Зелениот пазар во Битола преполн со овошје и зеленчук. Ова е знак дека летото заминува и време е за подготовка на зимница. Зимница не може да се замисли без ајвар, лутенка, слатко од црни сливи, туршија, низи со црвени пиперки, домата, кечап, малиџано итн.
Долг е списокот на производи што некогаш ги правеле домаќинките. Домаќинска куќа порано се сметала онаа што ќе има бочва со вино, сирење во канти и зимница со сè и сешто. Така налагала традицијата. Убава традиција која во денешно време не може секој да ја следи. Причините се различни, најчесто финансиски, но често се нема ниту време. Подготовката на зимница бара повеќе време и посветеност. Младите домаќинки го немаат, поради работни обврски и новиот начин на живот. За среќа ги има оние локални производители кои се обидуваат да ја сочуваат традицијата. Продаваат готови производи од ајвар до туршија и сè она што има на ова поднебје.
Зелениот пазар во Битола денес со богата понуда. Ајварката се продаваше од 40 -60 ден/кг и 35ден на вреќа; доматите за кечап 25-30ден/кг, феферони 70ден/кг, везени лути 30-50ден/кг, тиквици 20ден парче, црн домат 15-20ден парче, морковите 50ден/кг, рукола 20ден киска, керевис 30-50 ден, ротквица 30 ден, спанаќ 150ден/кг, бамја 180ден/кг, кромид 40ден/кг, грозје 60ден/кг, карфиол и брокула по 100ден парче, бабури 70ден/кг, грав 180 -200ден/кг.
Погледнете ја фото галеријата:
СЦЗРР