
Цели на мерката
Општи цели:
- Поддршка за постепено усогласување на земјоделскиот сектор кон правилата, стандардите, политиките и практиките на Европската Унија со цел членство во ЕУ.
- Поддршка на економскиот, социјалниот и територијалниот развој со цел рамномерен, оддржлив и инклузивен раст, преку инвестиции во основни средства.
- Одговор на предизвиците кои ги носат климатските промени преку промоција на ефикасно искористување на ресурсите и обновливите извори на енергија.
Специфични цели:
- Модернизирање и преструктурирање на физичкиот (материјалниот) потенцијал со цел подобрување на целокупното работење на земјоделските стопанства при производството на примарни земјоделски производи, со тоа зголемување на вредноста на производството и маркетингот.
- Промоција на почитување на стандардите на Заедницата и подобрување на условите на земјоделските стопанства, особено на оние кои се однесуваат на заштита на животната средина, безбедност на храна и благосостојба на животните.
- Зголемување на потрошувачката на енергија од обновливи извори.
Финансиска поддршка предвидена со мерката
Минималната вредност на вкупно прифатливите трошоци на предложената инвестиција за оваа мерка не може да биде пониска од 3.000 евра во денарска противвредност не вклучувајќи го ДДВ, додека максималната поддршка која може да биде доделена на еден корисник под оваа мерка изнесува 1.500.000 евра во денарска противвредност не вклучувајќи го ДДВ за целиот период на спроведување на Програмата.
Вкупната финансиска поддршка (75% од ЕУ фондовите + 25% национално кофинансирање) која се исплаќа во вид на кофинансирање на инвестицијата во рамки на оваа мерка изнесува 60% од вкупните прифатливи трошоци на инвестицијата.
Овој процент на кофинансирање се зголемува до:
- 65% за инвестиции во земјоделски стопанства предложени од страна на млади земјоделци (физички лица на возраст од 18 години до 40 години сметајќи од денот на поднесување на барањето за финансиска поддршка);
- 70% за инвестиции во земјоделски стопанства во планинските области (Листа на планински области дадени во Прилог 1 на ова Упатство или може да се превземе од веб страната на Агенцијата ipardpa.gov.mk).
Процентот на кофинансирање ќе се зголеми за 10 процентни поени за делот од инвестицијата кој се однесува на:
- Инвестиции во системи за складирање и управување со арско ѓубре (пример:, третман, понатамошно користење и сл.).
- Инвестиции за подобрување на ефикасноста во употребата на азотни ѓубрива (пример: намалена употреба, опрема за прецизна употреба на ѓубрива и сл.).
- Инвестиции во објекти/опрема чија цел е подобрување на енергетската ефикасност (пример: употреба на градежни материјали кои ја намалуваат загубата на топлина).
- Инвестиции во објекти/опрема за производство на био-енергија во случај на обработка на производите (суровините) опфатени со Анекс I од Договорот со ЕУ (обработка на животинска или растителна примарна и секундарна биомаса) (Анекс I од Договорот со ЕУ може да се превземе од веб страната на Агенцијата ipardpa.gov.mk).
- Инвестиции во објекти/опрема за производство на енергија од други обновливи извори на енергија за задоволување на сопствените потреби за енергија на земјоделското стопанство.
- Инвестиции во објекти/опрема за третман на отпадни води/канализација.
Напомена: Зголемувањето на процентот на финансиската поддршка за 10 процентни поени се однесува само за делот на инвестицијата заради кој се врши зголемувањето на поддршката, а не за целосно предложената инвестиција.
Корисниците може да поднесат повеќе проекти во рамките на оваа мерка во текот на спроведувањето на Програмата, под услов максималната вкупна поддршка да не биде надмината и за претходниот проект да биде поднесено барање за исплата. Финансиската поддршка за ново поднесените барањата ќе се одобри по исплатата на финансиската поддршка од претходно одобрениот проект и склучен договор.
АФПЗРР пред склучување на договор со барателот ќе изврши проверка дали предложената инвестиција е веќе финансирана од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој, со цел да се спречи двојно финансирање на истата инвестиција.
Приоритетни сектори/прифатливи инвестиции
Следните сектори се прифатливи за поддршка со оваа мерка:
- Сектор за растително производство: (1) житарици, (2) индустриски и фуражни култури, (3) градинарски култури (вклучувајќи и компир), (4) повеќегодишни култури (овоштарници, вклучувајќи и трпезно грозје, маслинки, медоносни дрвја (за производство на мед), (5) лозја.
- Сектор сточарство: (1) Говеда (за млеко и гоење), (2) свињи (за репродукција и гоење), (3) овци и кози (за млеко и гоење), (4) живина (одгледувани за производство на месо – бројлери, кокошки несилки).
- Преработка и директен маркетинг на сопственото земјоделско производство на земјоделското стопанство (Директен маркетинг се однесува на активности поврзани со земјоделските производи произведени на земјоделското стопанство, подготовка, директна продажба и други маркетинг активности на земјоделското стопанство, вклучително и за преработени производи на земјоделското стопанство: (1) млеко и млечни производи, (2) месо и месни производи; (3) овошје и зеленчук, вклучувајќи и компири, печурки и мешункасти култури; (4) жита, мелничарски производи и производи од скроб; (5) растителни и животински масла и масти; (6) шира од грозје, сок од грозје, вино и оцет.
- Производство на енергија од обновливи извори за сопствена потрошувачка, преку обработка на растителни и животински производи од примарна и секундарна биомаса (освен биомаса од рибни производи) за производство на биогас и/или биогорива, користење на сончева енергија, ветерници, геотермална енергија итн.
Прифатливи инвестиции:
- Изградба или реконструкција на објекти и друг недвижен имот на земјоделското стопанство (како што се објекти за одгледување на добиток, складирање на храна, пластеници и/или стакленици, објекти за пост-бербени активности, сместување на земјоделските машини и опрема, објекти за заштитни средства на растителното производство итн) ;
- Набавка на повеќегодишни дрва и растенија (со исклучок на семе за повеќегодишни дрва и растенија), вклучувајќи овошни дрва, грмушки и трпезно грозје, маслинки, лозја, вклучително и придружни инсталации;
- Набавка и/или инсталирање на нови машини, приклучна земјоделска механизација и опрема/инструменти за подобрување на активностите за земјоделско производство на земјоделското стопанство;
- Набавка и/или инсталирање на нови машини/опрема за подобрување на стандардите на благосостојбата на животните (постојан пристап до свежа вода, исхрана, сместување и размножување, чистење на арското ѓубре, одмор на отворен простор итн.);
- Набавка и/или инсталирање на нови машини и опрема/алатки за пост-бербени активности, преработка и директен маркетинг на земјоделското стопанство,
- Набавка и/или инсталирање на нови машини/опрема за заштита на животната средина (енергетска ефикасност, контролирани климатски услови, справување и складирање на арско ѓубре, отпад и третман на нус-производи, третман на вода, итн.), вклучувајќи и ублажување на последиците од климатските промени (заштитни покривки, сенки и сл), вклучувајќи и обезбедување на електрична енергија и/или греење со користење на обновливи ресурси за да се задоволат потребите на земјоделското стопанство за сопствените активности на земјоделското производство;
- Инвестиции во објекти и опрема за наводнување на фарма , вклучувајќи нови резервоари за вода, цевководи, системи капка по капка, системи за измаглување, инсталации за распрскување, пумпни станици, итн.;
- Набавка на специјализирани транспортни приколки и возила, како што се земјоделски приколки, резервоари за млеко, транспортни разладни резервоари за превоз на производството, транспорт на живи животни и живина, специјализирана опрема за транспорт на арско ѓубре, транспорт на опрема за биомаса и сл.;
- Развој на инфраструктура на земјоделско стопанство, вклучувајќи изградба и реконструкција на патиштата и патеките на земјоделското стопанство, инсталации за снабдување со електрична енергија, водоснабдување и канализациони системи, одводнување (дренажа), артески бунари, оградување, итн. и други подобрувања на надворешниот простор од имотот на корисникот за задоволување на потребите на земјоделското стопанство за своите земјоделски активности.
ИПАРД – Прифатливи трошоци
а) Материјални инвестиции
- Набавка на градежни материјали и елементи за изградба или реконструкција на згради и објекти
- Набавка на нова земјоделска механизација, машини и опрема
- Набавка на повеќегодишни растенија (освен хибриди)
НАПОМЕНА: НАБАВКА НА ТРАКТОР НЕ Е ПРИФАТЛИВ ТРОШОК ВО ОВОЈ ЈАВЕН ПОВИК!
б) Не материјални инвестиции (поврзани со прифатливите трошоци од точка а)
- Стекнување со патентни права и лиценци
- Компјутерски софтвер вклучувајќи софтверски лиценци
- Инсталација на опрема (со исклучок на сервис) Изградба / реконструкција (вклучувајќи технички надзор)
- Услуги за садење и обновување на насади.
в) Општи трошоци (поврзани со прифатливите трошоци под точките (a) и (б)
- Подготовка на техничка документација, градежни планови и придружни студии
- Подготовка на Технички предлог проект / Деловен план: пресметка на трошоци, анализи, анализи на пазарот, маркетинг анализи
- Подготовка на документи за проценка на влијанието на проектот врз животната средина Управување со проекти
г) Трошоци за специфични информативни и рекламни активности на ниво на проект, кои се во надлежност на корисниците:
- Билборди
- Плакети
- Налепници, и др.
Напомена: Деталната Листа на прифатливи трошоци за оваа мерка е составен дел од ова Упатство дадена како Прилог 2.
Општите трошоци како што се надоместоците за архитекти и инженери и консултанти, физибилити студии, стекнување со патентни права и лиценци не можат да надминат 12% од вкупните прифатливи трошоци на инвестицијата. Специфичните пониски граници може да се утврдат во зависност од типот на инвестицијата.
Трошоци кои не се прифатливи
Следните трошоци не се прифатливи во рамки на оваа мерка:
- Даноци, вклучувајќи данок на додадена вредност;
- Царини и увозни давачки, и слични давачки;
- Купување, изнајмување или закуп на земја и постојни објекти, независно од тоа дали закупот резултира со пренесување на правото на сопственостна закупецот;
- Парични казни, финансиски казни и трошоци од судски спорови, камата на долг;
- Оперативни трошоци;
- Половни машини и опрема;
- Банкарски трошоци, трошоци за гаранции и слични давачки;
- Трошоци за менување валута, давачки и загуби во размена поврзани со ИПАРД евро сметката, како и други чисто финансиски трошоци;
- Придонеси во натура;
- Купување на права за земјоделско производство, животни, едногодишни растенија и нивно засадување;
- Трошоци за оддржување, амортизација и трошоци за наем.
Правила за потекло на трошоци
Доколку вредноста на набавката/инвестицијата е под 100.000 евра во денарска противвредност прифатливите трошоци поврзани со инвестицијата можат да потекнуваат од било која земја.
Во случај кога набавката/ инвестицијата се состои од повеќе делови/ ставки, правилото е применливо само за деловите/ ставките под 100.000 евра во денарска противвредност. Поделбата по делови/ ставки потребно е да биде легитимна, односно да не се вршат вештачки поделби на набавката/ инвестицијата на помали делови/ ставки со цел заобиколување на прагот од 100.000 евра во денарска противвредност.
Доколку вредноста на набавката од еден добавувач (независно дали од една или од повеќе понуди) е со износ поголем од 100.000 евра во денарска противвредност, во тој случај потеклото на стоките потребно е да биде од некоја од следните прифатливи земји:
- Земји членки на ЕУ:
Австрија, Белгија, Данска, Финска, Франција, Грција, Ирска, Италија, Луксембург, Германија, Холандија, Португалија, Шпанија, Шведска, Велика Британија, Кипар, Чешка, Естонија, Унгарија, Малта, Латвија, Литванија, Полска, Словачка, Словенија, Бугарија, Романија и Хрватска.
- Земји кандидати за ЕУ:
Турција, Србија, Црна Гора, Албанија и Македонија.
- Земји потенцијални кандидати за ЕУ:
Босна и Херцеговина, Косово.
Земји од Инструментот за европско соседство и партнерство
Алжир, Ерменија, Азербејџан, Белорусија, Египет, Грузија, Израел, Јордан, Либан, Либија, Молдавија, Мароко, Палестинска самоуправа на Западниот брег и појасот Газа, Сирија, Тунис, Украина, Норвешка, Лихтенштајн, Исланд, Швајцарија и Руска федерација.
∗Листата е само индикација за можни земји на потекло и не ја исклучува можноста за појава на дополнителни прифатливи земји како и исклучување на одредени земји од листата на прифатливи земји од табелата.
Набавките може да потекнуваат од било која земја доколку износот на набавката е под прагот за примена на постапката за прибирање на понуди со преговарање (во моментов 100. 000 евра во денарска противвредност). За целите на овие програмски средства, поимот “потекло” е дефиниран во членовите 23 и 24 од Регулативата (ЕЕЗ) бр 2913/9238 и друго законодавство на Заедницата кое се однесува на непреференцијално потекло.
| Набавка до 100.000 евра | Набавки над 100.000 евра |
| Правилата за потекло не се применливи. Трошоците поврзани со инвестицијата може да потекнуваат од било која земја | Правилата за потекло на трошоците се применуваат. Трошоците поврзани со инвестицијата мора да потекнуваат од т.н прифатливи земји. |
Кој може да биде корисник
- Земјоделско стопанство регистрирано во Единствениот регистар на земјоделски стопанства при Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство (во понатамошниот текст: ЕРЗС) како семејно земјоделско стопанство претставувано од физичко лице или од индивидуален земјоделски производител или како земјоделско стопанство претставувано од правно лице.
-
- Земјоделското стопанство – барател кое предлага инвестиции во растително производство, како и сите производни капацитети на земјоделското стопанство, треба да бидат регистрирани во ЕРЗС пред да аплицира за поддршка.
- Земјоделското стопанство – барател кое предлага инвестиции во започнување на сточарско производство треба да биде регистрирано како земјоделско стопанство во ЕРЗС и во Регистарот за идентификација на животни пред поднесување на конечното барање за исплата.
- Земјоделското стопанство – барател кое предлага инвестиции во преработка на земјоделски производи и маркетинг треба да биде регистрирано како оператор на храна во согласност со Законот за безбедност на храна во Агенција за храна и ветеринарство пред поднесување на конечното барање за исплата.
- Семејното земјоделско стопанство е преставувано од физичко лице кое е член на земјоделското домаќинство. Физичкото лице е овластено, од страна на сите други членови од земјоделското домаќинство, да го претставува земјоделското стопанство пред надлежните органи и да управува со него. Овластениот претставник и останатите членови на земјоделското домаќинство мора да живеат на иста адреса која е наведена како седиште на земјоделското стопанство, без оглед на локацијата на земјоделскиот имот (земјиште и објекти).
- Индивидуален земјоделски производител е физичко лице кое се занимава со земјоделство за негови нејзини лични потреби како сопственик на земјоделскиот имот или кој има право на користење на земјоделски имот добиено преку склучување законски договор со нејзиниот сопственик и е регистриран во Регистарот на индивидуални земјоделци при
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство или како Индивидуален земјоделски производител во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Индивидуалниот земјоделски производител е регистриран како семејно земјоделско стопанство во ЕРЗС.
- Земјоделско стопанство преставувано од правно лице треба да биде регистрирано во Централниот регистар во согласност со Законот за трговски друштва.
Земјоделските стопанства претставувани од страна на правно лице во случај нивниот капитал да е во сопственост на јавен орган или органи или од страна на државата со повеќе од 25%, не се прифатливи корисници со оваа мерка.
- Задруга која е регистрирана во Централниот регистар според Законот за задруги која примарно се занимава со земјоделска дејност, преработка на земјоделски производи и/или услуги кои се директно поврзани со земјоделските активности.
- Земјоделската задруга која се занимава со примарно земјоделско производство треба да биде во согласност со Законот за земјоделски задруги и да биде регистрирана во Регистарот на Земјоделски задруги при МЗШВ.
Критериуми за доделување на средства
Минимални капацитети
Сите баратели кои аплицираат за инвестиции поврзани со растително производство во времето на поднесување на барањето треба да покажат постоење на обработливо земјоделско земјиште регистрирано во Системот за идентификација на земјишни парцели со минималната големина во зависност од дејноста на растително производство која е предмет на инвестиции, како што следи:
- 0,3 ха во случај на инвестиции за одгледување на повеќегодишни растенија (култури) и оранжерии;
- 0,5 ха во случај на инвестиции поврзани со производство на зеленчук на отворено;
- 1 ха во случај на инвестиции поврзани со производство на житни, индустриски и фуражни култури
- 1 ха во случај на инвестиции во земјоделска механизација за растително производство, вклучително ливади и пасишта.
Сите баратели кои аплицираат за инвестиции поврзани со сточарското производство треба да покажат постоење на минимален број на добиточни единици (ДЕ) регистрирани во Регистарот за идентификација на животните воден од страна на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) со минимална големина во зависност на дејноста на сточарското производство која е предмет на инвестиција, како што следува:
- 5 ДЕ во случај кога инвестициите се однесуваат на говеда;
- 1,5 ДЕ во случај кога инвестициите се однесуваат на овци и/или кози;
- 8 ДЕ во случај кога инвестициите се однесуваат на одгледување на свињи;
- 10 ДЕ во случај кога инвестициите се однесуваат на одгледување на живина (со исклучок на патки, гуски, мисирки, фазани, ноеви, ему и бисерки).
Напомена: Сите баратели кои предвидуваат набавка на земјоделска механизација потребно е да покажат минимум 1 ха обработливо земјоделско земјиште под растително производство регистрирано во Системот за идентификација на земјишни парцели.
Табела 1 Коефициент за добиточни единици (ДЕ)
| Вид | Категорија | Коефициент |
| Говеда | Под една година | 0,400 |
| 1 и не повеќе од 2 години | 0,700 | |
| Машко, 2 години и повеќе | 1,000 | |
| Јуници, 2 години и повеќе | 0,800 | |
| Млечни крави | 1,000 | |
| Останати крави, 2 години и повеќе | 0,800 | |
| Овци и кози | 0,100 | |
| Копитари (коњи, магариња) | 0,800 | |
| Свињи | Прасиња со жива мера под 20 кг | 0,027 |
| Маторици со тежина од 50 кг и повеќе | 0,500 | |
| Останати свињи | 0,300 | |
| Живина | Бројлери | 0,007 |
| Несилки | 0,014 | |
| Ноеви | 0,350 | |
| Друга живина | 0,030 | |
| Зајаци, репродуктивни мајки | 0,020 |
Формула за пресметка на ДЕ:
(број на животни) Х (коефициентот за добиточни единици) = ДЕ Пример:
Земјоделското стопанство располага со производствен капацитет од 50 прасиња со жива мера под 20 кг, 50 свињи во тов над 20 кг и 10 маторици.
- коефициентот за прасиња под 20 кг согласно табелата е 0,027
- коефициентот за свињи над 20 кг согласно табелата е 0,300
- коефициентот за маторици согласно табелата е 0,500 Пресметка на бројот на Добиточни единици (ДЕ) ќе биде:
(50Х0,027)+(50Х0,300)+(10Х0,500)=1,35+3+5= 9,35 ДЕ
Баратели кои со инвестицијата започнуваат да се занимаваат со сточарско производство или не го исполнуваат минималниот капацитет на ДЕ можат да аплицираат и да користат поддршка, ако со реализација на инвестицијата ги достигнат минималните капацитети во однос на ДЕ, истото треба јасно да биде наведено во Техничкиот Предлог Проект/Бизнис План.
Доколку барател е земјоделска задруга минималните капацитети можат да се докажат преку производствените капацитети на членовите за земјоделската задруга и/или преку постојаните договори со кооперантите.
Корисниците се должни да ги евидентираат сите промени на производните капацитети во Единствениот регистер на земјоделки стопанства и во Системот за идентификација на земјишни парцели и/или Регистарот за идентификација на животни особено оние кои се резултат на реализираната инвестиција пред поднесување на конечно барање за исплата.
Општи критериуми за доделување на средства
Инвестициите треба да се реализираат на имот кој е во сопственост на барателот. Во случај на инвестициски проекти, кои се реализираат на имот кој не е во сопственост на барателот, треба да биде доставен договор за закуп, имотен лист со цел докажување на правото на користење на имотот кој е засегнат од инвестицијата за период од најмалку 7 години од денот на поднесување на барањето. Договорот за закуп, времетраењето и површината на која се однесува договорот задолжително треба да биде впишан во имотниот лист.
Овластениот претставник на земјоделското стопанство треба да докаже дека има завршено минимум средно образование или високо образование преку диплома/сертификат или минимум 3 години работно искуство од областа на земјоделско производство, преработка или услуги поврзани со земјоделството (докажано преку доказ за професионално работно искуство или преку доказ како корисник на националните програми за поддршка во земјоделството и руралниот развој или други прифатливи писмени докази).
Кандидатите кои не ги исполнуваат горенаведените вештини и компетенции на крајот од инвестицијата треба да обезбедат сертификат за обука издаден од страна на релевантни стручни институции за обука, образовни и истражувачки институции или јавни советодавни институции, доставувајќи ја и листата на посетени обуки поврзани со инвестицијата.
Најмалку едно одговорно лице од правниот субјект кој го претставува земјоделското стопанство или земјоделската задруга треба да е во редовен работен однос или под договор со времетраење не пократко од 5 години. Трговците поединци и индивидуалните земјоделски производители (регистрирани согласно законот за вршење на земјоделска дејност) треба да бидат постојано вработени. Во случај на нови инвестиции овој услов треба да биде исполнет пред поднесување на конечното барање за исплата.
Исполнување на соодветни стандарди
Земјоделското стопанство корисник на оваа мерка со поднесување на барање за исплата (завршување на инвестицијата) треба да докаже со доставување на соодветен документ дека во целост ги почитува минималните национални стандарди за заштита на животната средина, јавното здравје и благостојба на животни.
Напомена: Листата на минимални национални стандарди по прифатлив сектор претставува составен дел од ова Упатство и е дадена како Прилог 3.
Барателите кога доставуваат конечно барање за исплата треба да достават и документи кои се издадени од страна на надлежните органи како што се:
- Агенција за храна и ветеринарство за почитување на јавното здравје во согласност со Законот за безбедност на храната (се применува за инвестиции поврзани со хигиена во млекото и на фармски активности за преработка во рамките на оваа мерка) и стандардите за благосостојба на животните во согласност со Законот за благосостојба на животните (се однесува само за секторот сточарство и преработки на фарма – колење);
- Единиците за локалната самоуправа или Министерство за животна средина и просторно планирање за стандарди за заштита на животната средина во согласност со Законот за животната средина (за инвестиции поврзани со изградба на нови објекти, предмет на условите од законот за градба и инвестиции во интензивно одгледување на свињи и живина).
Во случај документите на органите да посочуваат дека подносителот не ги исполнува стандардите и доколку е доделен преоден (транзициски) период за усогласување, пред доставување на конечното барање за исплата, договорот меѓу корисникот и Агенцијата може да се продолжи со времетраење кое на корисникот му овозможува доволно време за постигнување на тие стандарди пред доставување на конечното барање за исплата. Продолжувањето на времето на договорот несмее да надмине 3 години.
∗Каде што е соодветно, Агенцијата може да добие документ со кој се потврдува почитувањето на важечките национални минимални стандарди по службен пат, односно преку пристап до електронската евиденција или во писмена форма преку барање до надлежните органи одговорни за соодветниот стандард.
Економска оддржливост
Финансиска поддршка може да биде доделена на корисници кои што предлагаат инвестиции со финансиска/економска оддржливост. Економската и финансиската оддржливост ќе бидат проценети врз база на Техничкиот предлог проект или Деловен план.
Во случај на предложени проекти кои што имаат вкупен буџет на прифатливи средства под 50.000 евра, економската оддржливост се демонстрира преку Технички предлог проект кој што ќе содржи финансиски индикатори во смисла на генерирање доволен приход кој што ќе ги достигнува оперативните трошоци на земјоделското стопанство.
Во случај на предложени проекти кои што имаат вкупен буџет на прифатливи средства над 50.000 евра и во случај кога барател е земјоделска задруга, економската оддржливост треба да се покаже преку Деловен план.
Барателот треба да демонстрира континуитет на работењето во текот на најмалку пет години по реализација на инвестицијата.
Напомена: Техничкиот предлог проект/Деловен план потребно е да бидат изготвени согласно утврдениот образец за изготвување на Техничкиот предлог проект/Деловен план, кои може да се превземат од интернет страната на Агенцијата: www.ipardpa.gov.mk.
Специфични критериуми по типови на инвестиции
Инвестиции во системи за наводнување:
- Инвестициите кои се однесуваат на воспоставување на нови системи за наводнување или на санација/надградба на постојната мрежа за наводнување на имотот на земјоделското стопанство (кое може да биде во сопственост или со право на користење од страна на барателот);
- Во Техничкиот предлог проектот/Деловениот план за инвестиции во нови системи за наводнување или реконструкција на постоечки, треба да биде елабориранa ефикасноста при користење на водата и водните резерви и ефективноста од инвестицијата во однос на потрошувачката на вода.
- Доколку барањето се однесува на реконструкција на постоечки системи за наводнување, во Техничкиот предлог проект/Деловениот план треба да биде елабориран постоечкиот систем за наводнување и неговата неефикасност во однос на потрошувачката на вода и на каков начин користењето на поефикасен систем за наводнување ќе допринесе за поефикасно користење на водата и водните резерви;
- Доколку барателите предлагаат инвестиции во нови системи за наводнување или реконструкција на постоечки системи, во фаза на поднесување на барањето за финансиска поддршка треба да достават и доказ (документ) за докажување на достапен извор за вода за наводнување. Документот за докажување може да биде во форма на договор со А.Д Водостопанство или дозвола за користење на вода за наводнување издадена од Министерство за животна средина и просторно планирање кои го одобруваат користењето на изворот за вода (подземна, надземна и сл.) за наводнување во согласност со Законот за води, или други јавни договори склучени со јавни органи надлежни за вода и комунални работи каде што е применливо или други приватни договори.
- Во случај на инвестиции во санација/надградба на постоечки систем за наводнување каде апликантот има договор со Водните заедници или Водостопанските претпријатија или други јавни договори склучени со јавни органи надлежни за вода и комунални работи каде што е применливо или други приватни договори, треба со барањето за финансиска поддршка да се достави доказ за платени обврски кон истите.
- Во случај на инвестиции во нови системи за наводнување каде апликантот има договор со Водните заедници или Водостопанските претпријатија или други јавни договори склучени со јавни органи надлежни за вода и комунални работи каде што е применливо или други приватни договори, треба со барањето за исплата да се достави доказ за платени обврски кон истите.
Инвестиции во оранжерии:
- Проектите поврзани со воспоставување или модернизација на оранжерии се ограничени на инвестиции во пластеници и стакленици (не се поддржуваат привремените пластеници – тунели).
Инвестиции во повеќегодишни насади:
- Садниот материјал треба да биде во согласност со Листата на одобрени или признаени овошни сорти и/или Листата на домашни и странски сорти на трпезно грозје и во согласност со Анекс 1 од Директивата на Советот на ЕУ 2008/90/EC. Лозите или лозниот саден материјал треба да биде во согласност со Националната сортна листа согласно Законот за семе и саден материјал и Законот за вино или со Општиот каталог на сорти на вино и сорти на винова лоза и подлоги на ЕУ важечки во времето на објавување на јавниот повик. Сортите на Noah, Othello, Isabelle, Jacquez, Clinton и Herbemont се сметаат како хибридни сорти и не се дозволени според Законот за вино;
- Во случај на повторно засадување на долгогодишни насади со истата сорта на истата земјоделска површина/парцела, набавката на садниот материјал треба да биде придружена со инвестиции кои водат кон модернизација (набавка на земјоделска механизација или опрема и опрема и или/системи за рационално (штедливо) користење на вода за наводнување);
- Лозовите насади кои се во сопственост на барателот или се со право на користење мора да бидат регистрирани во Националниот регистар за лозови насади пред поднесување на конечното барање за исплата.
Инвестиции во сточарско производство:
- Одгледувањето на животни/живина треба да биде во адекватен простор и простории со обезбедени соодветни услови за одгледување како и дополнителен простор. Минималната големина на дозволен простор по животно (крави, овци, кози, свињи и нивните потомци) треба да биде во согласност со „Правилникот за условите и начинот на заштита на фармски животни” на крајот на инвестицијата;
- Минимална големина на дозволен простор за живина, треба да се почитува како што следи:
- Просторот за одгледување на живина за месо треба да биде со густина на чување кој не надминува 42 кг/м² или 17 бројлери по м²;
- Просторот за одгледување на несилки треба да биде со најмалку 750 cm² кафезна површина по кокошка (систем за одгледување во кафези) и/или густина која не надминува повеќе од 9 носилки на 1 m², со по најмалку едно гнездо на секои 7 кокошки и соодветни гранки (стоилки) во случаи на алтернативно одгледување на живина.
- Барателите кои предлагаат инвестиции во сточарско производство, во Техничкиот предлог проектот/Деловениот план треба да елаборираат дека сточарските објекти се надополнети со системи за изѓубрување, системи за справување и складирање во согласност со опциите наведени во Прилог 5 од Упатството или да предложат инвестиции за воспоставување и надградба на објекти за справување и складирање на арското ѓубре до минимално опишаните опции;
- Барателите кои се занимаваат со интензивно одгледување на свињи со повеќе од 2 000 легла за гоени свињи (над 30 кг) или 750 легла за маторици или инсталации за интензивно живинарство со повеќе од 40 000 легла за живина во согласно со Законот за животна средина, можат да предложат инвестиции за спроведување на активности од оперативните планови за воспоставување на интегрирани еколошки барања. Документот со кој се докажува дека оперативните планови се договорени/одобрени од страна на МЖСПП треба да биде поднесен при аплицирањето за поддршка, а документот со кој се докажува позитивната оценка за спроведените активности издаден од МЖСПП треба да се достави на крајот од инвестицијата со конечното барање за исплата.
Инвестиции во пост-бербени активности:
- Инвестициска поддршка за пост-бербени активности, преработка на земјоделското стопанство и директен маркетинг во рамки на оваа мерка ќе биде доделена само за сопственото земјоделско производство, произведено на земјоделското стопанство или земјоделското производство на членовите на задругата и ќе се оценува од страна на Агенцијата врз основа на Tехнички предлог проект/Деловен план и преку последователни контроли.
Инвестиции во обновливи извори на енергија:
- Инвестиции во производство на енергија од обновливи извори (биомаса, ветер, сонце, хидро, геотермална итн. и/или преку преработка на растителни и животински производи од примарна и секундарна биомаса, опфатени со Анекс I од Договорот со ЕУ), само во случај кога инвестицијата се однесува на производство на обновлива енергија, која е во рамките на потребниот капацитет на потрошувачка на корисникот (земјоделското стопанство).
