуслива почва.   За кромидот одговара малку кисела до неутралнаРH вредност. Местото каде ќе се сади треба да биде изложено на сонце. Доколку кромидот се насади во сенка постои опасност влагата повеќе да се задржува и да изгние.

Плодоред при одгледување на кромид

На иста површина може да се сади 3-4 години после што треба да се промени местото. Плодоредот е многу важен за да се заштити културата од евентуална појава на болести. Кромидот може да са сади на површина на која претходно биле засадени: бостан, компир, мешунки, пченица, јачмен, краставици, домат или пиперка. Со подготовка на почвата треба да се почне уште од есента. Добро е површината да се испрска со бакар сулфат, а доколку почвата има кисела PH вредност треба да неутрализира киселоста со примена на вар.

Семенски материјал за одгледување на кромид

Може да се сади на три начини: со семе, арпаџик (кокар) и садници. Во Македонија најчесто се одгледува  со арпаџик. Било кој начин да се одбере  мора почвата да се подготви и наѓубри. За правилен раст и развој  на кромидот му се потребни хранливи материи. Покрај правилниот избор на почва и ѓубрење, за добри приходи неопходен е и квалитетен семенски материјал.

Температура

Пролетта е најдобар временски период за садење на кромид на отворено. Крајот на април и почетокот на мај се месеците кога треба да се почне со садење.  Температурата на воздухот треба да се движи околу 12 степен, а земјата да може лесно да се обработува. Пред да се сади кокарот треба да се подготви, односно потребно е да се поттикне  ртењето. За таа цел треба да се остави неколку денови на топло. Ако нема услови за тоа, кокарот се потопува во топла вода и се остава 2-3 минути. После тоа се остава уште една минута во ладна вода. Со цел да се спречат одредени габични и вирусни заболувања кокарот може да се испрска со бакар сулфат. Како заштита од инфекции може да се примени и солен раствор или слаб раствор од калиум перманганат.

Садење на кромид

Кога садниот материјал е подготвен, се преминува кон садење. Малите луковици се ставаат во земјата во претходно направени редови на растојание од 25 см. Треба да се внимава да не се сади многу длабоко Луковиците се ставаат отприлика на 2-2,5 см во земјата, а растојанието во редот да биде околу 10 см. Се става со коренчето кон земјата. Откако ќе се нареди кокарот во редовите со помош на грибло се  покрива со тенок слој земја.

 ВАЖНО: Е ДА НЕ СЕ САДИ МНОГУ ДЛАБОКО БИДЕЈЌИ ТОА ЌЕ ВЛИЈАЕ НА РАСТОТ И РАЗВОЈОТ НА ГЛАВИЦИТЕ НА КРОМИДОТ.

Наводнување, прихрана и заштита од штетници при одгледување на кромид

За да се добие квалитетен и убав кромид потребно е да се внимава на наводнувањето, прихраната и заштитата. На почеток наводнувањето може да биде еднаш неделно, околу 10 литри вода на метар квадратен. Ако годината е сушна тогаш бројот на наводнувања треба да се зголеми и обратно ако има летни дождови нема потреба од наводнување.

Што се однесува за прихраната во зависност од фазата на развој на кромидот се вршат три прихрани. Се препорачува прихраната да се врши со органски ѓубрива. Првата прихрана треба да се изврши кога ќе никне кромидот, кога ќе излезат првите ливчиња (перца). Втората прихрана се врши по две недели, а третата кога главицата на кромидот ќе достигне големина на орев.

Расцутен кромид

Кога кромидот ја оттурнува почвата и излегува на површина не треба да се покрива, а треба да се престане со прихрана. Искорнете го секој кромид од кој растат цветни стебленца. Кај нас ваквиот кромид е познат како машки кромид. Ова значи дека луковицата  престанала да расте. Овој кромид не може долго време да се чува, но може да се користи во некои рецепти за јадење во рок од неколку дена.

Формирање главици на кромидот

Берба и чување на кромид

Кога кромидот ќе достигне одредена големина и зрелост лисјата почнуваат да жолтеат. Ова се случува на средината од летото. За да се забрза овој процес лисјата треба да се свиткаат и да се изгазат. Во оваа фаза се престанува со наводнување на кромидот. Кога лисјата до главицата ќе добијат кафеава боја се пристапува кон берба.

Бербата се прави исклучиво при суво време. Треба внимателно да се манипулира со главиците кромид бидејќи и најмало оштетување може да предизвика повреди кои може да доведат  до гниење на кромидот. Откако ќе се извади од земјата се сечат: коренот и  лисјата на 2 см од главицата. Доколку се планира да се плете во венци тогаш се остава поголема должина од лисјата.

Се одлага на суво и заштитено место неколку дена, а потоа се складира. Може да се стави во мрежи или  во картонски кутии во два слоја. Може  да се сплете во венци кои потоа се обесуваат на ладно, суво и проветрено место. Идеална температура за чување кромид е од 4-15 степени. Од време на време треба да се направи проверка да не има расипани и изгниени или пак изртени главици. Таквиот кромид треба да се отстрани. Кромидот не се чува во фрижидер.

НАПОМЕНА:КРОМИДОТ НЕ СМЕЕ ДА СЕ ЧУВА ВО БЛИЗИНА НА ЈАБОЛКА И КРУШИ БИДЕЈЌИ ТИЕ ИСПУШТААТ ГАС КОЈ ШТО ГО ПРЕКИНУВА МИРУВАЊЕТО НА КРОМИДОТ И МОЖЕ ДА ДОВЕДЕ ДО ПОРАСТ НА ЛИСЈА.

Одгледување на кромид

Есенско садење на кромидможеби ве интересира

Занимливости

Освен како храна кромидот е познат и по неговите лековити својства. Во минатото се верувало дека сок од кромид може да помогне главоболка, каснување на змија, треска. И во денешно време кромидот се користи за подобрување на човековото здравје. Претставува одлична превентива за заштита од вируси и бактерии на кардиоваскуларниот систем, дигестивниот тракт како и заштита од канцерогени клетки. Се користи за правење сируп против кашлица, за лечење на рани. При убод од инсекти со премачкување со парче кромид се намалува болката и чешањето. Нутриционистите го препорачуваат во намалување на телесна тежина и за регулирање на крвен притисок, шеќер во крвта и инсулинска резистенција.

СЦЗРР