Тиквичките може да ги одгледуваме од садници или со семе директно во земја кон крајот на април или почетокот на мај на отворено. Производството на расад овозможува порано да се почне со берба. Со правилна технологија на производство и соодветна нега може да се добијат одлични приноси.
Тиквичките водат потекло од Мексико. На почетокот се користеле само семките за подоцна овој плод да најде широка примена во исхраната, така што денес се познати низа вкусни кулинарски рецепти.
Тиквичките се најраниот зеленчук кој обилно раѓа од почетокот на летото до доцна есен. Припаѓа на семејството тикви. Може да се одгледува на отворено а и во садови. Постојат повеќе сорти и во зависност од времето кога се садат може да бидат рани, средни или доцни. Често за да се има овој зеленчук во повеќе сезони, може да се садат повеќе сорти. Во ваков случај треба да се внимава на растојанието на садење меѓу нив кое треба да биде од 10-15 дена.
Тиквичките се растенија кои не поднесуваат кисели почви. Исто така не се препорачува да се садат неколку години по ред на исто место . При изборот на површина треба да се внимава да не биде во близина на други растенија од семејството на Тикви. Најдобро е да се садат после коренест зеленчук како кромид, морков, цвекло, компир, зелка.

Садење на семе од тиквички
Тиквичките се растенија кои обожаваат топлина така што со нивно садење може да се почне кога нема опасност од пролетни мразеви. Со оглед на тоа дека постојат и рани сорти, треба да бидете подготвени (бидејќи се многу нежни) да ги заштитите од евентуални ниски температури со фолија. Оптимална температура за садење е 15-18 степени.
Тиквичките може да се садат директно со семе на отворено од средината на месец април или со помош на готов расад (претходно произведен во затворен простор) на почетокот на месец мај.
Одгледувањето на тиквички со помош на расад овозможува побрзо да се стигне до берба. За производство на расад потребно се да се одбере соодветна сончева и топла просторија. Семките се ставаат во мали садови и при оптимална температура од 18-25 степени семето ќе изрти за седум дена. На расадот покрај топлина му е потребна и влага така што после 25 – 30 дена младите садници ќе бидат доволно развиени за да се пресадат на отворено.
Пресадувањето треба да се прави многу внимателно, да не се оштетат корените на садниците бидејќи се многу кревки.

Почва
Подготовката на почвата каде што ќе се садат тиквички треба да почне уште од есен. Се препорачува почвата да се обработи на длабочина од 20-25см и добро да се наѓубри.
Добро е да се одбере лесна почва која е изложена на сонце. Најдобро успеваат на почва со неутрален индекс на РН вредност. Сакаат земја богата со хумус, но не и кисели почви и оние каде има високо ниво на подземни води.
Кога се сеат директно во почва на отворено, претходно треба земјата да се ископа до 10 см длабина и да се израмни. Семето пред да се стави во почва треба да се подготви на тој начин што ќе се стави во вода да кисне 24 часа. На тој начин ќе се поттикне процесот на ртење на семките. Водата во која ќе се потопуваат семките треба да биде одстоена со цел да се ослободи од евентуално присуство на хлор во нејзиниот состав. Треба да се внимава и при изборот на ѓубрива да не содржат примеси на хлор.
Семките се садат на растојание од 50 до 70 см и на длабочина од три до четири сантиметри. Во градините најчесто се сеат во куќишта во кои се ставаат две до три семки. При подготовка на куќишта за сеење потребно е да се додаде компост, ѓубриво или некое друго органско ѓубриво. Кога ќе никнат тогаш се остава најразвиената садница, а останатите се корнат.

Нега на посевот
Тиквичките имаат голема потреба од вода и хранливи материи. Наводнувањето е од особена важно во сушна сезона. Внимавајте водата да оди директно на коренот, а никако на листовите. Не треба да се претера со водата бидејќи ако има прекумерна влага растението може да изгние или да биде зафатено со некоја болест. Потребни се 10l вода за 1m², која не смее да биде ладна или топла (загреана на сонце). Оптималната температура на водата е 22ºC. Ладната вода може да предизвика паѓање на цветот.

Растенијата се чувствителни на услови со прекумерна влажност дури и кога температурата е под 15ºC. Нема да им одговара ниту кога температурата е превисока, бидејќи цветовите ќе паднат и ќе останат неоплодени.
Кога садницата ќе има 4-5 ливчиња тогаш треба да се пристапи кон окопување и разлабавување на почвата како и отстранување на плевелот околу коренот.
Тиквичките имаат машки и женски цветови
Копарот, коријандер, нане, невен, засадени во близина ќе ги заштитат тиквичките од штетници и болести, а може да помогнат и околу нивното опрашување. Ова е од големо значење бидејќи тиквичките имаат машки и женски цветови. Машките цветови први цветаат и се на долго тесно стебленце. Женските цветови се јавуваат подоцна и на долниот дел има задебелување што личи на плод кој ќе се развие откако ќе биде оплоден со поленот од машките цветови. Најзаслужни за опрашувањето се инсектите. Покрај недостаток на инсекти можни се и други причини кои го попречуваат оплодувањето:
- Неповолни временски услови,
- Кисела почва
- Неправилно сеење и садење на семето
- Вишок на азотно ѓубриво
- Болест.
При постоење на неповолни временски услови за опрашување, кога е ладно и влажно тогаш се пристапува кон рачно опрашување со помош на четка. Може да помогне и прскање со топла вода и раствор на борна киселина (2г на 10Л вода).
Проблеми во опрашувањето може да се јават и кога времето е многу топло. За да се спречи појава на болести се препорачува пред да започнат земјоделските активности целиот земјоделски алат да се дезинфицира.
Ѓубрење и прихрана – важни за одгледување на тиквички
На почетокот на растењето, на тиквичките се додаваат ѓубрива богати со азот кои го поттикнуваат растот, а во плодниот период се погодни ѓубрива богати со фосфор и калиум.
Прихраната може да се врши и со природни средства. Можете и сами да ги подготвите. Во текот на вегетацијата, фаза на растење, третманот со раствор од млеко и сода бикарбона се покажал како добар. Освен што ги штити растенијата од патогени, млекото фолијарно ќе додаде хранливи материи.
Како прихрана може да се направи и инфузија која може да се направи од покосена трева и коприви од бавчата. За таа цел потребно ќе ви биде кофа или буре кое ќе го наполните со 1/2 или 3/4 искосена трева. Потоа целата смеса се прелива со вода се покрива и остава на топло и сончево место следните седум до десет дена . Се подготвува речиси исто како ѓубриво од коприва или други растенија.
Добиениот раствор се разредува со вода во сооднос 1:10 и се наводнува почвата околу растенијата.

Берба
Бербата на тиквичките се прави кога ќе достигне одредена зрелост. Во зависност од сортата идеална должина е кога ќе достигне 12-15 см. Треба да се внимава да не прераснат бидејќи тогаш го губат вкусот.
Тиквичките се откинуваат со остар предмет при што се оставаат неколку сантиметри од дршката. Редовната берба и нега само ги поттикнува тиквичките на пуштање на нови цветови и нов род.
СЦЗРР