При подигнување лозов насад треба да се обрне внимание на неколку битни работи кои во иднина би довеле до добар квалитет. Доколку се направи правилен избор на терен, местоположба и квалитетен саден материјал се избегнуваат евентуални грешки кои би се рефлектирале во крајниот резултат.
На што да се обрне внимание при подигнување лозов насад?
Лозовиот насад е долгогодишен насад и затоа при негово подигнување треба да се пристапи внимателно. Во продолжение прочитајте што е потребно при подигнување на лозов насад, на што да се обрне внимание пред да се садат лозовите калеми.
- Избор на терен;
- Ph – вредност на почва;
- Квалитетни садници и
- Лозарска опрема.
Избор на терен
Имајќи предвид дека станува збор за долгогодишен насад теренот е од големо значење. Многу значи дали насадот ќе биде изложен на сонце и ветрови или пак е подигнат на депресивен терен. Доколку не се направи правилен избор тоа ќе се одрази во понатамошното производство, квалитетот на овошјето како и приносот.
Сончев терен
Доколку се избере терен кој во најголем дел од денот е изложен на сонце се овозможува добивање на квалитетен прозивод. Најдобро е редовите во насадот да бидат свртени во правец север – југ. Изложеноста на лозите на сонце ќе овозможи правилен раст и развој на садниците во сите нивни фази. Сонцето позитивно влијае на бојата на зрната на грозјето, на шеќерните единици кои директно влијаат на квалитетот на идното вино. Изложеноста на сонце помага помала појава на болести како што се пламеницата и сивото гниење.
Интензитет на ветрови
Овој детаљ е исто толку важен како и останатите.Изложеноста на насадот на ветрови може да биде добро само до одреден степен. Доколку ветерот е умерен може да помогне околу сушењето на лисјата од вишокот вода, а и да помогне околу опрашувањето.
Доколку ветровите се со силен интензитет тие негативно ќе се одразат на насадот,на опрашувањето, а може да предизвикаат и штети. Затоа добро е да се знае правецот на движење на ветровите за да може правилно да се одреди насоката на редовите во насадот.
Депресии – најнеповолни терени
Грозјето сака светлина и топлина така што избегнувајте ги депресивните терени. Тоа се ниски терени во кои се задржува влагата и ладниот воздух. Премногу влага и ладен воздух негативно ќе се одрази на квалитетот на грозјето, а подоцна и на виното. Грозјето тешко зрее а има и помалку шеќерни единици во својот состав.
Ph – вредност на почвата
За одгледување лози најдобро е почвата да има мала киселост, рн вредноста да се движи од 6-6,5. Најдобро е да се направи хемиска анализа на почвата за да се знае со сигурност со каков квалитет се располага.Ако почвата е многу кисела тогаш се преминува на калцификација. Ова се постигнува со додавање на карбонати односно вар.
Од хемиската нализа подоцна ќе се знае што и недостига на почвата па да се ѓубри со соодветено ѓубриво. Врз основа на добиените податоци се прави и изборот на соодветни садници.
Избор квалитетни садници
Откако е направен правилен избор и местоположба на теренот са преминува на садниот материјал. Секогаш треба да се избира квалитетен и сертифициран саден материјал. Квалитетот на садниците е еден од условоите за добивање на квалитетно грозје. Треба да се одбираат садници кои се отпорни на болести и други патогени. Од тоа подоцна зависи и големината на приносите.
Лозарска опрема
Поседувањето на соодветна опрема ќе озовможи правилна примена на сите агротехнички мерки во производството на грозје. Лозарската опрема ќе овозможи полесно и поквалитетно извршување на потребните задачи во лозовиот насад.
СЦЗРР