Денеска, во просториите на Клубот на пратеници, беа доделени договорите на жените земјоделки, добитнички на грант до 6000 евра, од вториот јавен повик за мерката 115 „Поддршка на активен женски член на земјоделско стопанство“ позната како мерка „Рурална жена“.
Потпишани 70 договори за жени претприемачи по мерката „Рурална жена“
„Денеска сме овде сите заедно, за да сведочиме на новоит успех, потпишани нови 70 договори, од вториот јавен повик кои лично ќе ги врачиме. Со вториот јавен повик за мерката, предност им дадовме на жените земјоделки регистрирани согласно Закон за вршење земјоделска дејност и Закон за ПИО. Со ова фокусот го ставивме на поддршката на жените кои се вистински земјоделки и на кои земјоделското производство им е основна дејност. На повикот аплицираа вкупно 132 жени земјоделки. Од нив, 70 ги исполнија условите и одобрен им е грант во вредност до 6000 евра по корисник“ рече Николовски на врачувањето на договорите.
Со средствата од грантот, жените земјоделки можат да набавуваат опрема за винарство, линии за производство на сточна храна, опрема за производство на мед и пчелни производи, опрема за млинови, молзачки, калапи за сирење, машини за преработка и мелење на месо и останата преработувачка опрема, со што ќе можат да развијат нови производи, нови брендови и нова додадена вредност во македонската економија и тоа токму во руралните средини.
Најголем интерес има за набавка на опрема за фарми и за винарии како и за производство на мед, маџун, преработка и сушење на овошје и зеленчук.
„Особено ме радува што помеѓу апликантките има и апликации за набавка на соларни сушари на овошје и зеленчук, нешто што е современо решение со оглед на енергетската криза, а истовремено е потврда дека со помош на мерките и политиките на министерството, се развива и модернизира земјоделското производство“ потенцираше Николовски и ги поттикна жените земјоделки да ги искористат и другите мерки од програмите на Министерството.
Новата Програма за поддршка на малите производители на храна, овозможува грант до 10.000 евра за набавка на опрема за производство и директна продажба, преку која се очекува да се поттикне развој на нови 2000 производители. Оваа програма се воведува за прв пат и претставува директна поддршка за земјоделците кои своето производство сакаат да го пласираат на пазарот по принципот на продажба од праг или од фарма. Жените земјоделки ќе можат да аплицираат и за новата мерка за бизнис план од Програмата за рурален развој, со што им се овозможува да достават сопствен бизнис план преку отворен јавен повик кој ќе трае преку целата година. Исто така, за земјоделците од мал обем, новиот модел на субвенционирање предвидува поддршка до 40.000 денари без услов за предавање на производството.
Договорите за грант беа доделени од страна на министерот Николовски, државниот секретар Исмаили и директорот на Платежната агенција, Бачовски.
Заедничката порака упатена кон руралните жени е тие да продолжат да бидат храбри, да имаат идеи за бизнис, да аплицираат, а институциите повторно ќе го реализираат ветувањето, соопштуваат од МЗШВ.
СЦЗРР