Објавени дополнителните мерки од интервентен фонд за поледелските култури

Објавени дополнителните мерки од интервентен фонд за поледелските култури

Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ги објави новите дополнителни мерки од интервентен фонд за производителите на пченица и јачмен.

Корисници на мерката се земјоделски стопанства кои претходно имаат поднесено барање за директни плаќања по обработлива земјоделска површина со поледелски култури – пченица (барање за субвенции за засеани и ожнеани површини со пченица, подмерка 1.1) и оствареното производство го имаат продадено кај регистриран откупувач во период од 15 јуни до 5 септември 2024 година.

Исто така корисници се и земјоделски стопанства кои произведената пченица ја користат за потребите на сопствениот преработувачки капацитет запишан во Регистарот на откупувачи на земјоделски производи.

Висината на финансиската поддршка изнесува 3 денари по килограм.

Исплатата ќе се изврши за количини кои не надминуваат 4.000 кг по пријавен хектар.

Исплатата ќе се изврши без поднесено барање од страна на земјоделското стопанство. Податоците за продадената пченица Агенцијата ќе ги обезбеди преку Државниот инспекторат за земјоделство.

Со изменување на уредбата за директни плаќања за 2024 година во подмерката 1.3 „Дополнителни директни плаќања од подмерка 1.1 за остварено производство на пченица, јачмен, сончоглед, маслодајна репка и афионова чушка“, висината поддршката за јачмен се зголемува од 6.000 на 12.000 денари по хектар.

Корисници се земјоделски стопанства кои имаат засеани и ожнеани површини со јачмен и ги исполниле следните услови:

–          Имаат поднесено барање за субвенции за подмерка 1.1,

–          Оствариле минимален просечен принос од 3.000 килиграми по пријавен хектар и

–          Оствареното производство го имаат продадено или складирано кај регистриран откупувач, го користеле за исхрана на сопствениот добиток или го продале на регистриран одгледувач на добиток.

Барањата се поднесуваат во електронскиот систем на Агенцијата до 25 декември 2024 година.