Исплатени субвенции за тутун

Исплатени субвенции за тутун

Рекордни 26 милиони евра субвенции за произведен и предаден тутун од реколтата 2022 година денеска се исплатени на сметките до 15.753 производители на тутун, соопоштува МЗШВ.

На прес конференција министерот за земјоделство Љупчо Николовски соопшти дека:

Висината на директните плаќања изнесуваат 80 денари по килограм за прва класа произведен и предаден тутун , 70 денари за втора класа и 60 денари за трета класа произведен и предаден тутун од реколта 2022 година. Минатата година испишавме историја и по цена и по количина и по период на откуп. За прв пат тутунот достигна рекордна откупна цена од 290 денари по килограм, што е зголемување за 44% во споредба со реколтата од 2021 година. Сведоци сме сите дека како никогаш до сега имавме година во која откупот помина без ниту еден проблем, а целокупното производство од реколтата 2022 беше откупено два месеци порано пред истекот на законскиот рок. Имавме година со добар квалитет на тутунот што допринесе дури 80% од тутунот да биде откупен во прва класа, што претставува уште еден историски успех за производителите на тутун“.

Вкупната вредност на откупениот тутун во 2022 година достигна 6 милијарди денари и во целост е исплатен од страна на откупните претпријатија. Тутунот во реколтата 2022 година е засаден на површина од 13.237 хектари, што претставува зголемување на површините за 11%, односно нови 1.453 хектари. Тоа допринесе и за зголемување на договорното производство на тутун за околу 8%, односно нови 1.780 договори или вкупно 29.429 склучени договори за 2022 година, соопшти министерот Николовски.

„Преку денешната исплата на субвенциите за произведен и предаден тутун од реколтата 2022 година ја заокружуваме успешната година“, додаде Николовски.

СЦЗРР