„Алесто“ е првата семејна винарија во Преспа. Сместена е во срцето на Преспа, во с.Арвати.
Александар и Стојанче Димовски се пионерите на винското производство во овој регион. Младешкиот дух и ентузијазам кај овие двајца браќа направи примарното производство на јаболка да го прошират со нешто посериозно. Неколку годишното аматерско експериментирање со грозјето, одлучуваат да го претворат во бизнис идеја. Со помош на неповратен грант од државата успеваат идејата да ја претворат во реалност. Ја отвораат првата семејна винарија не само во с.Арвати туку и во целиот Преспански регион под името „Алесто“.Го искористивме нивното присуство на новогодишниот базар во Битола да поразговараме за нивните идеи, желби и можности во овој бизнис.
Со „Алесто“ кон спој на вино, храна и рурален туризам
Кога се зборува за Преспа прва асоцијација е јаболкото. Но кај овие двајца млади постои визија за нешто повеќе од тоа што е сега овој регион. Иако нивното образование директно не е поврзано со производството на вино, сепак сакаат со своите желби и способности да направат спој на вино, храна и рурален туризам.

-Јас не сум енолог ниту технолог за производство на вино, ниту пак мојот брат. Преспа е позната по производството на јаболка, но имам идеја и желба да го возобновам винарството. Откако знам за себе во моето семејство, за наши потреби се произведува ракија. 2-3 години пробував (аматетрски) да видам дали може или не може да се произведе вино. Поради моите обврски со учењето во Скопје не можев доволно да се посветам на оваа идеја, објаснува за sovetodavna.mk Александар Димовски. Кога се создадоа услови почнав сериозно со моите експерименти, овој пат во нашата семејна винарија „Алесто“. Ги искористивме можностите што се создадоа со Законот за семејни винарии и продажба од праг и аплициравме за неповратен грант од државата. Финансиската поддршка ја вложивме во набавка на опрема и се она што ни беше потребно за да може да функционира винаријата, додава Александар.
Станушина, прокупец и вранец се сортите грозје од кои во винаријата се точи црвено, бело и розе вино. На лозовите насади се експериментира и со трпезно грозје, но засега, како што велат сопствениците, тоа е само за домашна употреба. Сепак тоа е доволно да почне да се раскажува винската приказна за Алесто во Преспа.
Називот „Алесто“ ги претставува креаторите на винаријата
Алесто е спој од имињата на двајцата браќа. Имало повеќе предлози за име на винаријата, но предлогот „Алесто“ бил најприфатлив. Але Сто се првите букви од имињата на Александар и Стојанче кои се всушност креаторите на целата идеја и сметаат дека тоа успешно ќе ја претставува и прераскажува приказната за винското производство во с.Арвати.
-Ова ни е прва година што произведовме вино. Прилично сме задоволни од количините и квалитетот на грозјето. Секако задоволни сме и од квалитетот на првото виното. Моментално немаме големи количини, но се доволни за пласман во Преспа и Македонија. Планираме да го пласираме тука низ Македонија. Кога ќе се создадат услови и доволни количини ќе се пласира и на пазари надвор од земјата, вели Стојанче Димовски.
Каде се предизвиците поголеми во виното или јаболката?
Во земјоделското стопанство на семејството Димовски примарна дејност се јаболката. Но, помладите членови во винското производство гледаат големи предизвици.

-Виното е потешко за да стигнеш до готов производ, а јаболката се полесни. Започнавме да пишуваме нови страници со кои се надевам дека ќе го подигнеме туризмот во Преспа, вели Стојанче. Моментално повеќе сме фокусирани на винаријата, но не ги оставаме јаболката. Во план ни се и други овошни производи со што ќе можеме да ја зголемиме понудата.
Квалитетот само може да донесе успех
С.Арвати каде што е подигната семејната винарија „Алесто“ се наоѓа во прекрасно природно опкружување и нуди одлични можности за развој на рурален и вински туризам. Она што сакаат да направат Александар и Стојанче е да се искористат природните можности и сето она што овој крај може да им го понуди на посетителите: природа, традиционална храна, вино. Сето ова спакувано во одлична понуда за развој на рурален туризам. Свесни се дека ќе треба многу работа за да може да ги задоволат вкусовите и на најпребирливите посетители. Тука се и советите од ангажирано стручно лице – енолог.
– Да се препознае квалитетот е многу важно. Во нашата држава има многу мал број што знаат да консумираат добра храна, а не знаат да консумираат добро вино. Сомелиерите се тие што може да кажат кое вино најдобро оди со која храна, а ние пак тоа да им го понудиме на гостите, вели Стојанче за sovetodavna.mk.
Александар потврдува дека се фокусирани на квалитетот. Секако тој квалитет треба да биде забележан. Како млада винарија Александар и Стојанче ги прават првите чекори на винскиот пазар. Земаат учество на базари и други настани каде може да се промовираат и да ги презентираат вината од „Алесто“.
-Благодарение на Слоу фуд и други органзиации, има многу настани на ниво на Македонија. Ги има низ цела Македонија, а денес сме овде во Битола. Битолчани имаат истанчен вкус за храна и вино. Ваквите настани се многу убави. Секој сака да се покажи во најдобро светло и секој винар ќе ве упати кое вино е по ваш вкус. Секој има различен вкус , некој пие црвено вино, друг бело. Некој не може заради здравствени причини да пие воопшто но го купува за лек. За нас секое искуство е добредојдено, вели Александар.
Идни планови за „Алесто“
Во денешно време да се реализира една бизнис идеја воопшто не е лесно, но не и невозможно. Александар и Стојанче имаат амбициозни планови за Алесто. Ги чека многу работа и посветеност.
-Почнавме со мал капацитет за производство на вино на нашите простори. Иднината на Алесто ја гледаме многу повеќе од ова денес. Изградба на репрезентативен објект во Преспа, поголем од овој што го имаме денес. Желба нѝ е на едно место да има можност за посета на винарска визба со сместување, простор за дегустација на вино и храна. Секако нашите вина да ги пласираме и на странски пазари.
Желба визија и цел имаме. Останува да работиме посветено и еден ден нашата визија да стане реалност, рече Александар Димовски.