Објавена е програма за финансиска поддршка на руралниот развој за 2026 година

Објавена е програма за финансиска поддршка на руралниот развој за 2026 година

За оваа година со Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2026 година се обезбедени средства во износ од 423.346.596,00 денари, за развој, модернизација и економско јакнење на земјоделските стопанства во Република Северна Македонија.

Оваа програма има за цел да ги поддржи инвестициите во земјоделството, да го зголеми приходот на земјоделските стопанства и да поттикне одржлив развој на руралните средини.

Што е опфатено со Програмата за 2026 година?

Поддршка за млади земјоделци (Мерка 112)

  • Финансиска поддршка за започнување со земјоделска дејност
  • Поттик за нови земјоделски стопанства
  • Поддршка за млади лица од 18 до 40 години

Поддршка за активен женски член во земјоделско домаќинство (Мерка 115)

  • Неповратна финансиска поддршка
  • Инвестиции за преработка и развој на дополнителна дејност
  • Јакнење на економската улога на жените во руралните средини

Инвестиции во модернизација на земјоделски стопанства (Мерка 121)

  • Набавка на трактори, механизација и приклучна опрема
  • Подигање нови насади
  • Набавка на педигрирани грла добиток
  • Опрема за производство и преработка
  • Системи за наводнување
  • Инвестиции во обновливи извори на енергија

Инвестиции во зголемување на економската вредност на шумите (Мерка 122)

  • Инвестиции за одржливо стопанисување
  • Набавка на опрема и механизација

Инвестиции во инфраструктура (Мерка 124)

  • Водостопанска инфраструктура
  • Електрификација и пристап до пасишта
  • Консолидација на земјоделско земјиште
  • Модернизација на силоси

Инвестиции за реструктуирање на земјоделски стопанства (Мерка 126)

  • Поддршка за стопанства со 100–300 овци или 5–10 крави
  • Купување земјоделско земјиште
  • Изградба и реконструкција на објекти
  • Набавка на механизација и советодавни услуги

Економско здружување на земјоделски стопанства (Мерка 131)

  • Формирање земјоделски задруги
  • Поддршка за функционирање на задруги
  • Поддршка за заеднички настап на пазар

Помош за зачувување на рурални предели и традиционално сточарство (Мерка 213)

  • Надомест за чување и напасување добиток
  • Поддршка за сточари во планински подрачја

Помош за заштита и унапредување на животната средина (Мерка 214)

  • Зачувување автохтони раси
  • Зачувување генетска разновидност
  • Поддршка за одржливо производство

Техничка поддршка

  • Организирање саеми и промотивни настани
  • Учество на меѓународни натпревари
  • Маркетинг поддршка за земјоделски производи
  • Локални акциски групи (ЛАГ)

Кој може да аплицира?

  • Индивидуални земјоделци
  • Семејни земјоделски стопанства
  • Земјоделски задруги
  • Правни лица од областа на земјоделството
  • Јавни претпријатија и институции (за инфраструктурни мерки)

Вид на поддршка

  • Неповратни грантови
  • Капитални субвенции
  • Авансна исплата до 40% (кај одредени мерки)
  • Поддршка до 50–70% од прифатливите трошоци

Важно

Аплицирањето се врши преку јавни повици што ќе ги објавува Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој во текот на 2026 година.

Ги повикуваме сите земјоделски производители навремено да се информираат и да ги искористат можностите што ги нуди Програмата за рурален развој 2026.

Програмата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој може да ја преземете ТУКА.

За дополнителни информации и стручна помош при аплицирање, обратете се во Советодавна на контакт формата kontakt@sovetodavna.mk или на тел. 072/251-263.