Ѓубрење-една од најважните агротехнички мерки

Ѓубрење-една од најважните агротехнички мерки

Kога и како да се изврши ѓубрење? Добро е да се знае одговорот на ова прашање бидејќи ѓубрењето се смета за една од најважните агротехнички мерки во земјоделското производство. Има повеќе видови на ѓубрење, но на сите целта им е иста, да се подобри составот на почвата  и да се добијат поголеми приноси.  Дали тоа ќе се изврши во есен или пролет не е сеедно. Прочитајте со што треба да ѓубрите во есен а со што во пролет?!

Ѓубрењето е операција со чија помош се подобрува составот на почвата со елементи кои ќе  овозможат стабилни и оптимални приноси на растенијата кои се предвидени да се одгледуваат на одредена површина. Ѓубрењето всушност ја помага исхраната на растенијата. Тоа е агротехничка мерка која ја подигнува плодноста на почвата. Со помош на ѓубрењето растенијата ги земаат потребните хранливи состојки. На тој начин им се овозможува правилен раст и развој.

Анализа на почва

Растенијата во текот на својот развој потребите од јаглерод диоксид и кислород ги земаат од  атмосферата .Водата и минералните материи ги земаат од почвата. Состојбата на хранливите материи во почвата не е фиксна и таа постојано се променува во зависност од културите што се одгледуваат. Токму поради ова треба да се следат промените и да се делува навремено. Кога условите не соодветствуваат за одредена култура треба да се реагира. Ѓубрењето всушност значи додавање на минерални материи во почвата. Кога, колку и како ќе се врши ѓубрењето? Тоа е операција на која треба да се пристапи многу сериозно. На ова прашање најдобро ќе одговори хемиската анализа на почвата.

Прво хемиска анализа па ѓубрење

Со помош на хемиска анализа ќе се утврди точната состојба на хранливите материи во почвата. Врз основа на резултатите се прави програма што треба да се аплицира во почвата за да се подобри нејзината плодност. Потребната количина на ѓубрива се одредува врз основа на следните параметри:

  • потребите на културата за хранливи материи (која култура ќе се одгледува бидејќи сите култури имаат различни потреби),
  • содржина на хранливи материи во почвата,
  • количина на хранливи материи на жетвени остатоци од претходната култура.

Основно ѓубрење

Вообичаено е на есен  на површините да се става сточно ѓубриво, познато како основно ѓубриво.  Ваквото ѓубрење се смета за  незаменлива агротехничка мерка. Во ваквиот начин на ѓубрење се одвива бавно активирање на минералите во почвата. Ова посебно на фосфорот и калиумот пред се поради нивното бавно активирање.  Кога ѓубрењето ќе се направи во вистинско време, почвата на пролет е богата со хранливи материи и подготвена е за интензивно производство.

            Доколку од било какви причини ваквото ѓубрење изостанало тогаш тоа ќе треба да се направи на пролет. Повторно   треба многу да се внимава. Најдобро е да се направи хемиска анализа на почвата со што точно ќе се знае хемискиот состав на почвата. Врз основа на потребите што ќе ги има културата што ќе се одгледува на површината ќе се направи соодветно ѓубрење.

Од незнаење или негрижа, земјоделците често го пропуштаат есенското ѓубрење и се потпираат на примена само на комплексни  ѓубрива пред сеење дури и  само  со азотна прихрана. Со ваквиот начин на работење не само што се прави штета на почвата   не може да се очекуваат ниту големи резултати во работењето. Пред пролетното ѓубрење треба да се направи хемиска анализа па потоа врз основа на резултатите  да се направи  ѓубрење. Може да е потребна и прихрана со одредени комбинации. Во поглед на квалитетот и потребната количина на прихраната точно же се знае по анализата на почва.

Ѓубрење во зависност од културата што ќе се одгледува

Во интензивното производство често се случува да има хранливи материи кои заостанале од претходниот производствен циклус. Овие хранливи материи може да бидат во расчекор со потребите на идната култура. Затоа треба многу да се внимава што ќе се одгледува во идната реколта и со што ќе се ѓубри за да не се доведат во опасност и културите и почвата. Ова често се случува со фосфорот во стакленици и пластеници.

Шталско ѓубриво

Со цел да не дојде до преголем внес на ѓубриво и да не се доведе до токсична состојба ниту растенијата ниту почвата, се препорачува на пролет во предсеидбеното ѓубрење предност да им се даде на комплексни ѓубрива на органска основа. Исто така се препорачува апликацијата да се изврши со помош на депозитори. На тој начин во почвата се внесува оптимална количина на ѓубриво односно се внесуваат само оние елементи кои му се потребни на растението. Со тоа се намалуваат и трошоците, бидејќи се набавува ѓубриво колку што е потребно , а со тоа се чува и квалитетот на  почвата од прекумерно дозирање.

Прихрана за надополнување на потребни елементи за развој на растенијата

Покрај основното ѓубрење во растителното производство треба да се обрне внимание и на прихраната. Ако тоа е добро направено, што ќе го покаже хемиската анализа, бидејќи секое растение има различна потреба од прихрана, експертите препорачуваат примена на КАН и фолијарна примена на микроелементи.Треба да се избегнуваат физиолошки кисели ѓубрива, кои со долгогодишна примена го деградираат земјиштето и ја прават почвата неупотреблива за растително производство.

За да се избегне деградација на почва се препорачува употреба на органски  ѓубрива. Ваквите ѓубрива се сметаат за одлична замена на сточното ѓубриво, кое го има се помалку. Од друга страна на пазарите има многу биостимулатори, аминокиселини, хормонски и други производи.

И покрај органскиот состав на ваквите ѓубрива и нивната голема корист во растот и развојот на растенијата сепак треба да се внимава како се користат и тоа не треба да се прави од памет. Ваквите ѓубрива ќе имаат корист доколку претходно се применети сите останати агротехнички мерки на современото земјоделство или доколку дошло до непредвидени услови во производството ( град, невреме, нагло пораснување или пад на температурите…). во спротивно ќе се направи голем трошок а нема да има ефекти.

СЦЗРР