Сеидба, ѓубрење, избор на сорти и заштита и нега на посевот се клучните елементи во одгледувањето на пченица Тие се клучни за добивање на добар принос на пченица. Имајќи го предвид фактот дека пченицата е основна храна која ја користи околу 70% од светската популација, нејзиното одгледување е многу значајно и треба да се пристапи многу сериозно. Во текстот подолу имате можност да се запознаете со сите фази од одгледувањето на пченица.
Зошто пченицата се смета за основна храна во светот?
Пченицата се смета за многу важна култура веднаш по пченката и оризот. Освен зрното од кое се добива брашно и наоѓа голема примена во прехранбената индустрија (покрај леб се произведуваат уште низа други производи кои се користат во исхраната на луѓето) се користи за ферментација при производство на алкохол, а жетвените остатоци наоѓаат примена во сточарството како и за биогориво.
Во својот состав најмногу содржи јагленохидрати дури 71 %, протеини од 15 – 17%, масти 2,5%. По својот хемиски состав богата е со минерали и витамини посебно од Б групата.
Имајќи предвид дека светската популација се повеќе се зголемува се бараат начини за зголемување на површините под оваа култура како и сорти кои ќе може да ги издржат екстремните временски при што ќе се добие голем принос. Во Македонија се произведуваат околу 250 000 тони пченица што не ги задоволува во целост нашите потреби.

Плодоред и обработка на почва
Во одгледување на пченица од големо значење за постигнување добри приноси е почитувањето на плодоредот. Плодоредот и обработката на почва се сметаат за најважна агро техники. До колку се почитуваат, гарантиран е голем и квалитетен принос. Плодоредот значи, една иста култура да не се одгледува на иста површина едно по друго. Ова треба да се почитува за да се избегнат негативните страни при одгледување на пченица како монокултура. Со плодоредот се избегнуваат појава на болести, штетници и плевели. Подобро се искористуваат минералните елементи на почвата. Најдобро е пченицата да се сее после легуминози како: соја, грав, грашок или пак после сончоглед, пченка, компир, бостан и др.
Легуминозите го прекинуваат циклусот на развој на болести, ја збогатуваат почвата со азот и ја оставаат почвата релативно чиста од плевели.
Окопните култури пак ја подобруваат структурата на почвата и водно – воздушестиот режим на почвата.
Која почва е добра за одгледување на пченица?
Исто така приносите во голема мера зависат од квалитетот на почвата. Пченицата сака почва богата со хумус и влага со Рh вредност 6,5 – 7 (неутрална со блага киселост). Доколку почвата ги нема доволно потребните хранливи материи ќе треба да се дополнат со поголема количина на ѓубрива.

Обработката на почвата, што и како ќе се примени зависи од културата која што претходно се одгледувала на површината. За пченицата многу важен период е обработката на почвата во летниот период по собирањето на преткултурата и есенскиот пред сеидбен период. Многу важен елемент е сочувувањето на влагата во почвата. Во летниот период се препорачува плитко орање и внесување на основни количини на ѓубриво. Длабочината на орањето многу зависи почвено климатските услови. Целта е да се создаде доволно растресит слој од 20 -30см. Тешките почви се ораат подлабоко додека песокливите поплитко. Во дополнителната обработка на ораничниот слој опфаќа кршење и ситнење на грутки при што се израмнува земјата што од друга страна ќе придонесе за изедначено ртење и никнување на пченицата.
Ѓубрење, сеење, склоп, нега
Ѓубрењето исто така е многу важен елемент во одгледувањето на пченицата. Придонесува за подобро искористување на влагата од почвата, го подобрува квалитетот на пченицата а се подобрува и приносот. За да се знае точно со што и во колкава количина да се ѓубри неопходно е да се направи хемиска анализа на почва. На тој начин се овозможува оптимално користење на ѓубривата. На тој начин позитивно се влијае на развојот на пченицата без да се уништува почвата. Азот, фосфор и калиумили познати како NPK ѓубриво се макро елементи кои што ја подобруваат плодноста на почвата, а со тоа обезбедуваат добар принос на пченица. За добар раст и развој на пченицата потребни се:
140 – 200 кг/ха азот;
70 – 130 кг/ха фосфор и
80 – 140 кг/ха калиум.
Ѓубрењето се извршува во неколку фази:
Во основното ѓубрење треба да се примени 500кг ѓубриво, NPK 8-26-26 или 300кг, NPK 10-30-20.
Со цел да се задоволат потребите за храна на семето, се ѓубри и за време на предсеидбените активности со NPK 15-15-15 или NPK 13-10-12. Доколку потребните дози на минерални ѓубрива се внесени во текот на основната обработка на почвата тогаш може да се додаде само УРЕА 46%N.

Пченицата има потреба од прихрана во фазите на братење и вретенење.
Одгледување на пченица и оптимални рокови за сеидба
На нашите простори оптимален рок на сеење е од 10 – 25 октомври. Секоја сеидба пред или после овој термин може да го намали приносот. Самата сеидба многу зависи и од временските прилики. Се случува сеидбата да се врши дури и на крајот на ноември или декември.
Покрај временските прилики од изборот на семе и длабочината на која се сее многу ќе зависи успешноста на сеидба, а подоцна и приносот.
Избор на семе
Сеидбата најчесто се врши машински ( на пазарот на земјоделски машини постојат различни видови на сеалки) и во редови. Растојанието на редовите треба да е од 12-14 см, додека длабината зависи од времето кога се сее и од самиот квалитет на почва. Се препорачува да се сее на длабочина од 3 – 5 см. Доколку почвата сува се сее на поголема длабочина, ако е влажна и тешка поплитко. Ако се сее пред оптималниот рок сеењето се врши на поголема длабочина, а ако се сее после оптималниот рок сеењето е на помала длабочина.
Изборот на семе е од особено значење. Денес на пазарот се продаваат најразлични сорти пченица од кои треба да се одбере онаа која најмногу одговара на почвено климатските услови на подрачјето каде што ќе се сее. Оттука изборот треба да се направи на високородна сорта која што може да издржи суша, мразеви па и болести. Најдобро е да се користи сертифицирано семе. Ако се користи семе од сопствено производство треба да се одбере здраво, крупно, чисто и да се селектира и дезинфицира.

Ако предсеидбената припрема не е доволно добра, ако има грутки на површината треба да се изваља со ваљак за да се покрие семето и да се поттикне ртење и никнување на пченицата.
Колку семе ќе се употреби зависи од самиот склоп на сортата, рокот на сеидбата, климатските услови и квалитетот на припремата на почвата за сеење. За еден хектар површина потребни се од 200-280 кг семе пченица.
Жетва на пченица
Собирањето на житните зрна или жетва е последната фаза од одгледувањето на пченицата. Од оваа фаза зависи крајниот резултат колку била успешна производната сезона. Жнеењето се одвива по суво време и во онаа фаза од развојот на пченицата кога зрното достигнува потполна зрелост.

За разлика од минатото кога жетвата се извршувала рачно во денешно време оваа операција се извршува машински, таа задача ја имаат комбајните. Од навремената и правилна подготовка на комбајнот како и квалитетот на зрното зависи успешноста на жетвата.
Во зависност од временските услови, условите на теренот, сортата и квалитетот на зрното жетвата може да биде едно фазна, двофазна и повеќе фазна.
Било кој вид на жетва ќе се применува после тоа стрништата не смеат да се палат.

Кај еднофазната, жетвата завршува најбрзо. Целата активност од косење, вршење и собирање се одвива во една фаза. При ваквиот начин на жнеење загубата и растур на зрна е најмала. Жетвата се врши во т.н. восочна зрелост на зрното со 30-35% влага.

Двофазната жетва се состои од откос на пченицата на висина од 20-30 см и така се остава да се исуши. Потоа се врши со комбајн. Ваквиот начин на жетва овозможува жетвата да се врши во вистинско време и да се остварат големи приноси. Како недостатоци се јавуваат: губитоци во вид на растур на зрна или пак недосечени класови, не извршени зрна кои заедно сламата и плевел завршуваат во елеваторот од машината.
Кога зрното е суво тоа може подолго да се чува при што опасност од болести е минимална, а зрното го задржува својот квалитет до неговата употреба.
Процент на влага во зрното
Поделба на зрното според процентуалното присуство на влага:
Суво зрно – до 14% влажност
Средно суво од 14 – 15,5%
Влажно повеќе од 15,5% до 17%
Сирово зрно над 17% влага.
Доколку зрното е суво се складира во силоси или посебни простории за тоа. Доколку содржи повеќе влага пред да се складира треба да се пристапи кон сушење бидејќи влагата може да предизвика муфла и да го расипи житото. Помали количини жито може да се остави на сонце да се исуши , но тоа бара повеќе време и труд бидејќи зрната одвреме навреме треба да се промешуваат.
Во денешно време постојат разни видови на сушари кои процесот значително го забрзуваат и се многу ефикасни. На сушење на зрната се преминува доколку влажноста во зрната надминува 16%.
СЦЗРР