Цвеклото е зеленчук кој се смета за најголем чувар на здравјето. Нашето поднебје е одлично за негово одгледување. Со негово правилно одгледување ќе добиете добар плод кој ќе ви гарантира добро здравје.
Цвекло – зошто е чувар на здравјето?
Богато е со витамини, минерали, масти, белковини и јаглени хидрати. Се смета за зеленчук со голема лековита моќ. Токму поради здравствените погодности кај човекот се смета за „ супер храна“. Плодот има топчеста или цилиндрична форма (трупка) со темнозелени лисја. Во исхраната може да се користат и трупката и лисјата.
Услови за одгледување цвекло
Овој зеленчук има краток период на вегетација и може да се одгледува како главна или пак како втора култура. Како втора култура може да се сади после ран компир, рана зелка , краставици и лук. Иако е култура која нема многу барања, сепак треба да се води грижа за плодордот.
Одгледувањето на цвеклото е лсно, но сепак треба да се запазат соодветни услови: почва, вода, топлина, заштита.
Ова растение бара растресита и плодна почва. Најдобро е таа да биде со неутрална или мала киселост со Ph вредност од 6,5 – 7,5 .
За разлика од другите коренести растенија цвеклото има потреба од топлина и светлина. Тие се исклучително важни, особено во првите фази на раст и развој на растението. Потребно е да се одбере добра позиција за негово садење. Сака топлина , но толерантно е и на ниски температури. Никнатото растение може да издржи температура од -3 степени, а коренот до -2 степени Целзиусови. Наспроти ова толерира и високи температури. За негово одгледување оптималната температура е од 20 -25 степени.
Наводнување
Што се однесува до наводнувањето има потреба од вода особено во првите фази од развојот кои подоцна стануваат умерени. За разлика од други зеленчуци најдобро толерира недостиг на вода, што не може да се каже и за многу вода. Не толерира многу вода, потребна му е оптимална количина на влага.
Садење на цвекло
Садењето на цвеклото може да се прави на два начина. Директно садење на семето во почвата на отворено или пак со расад кој се подготвува порано. Сепак за да се добијат добри плодови треба да се изврши правилна обработка на почва.
Правилната подготовка на почва е од големо значење за добивање добри приноси. Со таа активност се почнува уште од есен кога почвата се ора на длабочина од 25-30 см и се ѓубри со минерално и органско ѓубриво . На пролет почвата треба само да се растреси на длабочина од 10 см и да се израмни.
Кога цвеклото се сади директно во земја на отворено, семето се става во редови на растојание од 10см на длабочина од 2 см. Меѓуредовото растојание треба да изнесува 30 см.
Кога се прави расад за цвекло, семето се става во соодветни садови во кои се става растресита плодна почва. Ако температурата е 10 ° семето ќе никне за десеттина дена.
При растењето треба да се внимава и да се ретчи бидејќи од едно семе излегуваат повеќе растенија. Треба да се остави најсилното. Послабите растенија треба да се отсекуваат со ножица. Не се препорачува корнење за да не се оштети коренот. Расадување се врши кога растението ќе развие 2-4 листови.
Нега при одгледување цвекло
Окопувањето е мерка која трерба да се практува повеќе пати во текот на растењето на цвеклото. На тој начин се отстранува коровот кој му ја одзема на коренот влагата од земјата. Чистиот простор му овозможува на цвеклото да ја користи правилно топлината, влагата и хранливите материи од почвата со што се создаваат услови за здрави квалитетни плодови.
Треба многу да се внимава околу наводнувањето. Во текот на растењето доколку земјата е сува, цвеклото треба добро да се наводни. Водата му овозможува плодот да се развие во правилна топчеста форма со подобар квалитет. Во спротивно коренот ќе се издолжи (барајќи вода во почвата), а плодот ќе биде жилав.
Што се однесува за заштитата, вообичаено ова растение не го напаѓаат болести и штетници. Може да се појават лисни вошки или некое габично заболување. Затоа треба да се внимава да се користи здраво и дезинфицирано семе со што би се избегнале евентуални болести. Ако состојбата е алармантна, консултирајте се со агроном.
Вадење и складирање на цвекло
Кога трупката цвекло ќе оформи соодветна големина се вади од земјата. Ако не го користите веднаш плодот, тогаш се отсекуваат лисјата на висина од 5 см од главата и се става во темна и ладна просторија, но сепак да е заштитено од мрзнење.