Ипард Мерка 7 – Диверзификација на фарми и развој на бизниси

Ipard-merka-7

Цели на мерката

Општи цели:

Главната цел на оваа мерка е поттикнување на вработувањето преку создавање на нови и задржување на постојните работни места, со што зголемува нивото на економска активност во руралните средини, се подобрува квалитетот на живот и се намалува руралната депопулација.

Диверзификацијата е неопходна за развој, зголемување на вработувањето и одржлив развој на руралните средини, со што се придонесува за подобра територијална рамнотежа, како на економски така и на социјален план.

Специфични цели:
  • Да се одржат земјоделските активности во руралните средини преку овозможување на одредени услуги.
  • Развивање и промовирање на руралниот туризам.
  • Развивање на не-земјоделски микро и мали претпријатија кои се базираат на локални ресурси и кои се поврзани со подобрување на квалитетот на живот во руралните средини.
  • Да се зачуваат и развијат традиционалните занаетчиски активности.
  • Да се промовира претприемништвото во руралните средини.

Финансиска поддршка предвидена со мерката

Минималната вредност на вкупно прифатливите трошоци на предложената инвестиција (проект) за оваа мерка не може да биде пониска од 1.500 евра во денарска противвредност не вклучувајќи го данокот на додадена вредност (ДДВ), додека максималната финансиска поддршка која може да биде доделена на еден корисник по оваа мерка по поединечен проект изнесува 1.000.000 евра во денарска противвредност не вклучувајќи го ДДВ.

Максималната финансиска поддршка која може да биде доделена на еден корисник по оваа мерка е 1.500.000 евра во денарска противредност не вклучувајќи го данокот на додадена вредност (ДДВ) за целиот период на спроведувањето на Програмата.

Вкупната финансиска поддршка (75% од ЕУ фондовите + 25% национално кофинансирање) која се исплаќа во вид на кофинансирање на инвестицијата во рамки на оваа мерка изнесува до 65% од вкупните прифатливи трошоци на инвестицијата.

Корисниците може да поднесат повеќе проекти во рамките на оваа мерка во текот на спроведувањето на Програмата под услов максималната вкупна финансиска подршка да не биде надмината и финално барање за исплата за претходно реализираниот проект да е доставено до Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

Локација на прифатлива инвестиција

Проектот е прифатлив за финансирање доколку локацијата на која е планирано да се реализира инвестицијата се наоѓа во рурална средина во согласност со „Листата на рурални средини” дадена како Прилог 2 кон ова упатство.

Приоритетни сектори

  1. Инвестиции во алтернативно земјоделско производство:
  • Одгледување на печурки и тартуфи;
  • Хортикултура (расадници и одгледување на цвеќе и цветни папки, украсни растенија, дрва);
  • Производство на семенски и саден материјал;
  • Одгледување на зајаци;
  • Одгледување на полжави;
  • Одгледување на птици за јајца и месо – патки, гуски, мисирки, тетреби, ноеви, емуа и бисерки;
  • Одгледување на дивеч;
  • Пчеларство;
  • Одгледување на билки, семиња, и други зачински и ароматични растенија; Насади на дрвја (брзо растечки) за дрвена граѓа и био-маса;
  • Рибници за производство на слатководна риба.
  1. Инвестиции во производство на прехрамбени производи и пијалоци:
  • Алкохолни производи од грозје или овошје и пиво;
  • Колачи, тестенини и пекарски производи;
  • Чај и билни екстракти;
  • Зачини и билки;
  • Слатководна риба, ракови и мекотели и
  • Други производи кои не се наведени во Листа на производи од Анекс I на Договорот за фунционирањето на ЕУ дадена како Прилог 3 кон ова Упатство.

 Напомена: Согласно ИПАРД Програмата 2014-2020 со Мерка 7 “Диверзификација на фарми и развој на бизниси”, се дава поддршка за производство на производи од Анекс I, односно сектори за преработка и додавање додадена вредност на следниве земјоделски производи: пчелен мед, храна и добиточна храна, лековити билки и зачини, рибарство, шумарство итн. и производство на преработени земјоделски производи кои не се наведени во Анекс I од Договорот. (стр 163 од ИПАРД II Програмата).

  1. Инвестиции во производство на не-прехрамбени производи:

Сите производствени активности кои се однесуваат на не-прехранбени производи согласно прилог 5 на ова упатство “Листа на прифатливи не-прехрамбени активности по мерка 7 “Диверзификација на фарми и развој на бизниси”.

  1. Инвестиции во занаетчиски дејности:

Сите дејности пропишани со „Правилник за измена на Правилникот за определување на дејностите кои можат да ги вршат занаетчиите “Службен весник на Република Македонија бр 44/09”

  1. Инвестиции во обезбедување на услуги во земјоделството:
  • Воспоставување и унапредување на ветеринарните служби;
  • Воспоставување и реновирање на работилници за одржување и поправка на земјоделска механизација, машини и опрема;
  • Воспоставување на услуги за изнајмување на земјоделска механизација и машини (машински прстени)
  1. Инвестиции во услуги за руралното население:
    • Услуги за поправка и одржување;
    • Услуги за теренско (пејсажно) уредување;
    • Услуги за грижа на домашни миленичиња;
    • Услуги за престој и нега (домови за стари лица, за рехабилитација, итн);
    • Услуги за дневно згрижување на деца;
    • Обука и образовни центри за било која професија, хоби или целна самонадградба, спорт и рекреација, услуги за поддршка на образование, информатички центри; Кино, локална радиодифузија, локална телевизија.
  2. Инвестиции во рурален туризам:
  • Туристичко сместување во внатрешен простор (соби, апартмани, ноќевање и појадок, само-угостителски колиби)
      • Предложени од физичко лице: постигнатиот капацитет не треба да биде повеќе од 10 соби во кои може да се сместат најмногу 20 лица (не вклучувајќи дополнителни кревети за деца);
      • Предложени од правно лице: постигнатиот капацитет не треба да биде повеќе од 20 соби во кои може да се сместат најмногу 50 лица (не вклучувајќи дополнителни кревети за деца);
• Туристичко сместување на отворено (кампови, бунгалови, камп-приколки)
      • Предложени од физичко лице: постигнатиот капацитет не треба да биде повеќе од 10 сместувачки единици или да се сместат 30 лица;
      • Предложени од правно лице: постигнатиот капацитет не треба да биде повеќе од 30 сместувачки единици или да се сместат 90 лица;
• Угостителска дејност (готвење и служење на храна)
      • Предложени од физичко лице: постигнатиот капацитет за послужување да не надмине 50 лица;
      • Предложени од правно лице: постигнатиот капацитет за послужување да не надмине 150 лица;
• Комбинирани услуги – сместување и угостителски услуги
      • Предложени од физичко лице: постигнатиот капацитет не треба да биде повеќе од 10 соби во кои може да се сместат најмногу 20 лица (не вклучувајќи дополнителни кревети за деца) или на отворено најмногу 10 сместувачки единици или да се сместат 30 гости истовремено и да се послужат 50 лица;
      • Предложени од правно лице: постигнатиот капацитет не треба да биде повеќе од 20 соби во кои може да се сместат најмногу 50 лица (не вклучувајќи дополнителни кревети за деца) или на отворено најмногу 30 сместувачки единици или да се сместат 90 гости истовремено и да се послужат најмногу 150 лица;
      • Обезбедување на простории за дегустација/продажба за директен маркетинг на производите;
      • Рурални музеи (згради и изложбени предмети за разгледување на историски, природни, традиционални, образовни, земјоделски и други добра од руралните средини, како и ботанички и зоолошки градини);
      • Обезбедување на простории за семинари и обуки, едукативни фарми;
      • Обезбедување на рекреативни активности за туристите.

Напомена: Инвестициите во изградба/реконструкција на објектите за рурален туризам треба да се градат со прилагодување на стилот со традиционалната архитектура на руралните средини или да се во согласност со пејсажниот амбиент на околината, која може да се прикаже преку Техничките цртежи и дизајн од страна на овластени архитекти, и елаборирани во Деловниот план.

Кој може да биде корисник

Физички лица кои се регистрирани со живеалиште во рурална средина или имаат регистрирано економска активност во рурална средина: 

  • Физичко лице кое е регистрирано како занаетчија во Регистарот на занаетчии, согласно Законот за занаетчиска дејност за активности за кои е предложена инвестицијата:
  • Физичко лице кое е регистрирано како угостител (вклучувајќи сместување) во Регистарот за угостители согласно Законот за угостителска дејност, за активностите за кои е предложена инвестицијата;
  • Физичко лице кое е регистрирано како Трговец поединец во Централниот регистар во согласност со Законот за трговски друштва;
  • Физичко лице регистрирано во Единствениот регистар на земјоделските стопанства како претставник на семејно земјоделско стопанство или друг член на семејно земјоделското стопанство и
  • Физичко лице регистрирано како индивидуален земјоделски производител во Регистарот на индивидулни земјоделски производители во Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство или во Фонд за пензиско и инвалидиско осигурување.

Физички лица кои предлагаат нови инвестиции за стапување во економски активности во руралните средини (на пример за самовработување) се прифатливи за поддршка во рамките на оваа мерка само доколку ги исполнат специфичните барања, односно доколку тој/таа:

  • поседува докажани професионални способности преку стручно образование или стручна обука или друг професионално признат сертификат за одделна стопанска не-земјоделска дејност;
  • се обврзе дека на крајот на инвестицијата (пред поднесување на конечното барањето за исплата) тој/таа ќе ја регистрира економската активност како занаетчија, угостител или трговец поединец во општината каде што се наоѓа руралната средина.

Правни лица регистрирани во Централниот регистар во ранг на микро и мали претпријатија доколку тие ги исполнуваат критериумите утврдени во Препораката 2003/361/ЕС (истата може да се превземе од веб страната на Агенцијата www.ipardpa.gov.mk), кои се сумирани во следната табела:

 

Ранг на претпријатие Број на вработени Годишен приход

(обрт)

Биланс на состојба
Мало <50 ≤ € 10 милиони ≤ € 10 милиони
Микро < 10 ≤ € 2 милиони ≤ € 2 милиони

 

Напомена: Согласно методологијата за пресметка на големина на субјект од наведената препорака, во предвид се земаат партнерските и поврзани субјекти на барателот. Новоформираните претпријатија ќе се оценуваат врз основа на очекувана големина како што е предложено во техничкиот предлог проект / деловниот план.

Потребните податоци врз основа на кои може да се утврди големината на правниот субјект се добиваат од документот „ПРЕГЛЕД НА ПОДАТОЦИ ОД ГОДИШНАТА СМЕТКА ” издаден од Централен Регистар на Република Северна Македонија.

Задруга која е регистрирана во Централниот регистар, во согласност со Законот за задруги и која првенствено се занимава со земјоделска дејност, сеча на дрва, собирање на шумски производи, преработка на земјоделски и шумски производи,  маркетинг на земјоделски производи и/или услуги поврзани директно со земјоделски и шумски активности. Предложената инвестиција треба да биде во согласност со целите на задругата, а кои се наведени во статутот на задругата.

 

ИПАРД – Трошоци кои се прифатливи

а. Материјални вложувања (трошоци)
  • Набавка на градежни материјали и елементи за изградба или реконструкција на згради и објекти;
  • Набавка на нови машини и опрема;
  • Набавка на нова земјоделска механизација;
  • Набавка на повеќегодишни садници (освен хибриди).
б. Не-материјални вложувања (поврзани со прифатливите трошоци под точка а)
  • Постигнување согласност со меѓународно признаени стандарди како што се:
  • Воведување на системи за управување во претпријатијата (на пример –ISO9000:2005; ISO 9001:2000; ISO 14001:2004 (EMAS); ISO 900; ISO / ТR 10013:2001; ISO 19011:2002; ISO 27001; вклучувајќи ИТ-основни системи, итн);
  • Подготовка за сертификација под НАССР (Анализа на опасност на критични контролни точки);
  • За исполнување на Добра производна пракса (ДПП) во претпријатијата
  • Стекнување на патентни права и лиценци;
  • Компјутерски софтвер вклучувајќи софтверски лиценци;
  • Инсталација на машини и опрема (со исклучок на механичар);
  • Услуги за изградба / реконструкција (вклучувајќи технички надзор).
в. Општи трошоци (поврзани со прифатливите трошоци во точка (а) и (б)
  • Подготовка на техничка документација, градежни планови и придружни студии;
  • Подготовка на Деловен план: Пресметки на трошоци, анализи, анализи на пазарот, маркетинг анализи; Подготовка на документи за проценка на влијанието на проектот врз животната средина;
  • Управување со проекти.
г. Трошоци за специфични информативни и рекламни активности на ниво на проект, кои се под надлежност на крајните корисници
  • Билборди;
  • Плакети;
  • Налепници и др.

Напомена: Деталната Листа на прифатливи трошоци за оваа мерка е составен дел од ова Упатство дадена како Прилог 1 на ова упатство. Општите трошоци како што се надоместоците за архитекти и инженери и консултанти, физибилити студии, стекнување со патентни права и лиценци не можат да надминат 12% од вкупните прифатливи трошоци на инвестицијата. 

Специфичните пониски граници може да се утврдат во зависност од типот на инвестицијата.

Tрошоци кои не се прифатливи

Следните трошоци ќе се сметаат за неприфатливи:
  • Даноци, вклучувајќи данок на додадена вредност;
  • Царини и увозни давачки, и слични давачки;
  • Купување, изнајмување или закуп на земја и постојни објекти, независно од тоа дали закупот резултира со пренесување на правото на сопственостна закупецот;
  • Парични казни, финансиски казни и трошоци од судски спорови; камата на долг;
  • Оперативни трошоци;
  • Половни машини и опрема;
  • Банкарски трошоци, трошоци за гаранции и слични давачки;
  • Трошоци за менување валута, давачки и загуби во размена поврзани со ИПАРД евро сметката, како и други чисто финансиски трошоци;
  • Придонеси во натура;
  • Купување на права за земјоделско производство, животни, едногодишни растенија и нивно засадување;
  • Трошоци за одржување, амортизација и трошоци за наем.

Правила за потекло на трошоците

Доколку вредноста на набавката / инвестицијата е под 100.000 евра прифатливите трошоци поврзани со инвестицијата можат да потекнуваат од било која земја.

Во случај кога набавката / инвестицијата се состои од повеќе делови / ставки, правилото е применливо само за деловите / ставките под 100.000 евра. Поделбата по делови / ставки потребно е да биде легитимна, односно да не се вршат вештачки поделби на набавката / инвестицијата на помали делови / ставки со цел заобиколување на прагот од 100.000 евра.

Доколку вредноста на набавката е со износ поголем од 100.000 евра, во тој случај потеклото на стоките потребно е да биде од некоја од следните прифатливи земји:

  • Земји членки на ЕУ:

Австрија, Белгија, Данска, Финска, Франција, Грција, Ирска, Италија, Луксембург, Германија, Холандија, Португалија, Шпанија, Шведска, Велика Британија, Кипар, Чешка, Естонија, Унгарија, Малта, Латвија, Литванија, Полска, Словачка, Словенија, Бугарија, Романија и Хрватска.

  • Земји кандидати за ЕУ:

Турција, Србија, Црна Гора, Албанија и Република Северна Македонија.

  • Земји потенцијални кандидати за ЕУ:

Босна и Херцеговина, Косово.

Земји од Инструментот за европско соседство и партнерство:

Алжир, Ерменија, Азербејџан, Белорусија, Египет, Грузија, Израел, Јордан, Либан, Либија, Молдавија, Мароко, Палестинска самоуправа на Западниот брег и појасот Газа, Сирија, Тунис, Украина, Норвешка, Лихтенштајн, Исланд, Швајцарија и Руска федерација.

*Листата е само индикација за можни земји на потекло и не ја исклучува можноста за појава на дополнителни прифатливи земји како и исклучување на одредени земји од листата на прифатливи земји од табелата

Набавките може да потекнуваат од било која земја доколку износот на набавката е под прагот за примена на постапката за прибирање на понуди со преговарање (во моментов 100.000 евра во денарска противвредност). За целите на овие програмски средства, поимот “потекло” е дефиниран во членовите 23 и 24 од Регулативата (ЕЕЗ) бр 2913/9238 и друго законодавство на Заедницата кое се однесува на непреференцијално потекло.

 

Набавка до 100.000 евра Набавки над 100.000 евра
Правилата за потекло не се применливи. Трошоците поврзани со инвестицијата може да потекнуваат од било која земја Правилата за потекло на трошоците се применуваат. Трошоците поврзани со инвестицијата мора да потекнуваат од т.н прифатливи земји.

 

Економска оддржливост

Финансиска поддршка може да биде доделена на корисници кои што предлагаат инвестиции со финансиска/економска оддржливост. Економската и финансиската оддржливост ќе бидат проценети врз база на Техничкиот предлог проект или Деловен план.

Во случај на предложени проекти кои што имаат вкупен буџет на прифатливи средства под 50.000 евра, економската оддржливост се демонстрира преку Технички предлог проект кој што ќе содржи финансиски индикатори во смисла на генерирање доволен приход кој што ќе ги достигнува оперативните трошоци на земјоделското стопанство.

Во случај на предложени проекти кои што имаат вкупен буџет на прифатливи средства над 50.000 евра економската оддржливост треба да се покаже преку Деловен план.

Барателот треба да демонстрира континуитет на работењето во текот на најмалку пет години по реализација на инвестицијата.

Напомена: Техничкиот предлог проект/Деловен план потребно е да бидат изготвени согласно утврдениот образец за изготвување на Техничкиот предлог проект/Деловен план, кои може да се превземат од интернет страната на Агенцијата: www.ipardpa.gov.mk.

 

Општи критериуми за доделување на средства

Инвестициите треба да се реализираат на имот кој е во сопственост на барателот. Во случај на инвестициски проекти, кои се реализираат на имот кој не е во сопственост на барателот потребно е да се прикаже документ  со кој се докажува право на користење на имотот кој е предмет на инвестицијата, за период од најмалку 7 години од денот на поднесување на барањето за финансиска поддршка.

Барателот – физичко лице треба да обезбеди потврда, документ за докажување на  професионалните компетенции за одделна економска не-земјоделска дејност со најмалку средно образование или високо образование или стручно образование и стручна обука со диплома / уверение. Кандидатите кои не ги исполнуваат горенаведените вештини и компетенции, на крајот на инвестицијата треба да обезбедат сертификат за обука кој е издаден од страна на релевантните стручни институции за обука, едукативни и истражувачки институции или јавни советодавни услуги, вклучувајќи ја листата на присуства на модули за обука во врска со инвестициите.

Најмалку едно одговорно лице на индивидуалниот земјоделски производител, правното лице или земјоделската задруга треба да е во редовен работен однос или да биде ангажиран под договор со времетраење од не помалку од пет години. Физичките лица треба да бидат постојано вработени како трговци поединци, занаетчии или угостители. Во случај на нови инвестиции овој услов треба да се постигне на крај на инвестицијата пред поднесувањето на конечното барање за исплата.

Барателите претставувани од страна на правно лице во случај нивниот капитал да е во сопственост на јавен орган или органи или од страна на државата со повеќе од 25%, не се прифатливи корисници по оваа мерка.