Св.Трифун се смета за заштитник на лозарите и градинарите. Овој ден е поврзан со низа обичаи меѓу кои закројувањето на лозјата за кое се верува дека ќе им донесе бериќет на стопаните.
Свети Трифун се празнува на 14 февруари според новиот (или на 1 сечко според стариот) календар. Едни го сметаат за последен од зимските, а други за прв од пролетните празници. Меѓу поголемите празници кои македонскиот народ ги празнува со многу обичаи, празник главно познат по обредното закројување на лозјата.
Во повеќе краишта на Македонија на овој ден рано наутро се одело во црквата каде што попот пеел молитва и светел вода. Од оваа вода за која се смета дека со осветувањето е ослободена од сите негативни демони и има лековита моќ, луѓето земале во шишиња и ги прскале лозјата при што го изведувале и обредното закројување.
Во врска со овој празник има многу записи, за тоа кои обичаи и како се одбележувал празникот. Тие се разликуваат од место до место но заедничко за сите е обредното закројување и вербата во добар и богат род.