Правилно управување со почвата

Правилно управување со почвата

Правилно управување со почва е дел од добрата земјоделска практика во секое земјоделско стопнаство. Задолжително е правилнно да се управува со почвата како ресурс. Почвата е ограничен природен ресурс и затоа треба да се обезбеди правилно користење и заштита на земјоделското земјиште.

 Под земјоделско земјиште се подразбираат ораници, бавчи, овоштарници, лозја, други долгогодишни насади, ливади, пасишта, бари, рибници како и друго земјишете кое се користи или не се користи, а кое со примена на агротехнички, агромелиоративни и хидромелиоративни мерки може да се оспособи за земјоделско производство. Секој сопственик и корисник на земјоделско земјиште е должен земјиштето да го користи во согласност со неговата намена, да ја одржува плодноста и да го штити од негова деградација.

Мерки кои треба да се преземат за правилно управување со почвата се:

  • Мерки за зголемување на плодноста на почвата
  • Мерки за заштита од ерозија
  • Мерки за заштита од пожари, загадување и зараза
  • Мерки за подобрување на својствата на почвата
  • Мерки за заштита од штетното дејство од водите
  • Мерки за органско земјоделско производство
Почвата е ресурс

Мерки за зголемување на плодноста на почвата

Плодноста на почвата може да се зголеми со примена на агротехнички, агромелиоративни и хидомелиоративни мерки како што се:

  • Правилна и навремена обработка
  • Навремено сеење садење и расадување на растенијата
  • Навремено ѓубрење на површините
  • Нега на културите и борба против плевели, болести и штетници
  • Навремена жетва и берба на културите т.е. вадење на клубени, луковици, столни и задебелени корени
  • Наводнување и одводнување
  • Калцификација на кисели почви
  • Хумификација и гипсирање на алкалните почви
  • Отсолување на солени почви и
  • Мелиоративно ѓубрење

Мерки за заштита од ерозија

Спречувањето и заштитата на почвата од ерозија е една од основните мерки за заштитата на земјиштето. Мерки кои треба секое земјоделско стопанство да ги преземе за спречување на ерозивните појави се следниве:

  • Ограничување или забрана за ископачување и сечење на овошки и шумска вегетација, освен поради агротехнички причини или некои градежни зафати кои се од јавен интерес утврдени со закон.
  • Одржливо и рационално користење на пасиштата – (напасување на добитокот согласно видот, времето и начинот на напасување)
  • Забрана за производство на едногодишни култури на терен со наклон над 15%
  • Забрана за отсранување на хумусниот слој т.е. ораничниот слој на земјоделското земјиште
  • Забрана за разорување на ливадите, пасиштата и необработените површини со наклон поголем од 15% и претворање во ораници.
  • Правилно управување со долгогодишните насади – ( оставање на меѓуредова зелена покривка)
  • Правилно управување со повеќегодишните култури кои се подигнати за заштита на почвата од ерозија.

Мерки за заштита од пожари, загадување и зараза

Секој корисник на земјоделско земјиште е должен да спроведува мерки за заштита од пожари загадување и заразување согласно прописите за заштита и унапредување на животната средина и природата.

Мерки за подобрување на својствата на почвата

Под подобрувачи на својствата на почвата се подразбираат органски или неоргански материи од природно или синтетичко потекло кои не содржат или имаат ниска содржина на макро и микроелементи и служат за подобрување на физичките, хемиските, биолошките и продуктивните својства на почвата, а не се сметаат за ѓубрива.

  • Минерални подобрувачи на почвата се производи од природно или синтетичко потекло и не содржат микро и макро елементи или содражат најмногу до 3% (варовник, гипс, доломит, песок, зеолит, бетонска глина, водено стакло и др).
  • Органски подобрувачи се производи од растително или животинско потекло или органски производи добиени по пат на синтеза и не содржат микро и макроелементи повеќе од 3% (арско ѓубре, компост итн.).

Мерки за заштита од штетно дејство на водите

Мерки кои се преземаат од штетното дејство на водите се заштитата од поплави, од ерозија, порои , замрзнување на површинската вода и отстранување на штетните последици од таквите води.

Мерки за органско земјоделско производство

Со органското земјоделско производство во почвата се зголемува количината на органска материја и се спречува уништување на биолошката разновидност и почвата преку користење на органски препарати добиени на природен начин.

Секое земјоделско стопанство во согласност со видот и типот на производство задолжително треба да ги применува овие мерки со што би ја подобрило состојбата на почвата, ќе обезбеди долгогодишно одржливо користење и постигнување на повисоки приноси. Обезбедувањето на одржливо земјоделско производство е и приоритет на нашата земја и земјоделските стопанства.

СЦЗРР