Горките пеги се појава на мали, вдлабнати кафеави дамки на лушпата на јаболката, најчесто во близина на крајот на цветот. При сечење, ткивото под дамките е потемнето и плутасто. Проблемот понекогаш се забележува уште на дрвото, но најчесто се развива подоцна, за време на складирањето.
Ова не е болест предизвикана од штетници или механички оштетувања, туку физиолошко нарушување поврзано со нутритивен дисбаланс — пред сè со недоволна содржина на калциум во плодот. До ова водат неколку клучни фактори:
- Недостаток на калциум: Недоволното снабдување со калциум за време на интензивниот раст на клетките е главна причина за појава на горки пеги. За разлика од многу други хранливи материи, калциумот слабо се движи низ растителното ткиво, па неговата распределба е предизвик. Важна е правилната исхрана, особено пред берба. Калиумот и азотот се „натпреваруваат“ со калциумот за апсорпција; несоодветен сооднос K/Ca или N/Ca (односно прекумерен калиум и/или азот) може да предизвика функционална блокада на калциумот и покрај неговото присуство во почвата.
- Прекумерно наводнување или стрес од суша: Топли и суви лета го зголемуваат ризикот поради воден стрес и намалена апсорпција на калциум. Од друга страна, претераното наводнување исто така ја отежнува апсорпцијата. Прецизното димензионирање на количината и динамиката на водата е клучно.
- Несоодветна pH вредност на почвата: Непогоден pH ја нарушува достапноста и апсорпцијата на хранливите материи. Оптималниот опсег за јаболка е pH 6,0–6,5.
Превенција и управување
- Балансирана исхрана врз основа на изработен план: Потребно е стручно лице да изработи план за исхрана врз основа на агрохемиска анализа на почвата, состојбата на насадот и очекуваниот принос. Планот да вклучи насоки за основно ѓубрење и фолијарна прихрана, со посебно внимание на соодносите K/Ca и N/Ca и одржување на соодветен pH.
- Управување со водата: Да се избегнуваат големи флуктуации на влажноста и прекумерно наводнување. Потрено е да се користат јасни залевни норми според типот на почва, фазата на раст и временските услови.
- Проредување на плодовите: Со отстранување на вишокот плодови се подобрува распределбата на калциум кон преостанатите јаболка и се намалува ризикот од горки пеги.
Наш совет
Тестирајте почва (и лист доколку сте во можност) барем еднаш по сезона, особено ако во насадот веќе имате историја со појава на горки пеги и коригирајте го планот на исхрана според резултатите.
Вклучете 4–6 фолијарни третмани со калциум од заметање до пред берба; одберете формулации со добра листна апсорпција и ниска фитотоксичност.
Ограничете лесно достапен азот по јунското природно проредување и внимавајте на прекумерен калиум во доцна сезона.
Одржувајте pH 6,0–6,5; внесувајте ѓубриво со соодветна киселост, согласно направените испитувања и добиените резултати.
Стабилизирајте наводнување: мали, почести залевања со мониторинг на влажноста на почвата. (сензори за влажност)
Спроведете навремено проредување за рамнотежа помеѓу вегетативен раст и оптовареност со плод.




