Нови програми за мали производители на храна и пијалоци беа презентирани во здружението Алијанса Премиум.
Преку Програма за финасиска поддршка на мали производители на храна, овозможена е поддршка во форма на неповратен грант до 600.000 денари за поддршка во набавка на опрема за производство, пакување и продажба од праг, соопштуваат од МЗШВ.
„Наша цел е преку оваа програма да мотивираме нови 2.000 земјоделци, кои веќе произведуваат некаков традиционален производ, да се регистрираат во АХВ и легално да можат да го вршат прозиводството, но и продабжата на истиот производ развивајќи го концептот за продажба од праг или фарма. Оваа програма е креирана по примерот на програмата за мали семејни винарии, што се покажа како многу успешна приказна, која ни потенцираше дека има многу мали семејни производители кои се заинтересирани да го шират бизнисот, но им треба финансиска поддршка од државата. По успешноста на програмата за поддршка на малите семејни винарии, минатата година им беше доделен грант до 600.000 денари на 59 мали винарии, со новата програма одиме чекор понатаму и ги поддржуваме малите прозиводители на храна“ рече министерот Николовски во своето обраќање пред присутните.
Корисници на средствата можат да бидат земјоделски стопанства запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства (ЕРЗС) во МЗШВ и кои се регистрирани или евидентирани како оператори со храна, од животинско или неживотинско потекло согласно Правилнииците за отстапувања од посебните мерки за хигиена за малите бизниси, начинот и барањата што треба да ги исполнат при директно снабдување со храна од страна на производител до краен потрошувач, условите за просториите, материјалите, инструментите и опремата во објектите кои произведуваат, како и начинот на производство на храна со традиционални карактеристики. Прифатливи трошоци по корисник се трошоци за набавка на опрема за производство на храна (доработка и преработка на примарни земјоделски производи) и/или трошоци за ангажирање на стручно лице (технолог за производство на храна), кои што не надминуваат 10% од вкупниот износ од висината на финансиската поддршка по корисник.
Успешната приказна на Програма за финасиска поддршка на мали семејни винарии, ќе продолжи и оваа година, со грант до 600.000 денари за набавка на опрема за производство и пакување, за мали семјени винарии со капацитет до 50.000 литри.
Новина е тоа што од оваа година ќе започне реализацијата на Програмата за поддршка за мали дестилерии. Станува збор за поддршка до 300.000 денари по корисник за поддршка при набавка на опрема за производство на жесток алкохолен пијалок, а корисници можат да бидат земјоделци мали производители на жестоки алкохолни пијалоци регистрирани во Електронскиот регистар на одобренија за мали производители на пиво, вино, етил алкохо и жестоки пијалоци и кои се евидентирани како акцизни обврзници во Царинската Управа и секако запишано во ЕРЗС ситемот на министерството.
Како што соопштуваат од МЗШВ, уште една нова мерка ќе стартува од оваа година преку Програмата за рурален развој. Тоа е мерката наречена „Бизнис план во земјоделството“. Со оваа нова мерка, земјоделците добиваат можност сами да одберат за каква инвестиција ќе аплицираат на повик кој ќе биде отворен во текот на целата година. Се што треба да направат е да подготват бизнис план и со него да аплицираат за грант до 600.000 денари, тогаш кога ќе бидат подготвени, без да брзаат и без ограничувања со рокови за аплицирање.
Сите овие можности, денеска им беа презентирани на членовите на Алијанса Премиум, кои се мали производители и кои настапуваат под заеднички бренд, соопштуваат од МЗШВ.
СЦЗРР