Јарење кај козите и правилна грижа за јарињата по породувањето

Јарење кај козите и правилна грижа за јарињата по породувањето

Јарењето претставува еден од најважните периоди во производството на козјо млеко и одгледувањето на кози. Со него започнува нова лактација кај козите, а на свет доаѓаат јарињата кои ќе се користат за приплод или за тов. Правилната грижа за козите и јарињата во овој период е од клучно значење за нивното здравје, развој и продуктивност.

Постапки за време на јарењето

Во најголем број случаи козите се јарат самостојно, но присуството на одгледувачот е важно за навремена интервенција доколку се појават компликации.

Веднаш по раѓањето потребно е да се исчистат носот и устата на јарето за да може непречено да дише. Папочната врвца најчесто сама се кине, но доколку тоа не се случи, треба да се пресече на околу 6–7 cm од стомачниот ѕид, да се подврзи и дезинфицира.

Кај послабите јариња, особено по потешко породување, неопходно е телото да се избрише со сува крпа и нежно да се истриe за да се поттикне циркулацијата. На козата треба да ѝ се овозможи да го излиже јарето, а во боксот да има доволно сува и чиста простирка.

По породувањето, постелката обично се исфрла во рок од два часа. Во наредните десетина дена од матката се исфрлаат заостанати материи (лохии), кои нормално немаат непријатен мирис. Доколку се забележи гноен или непријатен исцедок, потребна е ветеринарна интервенција поради можна инфекција.

Колострумот – прва и најважна храна

Колострумот (првото млеко) е од исклучително значење за новороденото јаре. Потребно е јарето да го внесе што е можно побрзо по раѓањето, бидејќи неговата хранлива и имунолошка вредност се намалува со секој изминат час.

Колострумот обезбедува:

  • Пренос на антитела и јакнење на имунитетот;
  • Подобра отпорност кон болести;
  • Поттикнување на работата и чистењето на дигестивниот тракт.

Во првите денови јарињата најчесто цицаат по сопствена потреба, а подоцна може да се хранат со мајчино млеко, полномасно млеко или млечни замени во зависност од производствениот систем.

Одбивање на јарињата

Одбивањето најчесто започнува на возраст од 4 до 6 недели и треба да се спроведува постепено. Во овој период на јарињата треба постојано да им бидат достапни:

  • Квалитетно сено;
  • Свежа и чиста вода;
  • Концентрирана смеса со околу 18% сурови протеини.

Целта е постепено да се стимулира развојот на претжелудниците и јарињата навремено да преминат на исхрана базирана на кабаста храна.

При воведување зелена храна во пролетниот период, потребно е тоа да се прави постепено, а пред пасење или давање зелена маса секогаш да се обезбеди сено за да се намали ризикот од појава на проливи и дигестивни нарушувања.

Наш совет

Успешното јарење и правилната грижа за јарињата во првите недели од животот се основа за здраво и продуктивно стадо. Навременото внесување колострум, добрата хигиена, квалитетната исхрана и внимателното одбивање од млеко значително влијаат врз растот, развојот и идната производност на козите.