Наводнување и ѓубрење во овоштарството

Наводнување и ѓубрење во овоштарството

Наводнување и ѓубрење во овошните насади се едни од најважните агротехнички мерки во овоштарството. Во денешно време постојат низа ефикасни начини за наводнување и ѓубрење. Со нивна примена се добиваат одлични резултати.

Наводнување со систем капка по капка во овоштарството

Наводнувањето со систем капка по капка е многу погоден за овошни насади.  Бидејќи растојанието помеѓу редовите е големо, со мала количина на латерални цевководи со капалки може да се покрие целиот насад. Оваа техника е најекономична дури поекономична од наводнување со микроспринклери.

 Со систем капка по капка  се влажни речиси 30% помала површина, а притоа нема влажнење на лисната површина. На овој начин освен заштеда на вода се намалува и можноста од појава на габични болести. Во споредба со наводнувањето со микроспринклери, капковото наводнување покажува и помала заплевеност. Со овој начин може залевање и при посилни ветрови.

Насад со капка по капка

Преку системот капка по капка кој најчесто работи под притисок над 1 бар водата се доведува во капалката. Тука под влијание на мрежата од лавиринтчиња овој притисок се намалува и водата паѓа во вид на капка близу кореновиот систем. Водата капи  при што се формира круг на влажнење околу коренот на садницата.

 Со спојување на повеќе влажни кругови, се формира влажна лента по должината на редот. Поставувањето на латералите може да биде директно на земја покрај насадите. За полесна обработка на почвата истите се врзуваат над земја на  првата шпалирна жица, односно на првата гранка.

Примена на фертиригација кај долгогодишните насади

Фертиригација претставува процес на примена на ѓубре, преку водата за наводнување. Самиот термин е сложен. Составен од два збора фертилизација (ѓубрење) и иригација (наводнување). Процесот на фертиригацијата претставува комбинација на две агротехнички мерки. Наводнување и ѓубрење во едно што доведува до многукратна корист во земјоделското производство. со овој начин се постигнува намалување на обемот на работа. Со здружување на два процеса во еден, се постигнува ефект на порамномерна распределба на ѓубрето. Нема растур,се става онаму каде што треба да биде (во самиот коренов систем, на потребна длабочина и во потребно количество).

Фертиригацијата е позната многу одамна, како во литературата така и во праксата. Ставањето на арско ѓубре на почетокот на браздите, познато под називот “шербетење” не е ништо друго туку аплицирање на ѓубрето со водата за наводнување, односно фертиригација.

Фертиригација преку систем капка по капка

Иако може да се примени со сите техники на наводнување, фертиригацијата својот вистински потенцијал го искажува со примена во системите за микро наводнување (капка по капка, микро распрскувачи). Причината за оваа состојба е во ефикасноста на користење на водата.

При примена на гравитациските техники на наводнување има големи загуби на вода (истекување, процедување вон зоната на кореновиот систем и др.) и ефикасно се користи околу 50% од водата. Доколку се примени фертиригација не се губи само 50% од водата, туку се губи и 50% од ѓубрето, кое што е скапо и не смее да се дозволат толкави загуби.

Систем капка по капка - круши

Со примена на вештачки дожд ефикасно се користи 70-80 % од водата, а со капка по капка ефикасно се користи дури 95% од водата. Со примена на микронаводнување загубите на вода и ѓубре се сведени на ниво кое е рентабилно и еколошки прифатливо.

 Најголема предност на фертиригацијата е што со нејзина примена се овозможува додавање на ѓубрето според потребите на растението. Ѓубрето се дава тогаш кога му треба на растението и во количество кое што му е потребно.

Недостатоци на класично ѓубрење

При примена на класично ѓубрење, ѓубрето се дава од есен или во рана пролет. Со низа на процеси содржината на ѓубре во почвата се намалува со тек на времето, односно како културата расте и се развива, наместо да има на располагање поголеми количества на хранива, овие количества се намалуваат и не можат да ги задоволат потребите, што негативно се одразува на приносот и квалитетот. Во ваков случај поголемиот дел од вегетацискиот период, кога има многу поголеми потреби, растението нема на располагање доволни количества ѓубре.

Мрежи на овошен насад со круши

 Доколку се примени прихранување одеднаш ќе се додадат поголеми количества на ѓубре, што ќе предизвика стрес на културата и набивање на површината со механизација. Покрај тоа многу тешко може да се аплицира ѓубрето во зоната на кореновиот систем (потребно е негово заорување). Исто така треба да се каже дека гранулираните класични ѓубриња (особено фосфорните) не се растворливи и ѓубрето не е веднаш достапно за растението.

Предности на фертиригацијата:

– хранливите материи се даваат според потребите на растението;

– се дава точна и лесно достапна форма на хранливи материи која полесно се извлекува од коренот на растението;

– се подобрува (дуплира) приносот и квалитетот на производот;

– се подобрува искористувањето на ѓубривата од страна на растението, значи се заштедува ѓубрива;

– заштеда на време, работна сила, механизација и гориво;

– можност за целосна автоматизација на процесот;

– поголема контрола на хранливите материи во однос на длабочината на апликација на истите во почвата, како и на времето кога треба да се изврши апликацијата, со што се спречува промивање на истите во подземните води и евентуално загадување на животната средина.

Круши во овоштарник со систем капка

Можни недостатоци

– висока почетна инвестиција;

– доколку системот за микронаводнување не функционира правилно, може да се јави нерамномерна распределба на ѓубривата;

– можно е да се даде повеќе ѓубриво од стварно потребните количини, доколку определувањето на времето и количината на вода не е во согласност со културата.

Основната концепција и потребната опрема за изведување на оваа постапка е постојната опрема за микронаводнување, а изборот на опремата за фертиригација може да се направи дополнително зависно од бараните карактеристики.

СЦЗРР