Основни познавања за oрганското растително производство

Основни познавања за oрганското растително производство

Органското производство како поим воопшто не ни е непознато. Сепак, да доразјасниме што всушност преставува тоа и кој е начинот на кој што може конвенционалното земјоделство да се конвертира во органско.

Органското производство може да се дефинира како систем на производство кој ги комбинира најдобрите еколошки стандарди, и го одржува здравјето на почвата, екосистемите и луѓето. 

При конвенционалното земјоделство, се користат вештачки ѓубрива, пестициди и хербициди, со единствена цел – постигнување на повисок принос. Додека пак органското земјоделство наоѓа други начини за зголемување на плодноста на почвата и одржување на растенијата во здрава состојба. Притоа се користат земјоделски импуи како: ѓубриво, растителни хранливи материи, препарати за контрола на штетници и плевели, бактерициди и фунгициди кои што се дозволени во органското производство.

Кога производителот сака да премине од конвенционално кон органско производство, потребно е да се консултира со сертификационо тело и да аплицира за сертификација. Преодниот период од конвенционално кон органско производство, уште се нарекува и период на конверзија. Овај период започнува во моментот кога ке се потпиши договорот со сертификационото тело. Периодот на конверзија е три години за градинарски култури и две години за долгогодишни, лозови и овошни култури. Сертификацијата се врши секоја година.

Што треба да знаат земјоделските производители пред да се одлучат за органско производство?

Производителите кои сакаат да започнат или да преминат во органско производство  потребно е да се запознаат претходно со:

  1. Основните правила и методи кои се користат во органското растително производство
  2. Како се одвива процесот на сертификација и
  3. Што да очекуваат од органското производство

Основни правила и методи во органското растително производство

Без разлика дали станува збор за градинарство или овоштарство, кога се започнува со органско производство, многу е важно да се изберат сорти кои се поотпорни на болести и штетници и се адаптирани на локалните климатски услови.

Посадочниот материјал треба да биде од органско потекло. Во услови кога како таков не е достапен, може да се користи и конвенционален, но под услов да не е третиран со недозволени препарати и да биде одобрен од контролното тело.

Изборот на локација и оддалеченоста на парцелата каде ќе се практикува органско производство, од парцелите каде има конвенционално производство, е од големо значење. Во овоштарството, оваа оддалеченост би требало да изнесува 5-6м, а во градинарството оддалеченоста од соседната парцела зависи од видот на вегетацијата, културата или периодот на одгледување и врз основа на тоа, контролното тело ја дава таа препорака. Доколку не е возможно да се обезбеди таа оддалечленост, се препорачува подигнување на биолошка бариера, односно жив зид од вегетација.

Многу значаен услов за органско производство во градинарството е примена на агротехничката мерка плодоред. Фармерот може да одгледува иста култура на исто место две години со ред, но само под услов да не се појавиле болести и штетници.

Заштитата од болести и штетници во органското производство се врши исклучивосо препарати чија што активна материја се наоѓа на Листата на дозволени препарати според ЕУ-Регулативата.

Исто така, при заштитата се користат и други методи како на пример, садење на ароматични растенија кои што одбиваат појава на одредени штетници или во некои случаи привлекуваат корисни инсекти, околу парцелите или помеѓу редовите на растенијата. Или правење на препарати со користење на одредени растенија. Може да прочитате тука.

Парцелите со органско производство се наѓубруваат со ѓубрива од органско потекло: растителен компост, прегорено арско ѓубриво, како и други ѓубрива кои ги има во голем број а се дозволени за употреба

Плевелите во органското производство се контролираат исклучиво со комбинација од агротехнички мерки: плодоред, мулчирање, фламбација и сл.

Сертификација

Процесот на сертификација започнува со советување со стручно лице и запознавање со правилата и условиоте. Сертификацијата може да ја вршат само тела кои што се овластени од страна на МЗШВ.

Процесот на сертификација се состои од две главни фази:

  • Контрола – се врши од страна на контролор, а во присуство на производителот. На крајот од контролата се составува записник со соодветните наоди.
  • Сертификацијата – одлука која ја носи лице кое не ја вршело контролата, врз основа на добиениот записник.

Очекувања од органското производство

И покрај тоа што досегашните искуства покажуваат дека културите кои се одгледуваат органски, даваат споредливи резултати во однос на приходите, со конвенционално одгледуваните култури,  сепак мора да се има во предвид дека е тешко да се направи точно предвидување на подолг рок. Растителното производство и приносите од истото зависат од многу фактори: сорта, употреба на ѓубрива, контролирање на болести и штетници, примена на агротехника, временски услови и сл.