Донесена програмата за органско производство за 2023 година

Донесена програмата за органско производство за 2023 година

Согласно Националната програма за земјоделство и рурален развој 2023-2027 година, на вчерашната владина седница се усвои новата програма за финансиска поддршка на органското производство 2023 година.

Мерките и инструментите во Програмата се насочени кон зголемување на конкурентноста на органското земјоделско производство во Република Северна Македонија, заради успешен пласман на домашниот и странските пазари.

Средствата за финансиска поддршка во органското земјоделско производство за 2023 година се во вкупен износ од 104.000.000,00 денари, обезбедени согласно Буџетот на Република Северна Македонија за 2023 година.

Производителите на органско производство покрај основните субвенциии добиваат дополнителни субвенции за покривање на дел од дополнително направените трошоци заради почитување на правилата на органското земјоделско производство.

Директните плаќања за органско како поддршка на доходот на вршителите на органско земјоделско производство се реализираат по површина, грло или единица производ и продолжуваат да претставуваат значителен стимул на одржливоста на земјоделската дејност во незагадените области соодветни за органско земјоделско производство.

Поддршката за органското производство во 2023 година, продолжува со дополнителни директни плаќања со зголемување од 30 % за фуражни култури, со зголемување од 50% за поледелство, сточарство и пчеларство, со зголемување од 70% за овоштарство и лозарство и со зголемување од

100% – градинарско производство, како и покривање од 50% на трошоците за сертификација на органско производство и покривање од 80% од трошоците за агрохемиски, педолошки или анализи на остатоци од пестициди, тешки метали и сл. материјали на почва и во органски производи.

Новина во програмата за 2023 година е зголемување на поддршката во преработувачката индустрија, во Мерка 4 – директни плаќања за преработка на органски производи и органски производи во преод од домашно сточарско и растително потекло (вклучително за доработка и пакување на самоникнати видови со органско потекло), покрај досегашните 10% од вредноста на произведените и продадени производи со максимален износ до 150.000,00 денари по оператор, годинава има и финансиска поддршка од 30.000 денари по сертифициран органски производ од растително и сточарско прпозводство, за не повеќе од пет сертифицирани органски преработени производи.

Во последните три години, површините под органско земјоделско производство бележат тренд на раст. Всушност, органското земјоделие е холистички пристап во управување со производството, кој го промовира и подобрува здравјето на агро-екосистемот, вклучувајќи го биодиверзитетот и природните циклуси, преку употреба на агрономски, биолошки и механички методи, во спротивност со употребата на синтетички материјали (хемикалии) во конвенционалното производство. Тоа е систем кој започнува да ги зема предвид потенцијалните еколошки и социјални влијанија врз животната средина и општеството, а индиректно има позитивно влијание на нашето здравје.