Исплатени 461,5 милиони денари субвенции за поледелски култури

Исплатени 461,5 милиони денари субвенции за поледелски култури

Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој изврши исплата на 461.492.542 денари за 23.874 земјоделски стопанства – производители на поледелски култури.

Средствата се исплатени согласно Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2025 година, како директни плаќања за обработлива земјоделска површина под поледелски култури, лековити, ароматични и зачински растенија, како и цвеќе.

Корисници на оваа мерка се земјоделски стопанства кои во производната 2024/2025 година имале засеани и ожнеани површини со една или повеќе од следните култури:

Пченица, јачмен, пченка, ориз, ‘рж, овес, тритикале, хељда, сирак, суданска трева, просо, хмељ, лен, леќа, кикирики, соја, сончоглед, тутун, маслодајна репка за човечка исхрана, добиточна репка, афион, шеќерна репка, памук, анасон, фацелија, граор, еспарзета, добиточен грашок и наут (слануток).

Поддршката се однесува и на површини кои биле засеани или одржувани со луцерка, како и на површини под едногодишни и повеќегодишни лековити, ароматични и зачински растенија и цвеќе.

За остварување на финансиската поддршка, земјоделските стопанства треба да ги исполнуваат утврдените услови, меѓу кои:

  • Минималната вкупна засеана површина за сите култури изнесува 0,5 хектари во производната 2024/2025 година;
  • За тутун, минималната засеана површина изнесува 0,2 хектари;
  • За цвеќе, минималната засадена површина во 2025 година изнесува 0,2 хектари;
  • Земјоделските стопанства кои се запишани во Регистарот на снабдувачи на семенски материјал, согласно Законот за семенски и саден материјал за земјоделски растенија, исто така се опфатени со мерката, согласно исполнувањето на пропишаните услови.

Исплатата претставува директна финансиска поддршка за земјоделските производители и има за цел да придонесе кон одржување и унапредување на земјоделското производство и подобрување на економската одржливост на земјоделските стопанства.