Боровинките припаѓаат на родот Vaccinium, фам. Ericacecae. Растат како грмушка со висина од 25 до 120см, зависно од сортата. Цветаат од мај до јуни, а бобинките созреваат од јули до септември. Плодот е округла бобинка, со темно-сина до црна боја. Претставуваат одличен извор на растителни влакна, витамин Ц и К. Содржат манган и железо, како и голем број на антиоксиданси.
Основни услови при садење и одгледување на боровинката
Боровинката може да се одгледува на два начина:
- Во почва, на отворено
- Во саксии – полухидропонски начин на одгледување
И двата начина имаат свои предности и недостатоци. Но и во двата случаи, потребно е на боровинката да и се обезбедат потребните услови за добивање на високи и квалитетни приноси.
Почва
За развој на боровинката, почвата треба да биде со поголема киселост pH 4-4,8, со висок процент на органска материја и треба да овозможи одлична дренажа. Кога се садат на отворено, потребно е да се избери локација со благ нагиб на земјиштето.
Техника на садење
Се копаат ровови и се подигнуваат корита, со висина од 15-20 см- кои обезбедуваат добро исцедување на водата. Се препорачува користење на готов супстрат со ниска pH вредност. Најдобри резултати има кога при садењето, се меша киселиот супстрат, со хумус и земја, а после садењето се покриваат стеблата на садниците со органски мулч (корита – 15-20см висина). Мулчот треба да се повторува пвеќепати, поради потребата на корењата постојано да бидат покриени и да не се дозволи да останат незаштитени на површината.
Прихрана
Секогаш треба да се практикува испитување на почвата и да се врши прихраната согласно препораките врв основа на извршената агрохеммиска анализа на почва . При тоа секогаш да се внимава да се користат ѓубрива со кисела реакција, или оние кои во својот состав содржат сулфур.
Наводнување
За успешно одгледување боровинката бара висока релативна влажност на воздухот и врнежи од околу 600-800мм годишно. Во услови на наводнување, потребно е да се има во предвид дека боровинките имаат плиток коренов систем, распореден во горните слоеви на почвата , најчесто на длабочина од 20-30см и висока транспирација, што укажува на нивната потреба од почести наводнувања, но со кратки интервали. Идеално би било наводнување 6-8пати на ден по 15 минути. Неколку дена без вода, предизвикува стрес кај боровинката што води кон намалена фотосинтеза, прираст и приход. Но, прекумерното наводнување го спречува правилното функционирање на коренот, ја зголемува ерозијата на почвата и измивањето на хранливите материи. Исто така се зголемува и можноста за развој на патогени.
Подигнувањето на насад од боровинка претставува добар потенцијал за добивање одлични приходи. Но со оглед на тоа што почетната инвестиција е многу голема, и имајќи во предвид дека боровинките се доста чувствителни на болести и бараат соодветна нега и соодветно снабдување со вода и храна, Советодавниот Центар за земјоделство и рурален Развој, Ви препорачува најпрво добро да се информирате и посоветувате, пред да се одлучите за овај тип на инвестиција.