Боранијата (Phaseolus vulgaris) е еден од најраспространетите зеленчуци. Нејзиното потекло е од Мексико, а денес ја има во цел свет. Постојат повеќе сорти од овој зеленчук кои се разликуваат по бојата, големината и по формата. Благодарение на нејзиниот состав кој позитивно влијае на здравјето кај луѓето се препорачува почесто да биде застапена во исхраната. Лесна е за одгледување, има скромни барања и може да се одгледува на отворено и на затворен контролиран простор. Поради кусиот период на вегетација може да се одгледува на отворено и како втора култура.
Зошто да се одгледува боранија?
Боранијата (Phaseolus vulgaris) е една од најстарите одгледувани култури. Таа е мешункасто растение и се карактеризира со ниска калорична вредност. На 100г. Боранија има само 30 калории, но е богата со минерали и витамини. Во нејзиниот состав има калиум, калциум, магнезиум, железо, а од витамините ги има А,К,Ц,Б9 и др. Богата е со растителни влакна и протеини. Заради микронутриентите и антиоксидативните компоненти позитивно влијае на човековиот организам и може да помогне околу отстранувањето на одредени здравстевени проблеми.
До сега се познати над 100 сорти боранија и во зависнот од бојата, формата и големината ја има: жолта, зелена, виолетово-жолта, шарена, куса, средна или долга, остра, тркалезна, широка, сплескана итн. Според времето на зреење има рани, средни и доцни сорти. На нашето поднебје одговараат раните и средни сорти. Времето потребно за зреење е од 60 -70 дена од садењето на семето. Постојат ниски и високи сорти и во зависност од желбата се применува соодветна технологија на одгледување.
Кои услови се потребни за одгледување на боранија?
Боранијата е култура која успева на умерено влажна клима. Сака топлина и светлина. Изборот на почва е од големо значење. Сака алувијални почви. Не поднесува тешки почви. Се препорачува плодна почва со хумус и РН вредноста на почвата да биде под 5,5. Може да успева и на повисока надморска висина. За најдобри пред култури се сметаат житариците и коренести зеленчуци. Не е добро да се одгледува на почва каде претходно се одгледувале: луцерка, соја и детелина.
На нашите простори боранијата најчесто се сади како пролетна култура. Површината на која се планира да се одгледува боранија потребно е да се изврши есенска обработка на почвата на длабочина од 30 см, а на пролет се извршува само пред сеидбена подготовка на почвата.
Што се однесува до ѓубрењето треба многу да се внимава. Со цел да се спречи прекумерна апсорпција на азот ѓубривото се нанесува на претходната култура. Боранијата има моќ на апсорпција на азот кој е потребен во почетната фаза од развојот на културата.
Боранијата е култура која сака топлина. Не поднесува ниски температури и затоа процесот на садење се прави тогаш кога температурата на почвата е од 10 -12 степени.
Кој е најдобар период за садење боранија?
Садењето на боранијата се врши кога нема опасности од мрзнење, а температурата на почвата достигнува 10 до 12 степени. Најдобар период е втората половина на март и средината на месец април. Во зависност од почвата е и длабочината на која се сади семето.
Боранијата најчесто се сади во редови и тоа на растојание од 50-60см, а семето се става на длабочина од 5-7см. На помали површини боранијата се сади во огништа со растојание од 50-30 см и во секое огниште се ставаат по 4-5 семки.
Одгледување на боранија во затворен и отворен простор
Боранијата сака топлина но не превисока температура. Високата температура и сувиот воздух штетно влијаат врз оплодувањето на цветовите. Сака топлина и светлина во раните фази од развојот. Исто така сака почвена и воздушна влага. Премногу влага и студено време не поднесува и се манифестира со низок род. Најмногу и одговара влага на воздухот од 60-70%.
Боранијата е култура која може да се одгледува и во затворен простор. Најчесто се одгледува во тунели и тоа од ниските сорти. Може да се сади и како втора култура после спанаќ, ротквица, ран компир и салата. Во пролет и лето може да се одгледува во пластеници без затоплување, додека во зима потребно и е затоплување.
СЦЗРР