Босилекот како алтернативна култура за прва пат во Пелагонија посадена на голема површина. Истражувањата од мострите покажуваат одлични резултати. Илче Марковски од с.Жабени битолско е првиот во Пелагонија што почна да одгледува босилек. Инвестицијата ја започна користејќи поддршка од ИПАРД програмата.
Илче Марковски од с.Жабени битолско целиот свој живот се занимава со земјоделство. Одгледува поледелски култури, градинарски и сè она што може да се одгледува на плодната Пелагонија. Барајќи начини како да го осовремени и развие своето стопанство, покрај другите култури се одлучува и за алтернативно земјоделско производство. Босилек како ароматична билка ја засадува на 3 000М2 површина.

-Долги години се занимавам со земјоделство. Земјоделство без механизација и земја не е можно. Ги следев јавните огласи и аплицирав за набавка на прскалка и тањирача преку ИПАРД програмата. Инвестицијата која ми беше делумно одобрена, беше поврзана со одгледување босилек. Јас сум првиот во Пелагонија што насадил босилек на поголема површина. Се консултирав со стручни лица околу сите оние агротехнички мерки што требаше да ги запазам за да добијам квалитетен производ, објаснува Илче за Советодавниот центар за земјодлство и рурален развој од Битола.
Консултацијата со стручни лица е неопходна
Бидејќи оваа ароматична билка треба да ја одгледува најмалку 5 години, Марковски ги бара сите начини за да може производството да биде одржливо. Во моментот насадот со босилек е во одлична состојба и треба да се бере. Единствено што го мачи во моментот е откупот.
-Стапив во контакт со компанијата Алкалоид од Скопје. Зедоа мостри од босилекот за да ги испитаат и да се види каков е составот. Резултатите покажаа одличен состав. Сите оние етерични масла кои треба да ги содржи билката се застапени. Тоа многу ме охрабри. Од друга страна се појави реален проблем. Од Алаклоид ми рекоа дека ќе го откупат целото производство само доколку го доведам до фаза на сув босилек. Во моментов барам начини како тоа да го изведам, додава Илче Марковски.
Дознаваме дека ваквите ароматични билки Алкалоид ги увезува од Египет. Цената за сув босилек изнесува 140ден/кг. Марковски смета дека цената е ниска. Вели дека доколку се јави некој заинтересиран да го земе во оваа состојба ќе го продаде. Ова му е прва година и нема да се откаже. Напротив ќе бара други можности со цел производството на босилек да му се исплати.
СЦЗРР