Есенско садење на овошки

Есенско садење на овошки

Садење на овошките може да се реализира во есен или пролет. Сепак стручните лица препорачуваат доколку е можно садењето на овошки да се направи во есен. Зошто е тоа така прочитајте во текстот подолу.

Есенско или пролетно садење на овошки, што е подобро? Ова е вечно поставуваното прашање особено од неискусни лица и почетници во оваа област. Стручните лица имаат свои аргументи зошто е подобро садниците да се садат во есен. Најважен е оној со кој се скратува времето на манипулација од вадењето на садниците па до садењето. Се избегнува сушењето на коренот. Условите на почвата се подобри и му овозможуваат на коренот од садницата побрзо да се прилагоди.

Есенско садење

Земјата има топлина и влага со што го поттикнува кореновиот систем на раст. Доколку има некои оштетувања на коренот, побрзо заздравуваат и се јавуваат  нови. Ова овозможува полесно прилагодување на садницата на новата средина. Добро се вкоренува во почвата со што се постигнува подобра рамнотежа на подземниот и надземниот дел на овошката. Со ова ќе се обезбеди сигурен раст и развој на садницата. Коренот на пролет ќе може ефикасно да ја извршува улогата на исхрана на надземниот дел од овошкта.

Време на садење на овошни садници

Садењето на овошки во есен може да се прави сè додека почвата не е замрзната, а температурата на воздухот не паднала под нула. Почвата има влага и не е неопходно залевање на садниците веднаш по садењето. Освен ако годината била многу сушна и почвата нема доволна влага, тогаш ќе се долее вода.Потребно е правилно да се постапува со садниците и да се внимава колку е можно да се скрати времето од вадењето на садницата до нејзиното садење. Тоа ќе ги намали евентуалните оштетувања и сушење на коренот, непотребно изложување на ветер, сонце или мраз.

Есенско садење на овошки

Покрај набавката на кавалитетни и здрави садници еве на што друго треба да се обрне внимание:

-подготовка на терен,

-агрохемиска анализа на почва,

-ѓубрење,

-план за садење,

-копање на дупки и подготовка на садниците,

-начин на садење.

Подготовка на теренот

Подготовката на теренот е многу важна. Треба да се избере положбата, експозиција, наклон, евентуална изложеност на ветрови. Теренот треба да се исчисти и да се израмни за да може подобро да се испланира садењето и останатите активности.

Агрохемиска анализа

Каков е составот на земјата и дали тој одговара за одредена овошка се дознава преку агрохемиската анализа. Од резултатите со сигурност ќе се знае со каков вид на ѓубриво ќе треба да се збогати  почвата за да може да се обезбеди правилен раст и развој на садниците .

План на садење

Од оваа постапка ќе завиди како ќе изгледа иодниот овоштарник. Треба да се испланира колку садници  и од кои сорти ќе се садат. Во кој правец ќе бидат подигнувани редовите. На кое растојание ќе бидат редовите, а на кое растојание ќе се садат садниците.

Копање дупки и подготовка на садниците

Копањето на дупките се прави по претходно обележување, за да се запази потребното растојание. Големината на дупката треба да се прилагоди на големината на коренот на садницата, со цел да не се оштети коренот. Пред да се стави во дупката садницата треба да се подготви. Основните корени се скратуваат на 15-20 см. Се отстрануваат сите оштетени коренчиња, а здравите се оставаат.

Прочитајте на следниот линк која овошка на кое растојание треба да се сади.

Начин на садење

Садницата се става на средината од дупката во нејзина исправена положба. Длабочината на која ќе се постави треба да биде иста како онаа пред да се извади од расадникот. Спојното место каде била калемена садницата треба да остане на 5-8 см над земјата. Пред да се стави во дупката коренот на садницата се потопува во каша од ѓубре (говедска балега) со вода ( во размер 1:1) и се посипува со растресита земја. Треба добро да се нагази земјата околу садницата за коренот подобро да се прилагоди на земјата.

СЦЗРР