Пченкова златица (Diabrotica virgifera) – еден од најзначајните штетници на пченката

Пченкова златица (Diabrotica virgifera) – еден од најзначајните штетници на пченката

Пченковата златица (Diabrotica Virgifera) претставува многу значаен економски штетник. Се смета дека е најопасен штетник на пченката во светот. Во САД – како едни од најголемите производители на пченка, се троши околу една милијарда долари годишно за негово сузбивање.

За прв пат на Европскиот континент е забележана кон крајот на 20тиот век и од година во година предизвикува се поголема штета.

Морфологија

Јајцата на Пченковата златица имаат овален облик со бледо – жолта боја. Ларвата има бело, издолжено тело и темна глава, а куклата е бела. Имагото има жолтеникаво- зеленкаста боја со темен заден дел. Кај машките единки задниот дел е потполно темен – црн, а кај женките на задниот дел има 3 црни линии. Должината на имагото се движи од 4 до 7 мм.

Развоен циклус

Женката на Пченкината златица ги полага јајцата во почвата на околу 10см длабочина каде што презимуваат. Ларвата се испилува во средината на месец мај и поминува низ три ларвени стадиуми. Возрасните ларви полека излегуваат на површината каде што се куклат. Возрасните инсекти се појавуваат во втората половина на јули и цел август, а може да се сретнат и до крајот на октомври. Во наши услови Пченкината златица има една генерација годишно.

Какви штети предизвикува Пченкината златица?

Најголеми штети предизвикува ларвата на Пченкината златица. Таа се храни со коренот на растението. Најпрвин таа ги нагризува малите коренови влакненца, но како што расти, се зголемува и нејзината потреба од храна и таа започнува да ги гризи страничните корења и главниот корен. На крај тие може да бидат потполно пресечени, а растенијата ќе полегнат.

Имагото се храни со листот на пченката. А во фаза на цветање се храни со свилата и метлицата, а потоа навлегува и на врвот на самиот клас. Штетите кои ги нанесува овај штетник се многу големи и може да го уништат родот и до 90%.

Како да се намали бројноста на Пченкината златица и да се избегнат економските загуби?

За оваа цел се користат

  1. агротехнички и
  2. хемиски мерки.

Најважна и најефикасна агротехничка мерка е примена на плодоред. Со оглед на тоа дека испилената ларва може да се движи од 30 до максимум 50 см од местото на пилењето во потрага по храна, доколку не наиди на растение со кое таа се храни – пченка, таа умира. Затоа многу е важно да се избегне одгледување на пченка во монокултура.

Хемиската заштита најчесто се употребува во борбата против Пченкината златица во стадиум ларва, преку употреба на соодветни почвени инсектициди.

Планирањето на плодоредот, како и соодветната и навремената заштита на растенијата се едни од најважните фактори за квалитетно и квантитетно производство во земјоделството. Тимот на Советодавен центар за земјоделство и рурален развој Ви стои на располагање за секое Ваше прашање. Не се двоумејте да ни се обратите.