Објавени повици за млад земјоделец мерка 112 и субвенционирање на каматната стапка мерка 2

Објавени повици за млад земјоделец мерка 112 и субвенционирање на каматната стапка мерка 2

Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој денес објави 2 јавни повици од програмата за рурален развој и тоа:

Мерка 112 – Mлад земјоделец и

Мерка 2 – Субвенционирана каматна стапка

Мерка 112 Помош на млади земјоделци за започнување на земјоделска дејност до 600.000,00 денари финансиска поддршка од прифатливите трошоци по поединечен корисник.

Средствата се наменети за инвестиции за набавка на нови основни средства, оперативни трошоци поврзани со набавените средства и останати трошоци предвидени со Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2023 година.
Максималната вредност на финансиска поддршка по корисник за Мерка 112 изнесува 600.000,00 денари, односно 100% од направените трошоци. Средствата се доделуваат за период на реализација на деловниот план и се исплаќаат на годишно ниво во најмногу три рати.

Трактор и приклучна механизација не се прифатлив трошок.

Барањата се поднесуваат електронски по извршена регистрација на e-baranje.ipardpa.gov.mk

Крајниот рок за доставување на барањата е 15.10.2023 година.

Барањата доставени по предвидениот рок нема да бидат разгледувани.

Мерка 2 Субвенционирање на каматна стапка минимум 50% од каматната стапка на годишно ниво запериод до 10 години.

Корисници на помошта за субвенционирање на каматна стапка се физички и правни лица корисници на финансиски средства од инструментoт за претпристапна помош во земјоделството и руралниот развој од Европската унија.

Помошта е наменета за кредити кои имаат годишна каматна стапка во висина до 8% на годишно ниво, кои се исклучиво пласирани од банки и штедилници со дозвола за работа од Народната банка на Република Северна Македонија за период до 10 години и тоа за инвестиции кои се финансирани од инструментoт за претпристапна помош во земјоделството и руралниот развој од Европската унија (ИПАРД) и истите не се повисоки од 500.000 евра во денарска противвредност по среден курс на Народната банка на Република Северна Македонија утврден на денот на склучувањето на договорот за кредит.
Помошта е во висина од 50% од висината на каматната стапка на годишно ниво. Висината на помошта може да биде и повисока од 50% во согласност со членот 94 став (2) од Законот за земјоделство и рурален развој.

Барањата се поднесуваат електронски по извршена регистрација на e-baranje.ipardpa.gov.mk

Право на користење на финансиски помош ќе имаат корисници на финансиски средства од инструментoт за претпристапна помош во земјоделството и руралниот развој од Европската унија (ИПАРД), кои потпишале договор после завршување на последниот јавен повик за субвенционирање на каматна стапка, односно после 18.01.2019 година.

Советодавен центар за земјоделство и рурален развој ви стои на располагање за подготовка на барањата и проектната докумнтација.